Германија, поточно Меркел, во 2016 во име на ЕУ ги водеше преговорите со Турција околу спогодбата чија цел е да се спречат мигрантите да го преминуваат Егејското море со брод. Ердоган ја прифати оваа обврска, плус прифати да ги прими назад сите бегалци кои ќе бараат азил на грчките острови. За возврат, за секој Сириец што Турција ќе го преземе од грчките острови, ЕУ ќе земе по еден Сириец од бегалските кампови во Турција, плус со 6 милијарди евра ќе го помогне одржувањето на бегалските кампови во Турција. Најважната придобивка што Турците успеаа да ја изборат во преговорите е дозволата за патување во ЕУ без виза.
И покрај противењето и забелешките, спогодбата ја врши својата работа, па бројот на мигранти кои секој месец пристигнуваат на грчките острови е паднат од речиси 27.000 на 1554, а бројот на жртви во Егејското море од 45 на 0. Иако, по други математики главната причина за овие бројки е затворањето на Балканската рута, а не договорот со Турција.
Додека ЕУ беше под импресија и паника дека бегалците ќе ја прегазат Унијата, многу лесно заобиколуваше некои непријатни вистини околу нивниот сојузник од Анкара. Откако се олабави притисокот, а и Ердоган направи неколку сериозни промени, како менување на уставот и чистка по воениот удар, Европа, а посебно Германија, почна а негодува околу целото ова партнерство, и зависноста на Берлин од помошта од Анкара.
Вака свежо обновеното право на ароганција на ЕУ во однос на она што е надвор од Унијата, се манифестира во нејзиното одбивање да ја потврдат либерализацијата на визниот режим со Турција. Моментално Европскиот парламент не сака да чуе за такво нешто се додека Ердоган не го омекне турскиот закон против тероризам, што тој одбиваше да го направи дури и пред обидот за пуч.
Едниот проблем за Германија, што го влече веќе неколку децении, е бројната турска популација во нејзините граници, 3,5 милиони луѓе според пописот од 2010. Дојдени во 60-те години од минатиот век како гастарбајтери, тие со тек на време добиваат и германско државјанство, иако истовремено се уште го задржуваат турското.
Другиот, новокомпониран, проблем е што со поддржувањето на спогодбата се појави ризик Германија да стане соучесник во авторитарните тенденции на Ердоган, откако "желбата да се сопре протокот на бегалци доби примат над етичките дилеми".
"Во реалноста, Анкара сега врши притисок Берлин да се адаптира на нејзините норми. Во април 2016 на пример, Меркел дозволи Ердоган да започне тужба против еден германски комичар заради навреда. Турција исто така се обидува да ги затвори школите кои во Германија ги работи организацијата на Фејтула Ѓулен.
Значи сè води кон тоа дека Турција има уште посилна позиција. Но таа исто така зависи и од Германија која е нејзин главен пазар за извоз и втор извор за увоз по Кина. Исто така Западот и е потребен заради сигурност, посебно имајќи го предвид засиленото влијание на Русија во регионот. Во ноември 2015 изби дипломатска криза кога Анкара собори руски авион кој наводно влегол во нејзиниот воздушен простор. Турските власти тогаш ги повикаа на консултација членките на НАТО. Руско-турските односи се подобрија по потпишувањето на спогодбата за изградба на гасоводот во септември 2016, но и понатаму се затегнати...
... Во секој случај Германија и Турција сега имаат нераскинливи врски. Сè до сега интересите им се поклопуваа, но останува ризикот од судир. Последните неколку месеци тензиите се засилени. Ердоган ја обвини Германија дека поддржува тероризам кога одлучи да не ги екстрадира осомничените што ги бара турскиот суд. Во текот на посетата во ноември 2016, германскиот министер за надворешни работи, Штајнмаер, потсети на ангажманот на земјата во повторното отворање на преговорите за пристапување на Турција во Европската Унија; меѓутоа турската најава за враќање на смртната казна би можела да испровоцира влошени односи кои нема да бидат без последици по спогодбата за бегалците. Во случај на раскинување, и двете земји имаат начин како меѓусебно да си наштетат," пишуваат Ханс Кундани и Астрид Зајбарт во текстот за Ле Монд дипломатик.