23-годишниот Абед ал Рахман, бега од Тел Рифат во август 2012 откако владата започнала тешки воздушни напади врз бунтовничките позиции во градот. Во Турција е примен во кампот во Килс кој се смета за еден од најдобро организираните и средени кампови во регионот.
Таму живее во трособна приколка со уште 15 луѓе, а секој месец на дебитната картичка што ја добива кога се регистрира во кампот му стигаат по околу 50 долари за храна и разни потреби. Додека е таму тој цело време има и струја и вода. Заради тешкотиите во наоѓањето работа и проблемите кога ќе ја најдеш (три месеци работи како чирак за еден турски кројач, кој на крај ништо не му плаќа), Рахман решава да се врати во Сирија, објаснувајќи "тука барем ќе работам за мојот народ".
Во Сирија моментално работи во градот Азаз на распределување хуманитарна помош и услуги на градовите и селата во провинцијата Алепо кои неодамна се ослободени од ИСИС.
Иако не жали што се вратил, Рахман објаснува дека враќањето во татковината не е бајка. Областа во која живее во повеќе наврати е мета на бомбашки напади, а стравува и дека курдските сили во регионот кај да е ќе ја спукаат со бунтовниците поддржани од Турција сместени во неговиот град. На сето ова, тој плаќа околу 60 долари месечно за вода, и 50 долари за струја.
20-годишниот Абу ал-Изз ал-Димашки по 8 месеци во турски камп се враќа во Сирија за да им помогне на бунтовниците во борбата против сириските власти. Во кампот ја остава својата 60-годишна мајка која е во депресија по смртта на постариот син.
Бидејќи не може да влезе во родното Алепо, моментално под контрола на сириските власти, тој се стационира во Кафр Кармин село во регионот Алепо под контрола на бунтовниците. Живее во 4-метарски шатор со уште шест цимери, а работи како волонтер во локално НВО-а на делење помош на околните бегалски населби. Иако нема плата, живее од донациите од НВО-та за кои работи, заработувајќи околу 50 долари месечно.
Ал-Димашки има ист став за враќањето како и Рахман, не му е криво што е таму, меѓутоа заради убиствата, киднапирањата и апсењата, тоа не би му го препорачал на никого.
Третиот со кој разговара Сирија Дипли, е Низар ал-Омар, 25-годишен активист кој во јули 2016 добива германски документи за престој и е на пат да добие стипендија за пост-дипломски. Иако животот во Германија му се допаѓа по сите основи, решава да се врати назад во моментот кога сириската влада ја започнува опсадата на Алепо.
Ал-Омар пристигнува на периферијата на Алепо во октомври минатата година, кога владината офанзива го доживува најголемиот интензитет. Се бори од страна на бунтовниците во околина на градот се до јануари, кога заедно со другите борци е префрлен во Идлиб.
Моментално е во Идлиб и е невработен. Во провинцијата се сместени и уште над 900.000 Сиријци раселени од други делови на земјата.
Дали му е криво што се вратил? Не. Кога ќе заврши војната планира да се врати во Германија, "ама за сега тука сум потребен и тука ќе останам".