Објаснувајќи го општото расположение околу Северен тек 2, Тост наведува дека проектот го мразат сите од Балтик и Полска (затоа што трасата комплетно ги заобиколува и ги остава отворени за притисоци и закани од Русија, која со ова ќе може да ги тера своите ценовни политики без да го загрозува дотокот до Германија), па до Американците кои најверојатно ќе се обидат да воведат санкции за неговото комплетирање, и самите Германци кои се гневни што прв човек на проектот е поранешниот канцелар Герхард Шредер, инаку одличен пријател на Путин.
"На многу посимболичен начин, Северниот тек претставува папочна врвца што ги поврзува двете нации кои ги имаат едни од најиспреплетените и трагични билатерални односи во светот," пишува Тост.
Историски двете држави се надополнуваат една со друга. Така во 19-от век речиси половина од армиските офицери во царска Русија се со германско потекло, и оваа армиска елита за време на владеењето на Наполеон застанува со поддршка зад Германија. Според историчарите самата германска елита во тоа време се русофили, и веруваат во поврзаноста меѓу руската и германската "душа".
Ова се менува за време на Хитлер кој ги смета Источна Европа и Русија за инфериорни раси, и како простор за ширење на Ариевската раса. Германците убиваат десетици милиони луѓе на истокот. Кога војската од истокот ја поразува Германија таа масовно ги силува тамошните жени.
Од 1949 земјата има поделени гледишта за Русија. Канцеларот Аденауер ја врзува Западна Германија со Западот, САД и НАТО, а СССР преставува смртната закана за ваквата алијанса.
Во 1969 Вили Бранд започнува со "источната политика" која го отвора западот кон СССР. Потег кој многумина го сметаат за водечка причина што доведува до крајот на Студената војна.
Кога Шредер (сегашниот раководител на Северен тек), станува канцелар во 1998, тој ја продлабочува економската и бизнис соработка меѓу Германија и Русија, што значително ги зближува бизнисмените и елитите од двете страни.
Токму Шредер, заради поддршката и правдањето на постапките на Путин во Украина, Сирија и слично, е претставник на она што Германците, често пати и иронично, го нарекуваат Russlandversteher: "оној што ја разбира Русија". Карактеристично за нив е што ги има и на двете страни (лево и десно), и тоа што веруваат дека сите постапки на Русија се нејзина реакција на провокациите од НАТО.
"Меркел ги претставува Германците кои не се Russlandversteher, туку ја гледаат Русија со претпазливост. Таа расте во Источна Германија и течно зборува руски - исто како што и Путин, кој беше КГБ агент во Источна Германија, добро зборува Германски. Меѓутоа наместо срдечноста на Шредер, меѓу Меркел и Путин постои студена меѓусебна почит. Токму таа, повеќе од кој било друг западен лидер, го држи Путин под контрола по неговата инвазија на Украина," пишува Тост.
Во исто време Меркел е свесна колку застрашувачки им изгледа гасоводот Северен тек на земји како Полска или балтичките републики, "кои се уште се трауматизирани од сеќавањето на пактот меѓу нацистите и советите од 1939". И покрај ова лобирањето и позитивното расположение на Германија кон проектот е толку големо што дури ни Меркел не може, или нема, да ја спречи неговата изградба.
"Германија и Русија изгледаат проколнати да останат поврзани во својата колебливост кон другиот," порачува Тост.