Откако доцна во петокот се прибра од Брисел со успешно излактан договор околу тоа како ЕУ по ново ќе се справува со мигрантите, Меркел имаше работен викенд кој го минува обидувајќи се да ја спаси својата коалиција која со маки ја состави по минатите избори. Во понеделникот вечерта Меркел веќе имаше постигнато договор со кој ем го задржува својот министер за внатрешни, ем коалиционата владата останува.
Со новиот договор, мигрантите кои сакаат да влезат во Германија, а веќе се регистрирани во други ЕУ држави, нема автоматски да бидат одбиени на границата туку ќе бидат сместени во транзитни центри на германската граница со Австрија. Од таму барателите на азил кои ќе бидат одбиени Германија планира да ги врати во земјите од каде што влегле во ЕУ, со кои имаат постигнато таков договор. Оние кои доаѓаат од земји со кои нема таков договор, ќе завршат во Австрија (нешто што допрва треба да биде потпишано со Виена).
Иако германскиот министер за внатрешни работи и претседател на ЦСУ, Херст Зехофер, ваквиот договор првично го отфрла и заради него се заканува дека ќе си поднесе оставка, по само еден ден од ваквата галама тој изјавува дека всушност е „многу задоволен“ од договорот. Меѓутоа откако се затвори темата Зехофер, се кренаа Австријците, кои не се согласуваат со ваквата пракса и порачаа дека ако Германија почне да враќа бегалци во Австрија и тие ќе ги затворат своите јужни граници, „што ќе доведе до колапс на системот на отворени граници.“
На целата работа се надоврзува и Италија која е главен извор на „секундарни“ мигранти во Германија, и која по промената на власта нема никаква намера да прима дополнителни баратели на азил, посебно не вратени од ЕУ земјите, кои и онака цело време ги критикува дека не преземаат доволен дел од одговорноста.
„Се на се ова е чуден договор со сериозни мани - заради што тој исто така е типичен за Меркел и нејзината тајна за надитрување на противниците и задржување на власта. Повторно и повторно, таа успева да направи крпеница од коалиции и привремени договори кои задоволуваат доволен број на луѓе на доволно време за да ја заштита нејзината власт до следната криза, кога повторно ќе го направи истото,“ пишува Јасмин Ширан во текстот за Атлантик.