Додека ОПЕК се мачи да најде цел на своето постоење, САД, Русија и Саудиска Арабија доминираат со глобалното снабдување. Заедно тие произведуваат повеќе нафта отколку 15-те членки на ОПЕК. Сите три вадат нафта со рекордна стапка и секој од нив би можел следната година да го зголеми производството, иако може и да не се решат на тоа.
Дали производството на Големите 3 ќе продолжи да го надминува производството на ОПЕК зависи од зборовите на и постапките на Трамп, Путин и Бин Салман.
Саудиска Арабија и Русија беа тие кои во јуни го предводеа притисокот ОПЕК да ги намали ограничувањата на производството на нафта кои беа воведени од почетокот на 2017. И двете последователно го зголемија производството на рекордни, или речиси рекордни, нивоа. Производството на САД во исто време неочекувано порасна, како што компаниите почнаа да вадат дополнителни количини нафта од Тексас.
Овој раст, заедно со помали надолни ревизии на предвидувањата за растот на побарувачката и одлуката на Претседателот Трамп да дозволи одредени купувачи да се снабдуваат со иранска нафта, го сменија расположението на пазарот од страв за недостаток на нафта во загриженост за вишок, во рок од три месеци. Резервите нафта во развиените земји членки на ОЕЦД, кои беа во пад од почетокот на 2017, повторно растат и најверојатно ќе го надминат 5-годишниот просек кога ќе излезат бројките за октомври.
Цената на суровата нафта падна заради зголеменото производство на нафта од САД, и намалената предвидена побарувачка и дозволите за купување иранска нафта.
Како што цената на нафтата почна да паѓа, Саудиска Арабија најави дека ќе го намали извозот за 500.000 барели дневно во следниот месец дена и ги предупреди останатите производители дека и тие треба да скратат 1 милион барели од производството за октомври. Ова предизвика млака реакција од Путин и брз Твитер укор од Трамп.
На Бин Салман му се потребни приходите од нафта за финансирање на својот амбициозен план за трансформирање на Саудиска Арабија, а притоа да избегне проблеми од оние кои најмногу ќе бидат погодени во процесот. ММФ предвидува дека на кралството цела следна година ќе му биде потребна цена на нафтата од 73,3 долари за барел за да може да го балансира државниот буџет. Суровата нафта моментално се тргува околу 5 долари под тоа. Пролонгирањето на кратењето на производството трета година по ред е единствен начин за да се постигне посакуваната цена.
Тој ќе се соочи со предизвици од Путин и од Трамп. Рускиот претседател не покажува некој голем ентузијазам за повторно ограничување на производството на својата земја. Буџетот на Москва е далеку помалку зависен од цените на нафтата отколку што ќе беше ако Русија се согласеше да се приклучи кон напорите на ОПЕК за ре-балансирање на нафтениот пазар во 2016, а и нафтените компании на земјата сакаат да вадат од нафтените полиња во кои инвестираа.
Путин би можел да одлучи дека одржувањето на подобрените политички врски со Бин Салман, вредат една мала жртва. Меѓутоа не е сигурно дека Русија ќе се согласи на продолжување на кратењето на производството кога производителите следниот месец ќе се соберат во Виена. Путин вели дека цената од 70 долари за барел „комплетно“ му одговара.
Противењето од Трамп - природно - ќе биде многу погласно и ќе дојде во време кога тој и Бин Салман се обидуваат да ја зачуваат својата политичка врска, додека американските сенатори размислуваат за построги санкции кон Саудиска Арабија како одговор на војната во Јемен и убиството на дисидендот новинар Кашоги.
Американското производство на нафта се очекува да ја достигне границата од 12 милиони барели на ден околу 6 месеци побрзо отколку што тоа се претпоставуваше пред една година.
Поголема американска закана за саудискиот план од твитовите на Трамп се нафтените извори во Тексас. Американските производители во последните 12 месеци го зголемија производството за обем еднаков на вкупното производство на Нигерија. Според Департманот за енергетика нивното производство до април би можело да достигне до 12 милиони барели на ден.
Саудиска Арабија ќе мора да ризикува на себе да го наведе гневнот на Трамп, незаинтересираноста на Путин и растечката американска нафтена индустрија, додека се обидува да го избалансира пазарот на нафтата во 2019.