Меѓутоа нашето ветување до Макрон имаше и втор дел: ако тој „стане само уште еден функционер на длабокиот европски естаблишмент,“ кој го тера веќе пропаднатиот неолиберализам, ние „ќе му се спротивставиме ништо помалку енергично отколку што сега и се спротивставуваме на Ле Пен“.
Олеснети од победата на Макрон, и горди на нашата јасна поддршка за него, сега ние мора да го исполниме вториот дел од ветувањето. Нема време за „меден месец“: мора веднаш да му се спротивставиме на Макрон. Еве зошто.
Изборната програма на Макрон содржи јасна намера да се продолжи со политиките на пазарот на трудот што тој почна да ги воведува како министер за финансии во владата на Франсоа Оланд. Имам зборувано со него околу овие политики и не се сомневам дека тој силно верува во нив. Тој ја следи долгата традиција за префрлање на вината врз правните ограничувања за отпуштање на работниците со постојано вработување и појавата на нова поделба меѓу заштитените и привремените работници - меѓу инсајдери со добро платени, квази-трајни позиции, и аутсајдери, кои работат како овозможувачи на услуги без никаква социјална заштита и често со договори на нула часови. Синдикатите и левицата, според ова гледиште, се конзервативната сила, бидејќи тие ги бранат интересите на инсајдерите додека ги игнорираат проблемите на растечката армија аутсајдери.
За Макрон вистински прогресивец не смее да ги поддржува само реформите што го зајакнуваат правото на работодавците да отпуштаат и менаџираат работници; подеднакво важно е и зголемувањето на социјалната безбедност на оние што останале без работа, обука за нови вештини, и субвенции за нови работни места.
Идејата е проста: ако работодавците имаат повеќе контрола врз тоа колку долго и колку многу им плаќаат на своите работници, тие ќе најмат повеќе работници под нормални договори. А подобрената мрежа на социјална безбедност ќе осигури дека ќе бидат достапни работници со потребните вештини.
Секако, нема ништо ново во оваа идеја. Позната под несреќниот неологизам "флексикјурити" таа со одреден успех е имплементирана во Данска и останатите скандинавски земји во 1990-те. Меѓутоа флексикјурити е осудено на големо да не успее во Франција, со тоа засилувајќи ги ксенофобните националисти на Ле Пен, бидејќи тоа може да функционира само во макроекономска околина на раст стимулиран од инвестиции. А тоа не е околината што новиот француски претседател ја наследи.
Во денешна Франција инвестициите во фиксен капитал, во однос на националниот приход, е на најниско ниво во последните децении а и понатаму опаѓа. Ова ги засилува очекувањата за дефлација, кои, кога отпуштањата ќе станат полесни, имплицира на рапидно намалување на перманентните позиции со полно работно време. На кратко, наместо да се средува поделбата меѓу инсајдерите и аутсајдерите, законот за пазарот на трудот на Макрон само ќе ја продлабочи.
Најголемата тешкотија за Макрон ќе биде истата како и онаа на Оланд: справување со Германија. Германската влада - и со тоа и Еврогрупата од министри за финансии на еврозоната, каде Германија доминира - никогаш не пропушта шанса да ги казни Французите за нивниот неуспех да го симнат владиниот буџетски дефицит под договорените 3% од БДП.
Макрон вети дека ова ќе го оствари со отпуштање на јавни службеници, намалување на трошењето на локалните влади и растот на индиректните даноци, што на крај може да ги погоди најсиромашните. Во секоја економија погодена од ниски и опаѓачки инвестиции, намалувањето на владината потрошувачка и растот на индиректни даноци неминовно ќе ја ослабе вкупната побарувачка, со тоа потврдувајќи ги песимистичките очекувања што ги спречуваат инвеститорите да инвестираат и и’ даваат уште еден циклус на дефлацијата.
Ако ова не е доволно, Макрон вети дека ќе се справи со неправдата што тој смета дека им тежи на Французите со ниски примања и многу имот: тој вети дека ќе ги намали даноците на богатство и имот за оние кои не генерираат приходи над одредена граница. Како и со флексикјурити, и зад ова има логика: оданочувањето на имот што не генерира приходи има мала смисла од етичка, политичка или економска гледна точка.
Дури и да е така, намалувањето на данокот на богатство пред затворање на дупките кои ќе дозволат на оние со високи приходи (кои често се и со голем имот) да не го платат својот данок на приход има малку смисла. Да се прави ова, додека се практикува штедење врз сиромашните е акт на вандализам врз и онака поделеното општество.
Макрон ги разбира пропустите во основата на еврозоната. И тој вети дека неуморно ќе работи за да ја убеди Германија дека Европа мора брзо да создаде банкарска унија, заедничка социјална безбедност за невработени, механизам за преструктуирање на долгот за земји како Грција и Португалија, соодветен федерален трезор, Еврообврзници (кои функционираат по американскиот пример), и федерален парламент што ќе даде легитимитет на власта на федералниот трезор.
Па, што ќе направи Макрон кога Германија ќе каже не? Всушност, Германците веќе кажаа не. Според Волфганг Шојбле, германскиот министер за финансии, се што сега и треба на Европа е да го претвори Европскиот механизам за стабилност во Европски монетарен фонд. Со други зборови, ако Франција сака заедничко финансирање, таа мора да се покори на истите услови кои ја уништија Грција. Мартин Шулц, лидерот на германските опозициски социјал-демократи, се согласува дека нема потреба од нови фискални институции, предлагајќи само дека Франција и Германија треба заеднички да финансираат некои заеднички инвестициски проекти. Со други зборови, НЕ значи НЕ.
Оланд, да не заборавиме, исто така ја освои претседателската позиција со ветување дека ќе ја предизвика Германија околу макроекономската политика за еврозоната - и потоа брзо се откажа од борбата. Ако Макрон сака да успее, нему ќе му треба кредибилен бекап план и европска стратегија која ќе може да ја истера без германска согласност. Таков план до сега немаме видено. Се што гледаме е подготвеност да се направи се што Германија однапред бара, вклучувајќи флексикјурити, штедење, и.т.н. во надеж дека Германија потоа ќе се согласи на некои од неговите реформи на еврозоната пред да биде предоцна.
Разумните луѓе разбраа дека Макрон требаше да биде поддржан против Ле Пен. Сега тие разбираат дека политиките на Макрон ќе го влошат дефлацискиот, регресивен круг кој е најголемиот сојузник на Ле Пен. Откако завршија изборите, за да бидеш против Ле Пен сега значи да бидеш против Макрон.