Мал чекор за човекот но голем за муабетите

За првите луѓе да стапнат на Месечината во 1969 беше потребен исклучителен напор на 400.000 вработени во НАСА. Од друга страна, беше доволен само еден човек за да се рашири гласината дека целата работа била измама. Се вика Бил Кајсинг.

Иронично, но Кајсинг всушност имал дадено свој придонес во вселенската програма на САД - помеѓу 1956 и 1963 тој работел во Рокетдајн, компанија која помогнала во дизајнот на моторите за ракетата Сатурн 5. Во 1976, самиот издал памфлет под наслов „Никогаш не заминавме на Месечината: американската измама од триесет милијарди долари“, во кој изнесувал докази во вид на едвај видливи фотокопии и сулуди теории. Па сепак, и покрај навидум сосема маргиналната позиција, тој оставил наследство кое живее и денес, во холивудски филмови и документарци, на Редит форуми и на јутјуб канали.

И покрај огромниот број докази (вклучувајќи 382 килограми карпи од Месечината собрани во тек на шест мисии и слики од орбитерот на НАСА кој ги покажува трагите на астронаутите на месечевата прашина), верувањето во конспирација цвета веќе 50 години. Помеѓу антиваксерите, кемтрејлерите, рамноземјашите и оние кои го одрекуваат холокаустот, идејата дека приземјувањата на Месечината биле режирани веќе не е ни извор на гнев, туку, просто, си постои.

Разликата помеѓу фотокопираниот самиздат на Кајсинг и новите теоретичари на заговор е што на вторите на располагање им стои напредна технологија за ширење на нивните идеи, која им овозможува видливост и гласност. „Реалноста е дека интернет им овозможи на луѓето да кажат што и да им падне на памет на многу поголем број луѓе отколку порано“, вели Роџер Лауниус, поранешен главен историчар на НАСА. Тој додава и дека Американците по дефиниција сакаат теории на заговор и дека „секогаш кога ќе се случи нешто големо, некој има контра-објаснување“ (ве потсетува ова на нешто?).

Иако и Британците се изгледа по конспирациите. Неодамнешна анкета покажа дека еден од шест Британци се согласиле со реченицата „Слетувањата на Месечината биле местенки“. Четири проценти верувале дека теоријата за местењето била „дефинитивно вистинита“, 12% дека била „веројатно вистинита“, а 9% рекле дека не знаат. Но она што е интересно е дека теоријата за измамата добро проаѓа кај младите - 21% од млади на возраст од 24-35 години се согласиле дека слетувањата биле режирани, споредено со 13% луѓе над 55.

Оригиналните написи на Кајсинг ги подгреваат овие ставови. На пример фактот дека на сликите не се гледаат ѕвезди, нема кратер под модулот кој слетал, сенките паѓаат на погрешен начин. Ваквите „аномалии“ имаат врска со времето на експозиција на апаратите, со начинот на кој тие работат во вакуум и со рефлективните квалитети на месечевата прашина. Но до својата смрт во 2005, Кајсинг се држел до тоа дека целата работа е лага, снимена во ТВ студио. „Добро е документирано дека НАСА често била лошо раководена и имала слаба контрола на квалитетот“, изјавил тој за Вајрд во 1994. „И одеднаш во 1969 се случуваат неколку летови едно по друго? Целосно успешни? Тоа е спротивно на сета статистичка веројатност“.

За ова последново тој веројатно бил во право. Но која е статистичката веројатност пак на тоа да го лажеш целиот свет цели пет децении без какво и да е „протекување“ на приказна од вработен во НАСА? Плус, она што денес може да се постигне со специјални ефекти не било можно во 1969 - Кјубриковиот „2001: Одисеја во вселената“ од 1968 е добар за споредба што бил способен да изведе Холивуд во тоа време, што значи не многу.

Веројатно најдобриот одговор го има Оливер Мортон, автор на „Месечината: историја на иднината“. При избор помеѓу една неверојатна случка за која има голем број докази (Аполо 11), и веројатна случка за која нема ниту еден доказ (измамата за слетувањето), некои луѓе ќе се одлучат за второто, а причината за тоа е следна:

„Поентата на Аполо била да се покаже колку американската влада била моќна навистина да изведе нешто. А поентата на теоријата за измамата е да покаже колку американската влада била моќна во смисла на тоа да направи луѓето да веруваат во нешта кои не се вистина“.

Делумна вина сноси и Џејмс Бонд. Во „Дијамантите се вечни“ (1971), Шон Конери случајно упаѓа во простории на НАСА преку казино во Лас Вегас. Бркотницата се одвива низ филмски сет кој изгледа како површината на Месечината, а вклучени се и приземјени астронати. Иако станува збор повеќе за визуелна зафрканција која повеќе треба да има врска со „месечевиот“ пејзаж на Невада, ова за многумина изгледало поинаку. Посериозно стојат работите во конспирацискиот трилер „Каприкорн Уан“ (1978), каде станува збор за мисија на Марс која не успева. Властите решаваат да ја лажираат и да ги убијат астронаутите (еден од нив го игра О Џеј Симсон), за да спречат ширење на вистината. Во ерата на пост-Вотергејт, идејата дека власта би можела толку да лаже била прилично веројатна.

Теориите за лажирање на слетувањето на Месечината повлекуваат и можност за лажирање на други мисии - на пример дали Лајка или Јуриј Гагарин навистина биле во вселената. Иако за оние кои се инволвирани ова може да иритира - Баз Олдрин му удри тупаница на конспиративецот Барт Сибрел во 2002 - во некоја смисла конспирациите се безопасни, барем споредени со погрешните информации за вакцини или прикривање на масовни убиства.

Споменатиот Мортон забележува дека ова е една од ретките конспирациски теории која не е антисемитска. А изгледа во неа не верува ни Доналд Трамп. Но со одминувањето на времето ваквите теории не само што не згаснуваат, туку добиваат на сила. Како што умираат сведоците или директните учесници, на луѓето им е полесно да одрекуваат дека нешто се случило. На местото на фактите се развиваат митологии. Плус, денес имаме многу помалку верба во себеси и во наши големи постигнувања. На некој начин конспираторите им прават голем комплимент на научниците кои работеле на Аполо со тоа што ги земаат многу посериозно отколку што тоа го прават повеќето луѓе.

*******

Неповторливо интервју - Али Џи со Баз Олдрин

16 јули 2019 - 08:38