Луѓето одамна престанаа да ги хејтат оние кои воопшто не се на Фејсбук или на Твитер и сега се вртат кон сопствените редови, делејќи ги своите пријатели и познаници на такви кои великодушно споделуваат (па макар и глупости), до такви кои себично си ги чуваат работите за себе.
Конфликтот е особено силен помеѓу таканаречените „ангажирани" на социјалните мрежи, кои ги обвинуваат сите останати дека заради тоа што не дискутираат за политика, и што не реагираат на различни петиции, повици за акции и протести, всушност не се добри граѓани.
Не се работи само за политика. Дебатата оди дотаму што се вели дека луѓето кои се во брак а кои на Фејсбук не споделуваат домашни проблеми туку само среќни моменти, им прават лоша услуга на своите невенчани пријатели давајќи им лажна слика за бракот. Небаре тие, невенчаните, немаат пристап до романи, филмови или пак оффлајн верзии на нивните венчани пријатели.
Практиката на воздржување станува сè почеста особено кога се во прашање жешки актуелни теми, како масовни убиства или трагедии. На луѓето им е страв од моментално реагирање во ситуација кога можеби ги немаат сите информации за тоа што се случило, или пак се плашат од заземање страна за да не им замери некој дел од нивниот виртуелен кружок. Таков бил случајот со убиството на Мајкл Браун во Фергусон, кога голем дел од (белата) Фејсбук заедница во САД продолжила да си постира мачиња и да жали по починати славни личности, како ништо да не се случува.
Некои од нив можеби и навистина не знаеле, или не им било гајле. Но понекогаш луѓето се воздржуваат и заради некаква „мува на капата" - ако си привилегиран белец и се ставиш на страната на црното население не само што ризикуваш да бидеш социјално отуѓен од другите белци, туку можеш и да бидеш сметан за лицемерен, бидејќи си (дури и реално да не си) расно и финансиски привилегиран.
Оттаму, отсуството на постови и твитови во врска со одредена тема веќе се смета за симптом - во виртуелен свет на прекумерно споделување, излегува дека ако нешто е премолчено за тоа има добра причина. Па дури и ако е тоа страв од малку или ич лајкови. Во такви ситуации сепак е добро да се помисли дека она што нè вреднува како луѓе е не само она што сме го кажале, туку и она што сме го премолчале.