Остајте книгите, тинејџерите денес ни интернетот не ги занима

„Мразам да барам на Гугл,“ е еден од честите одговори кои ќе ги добиете од тинејџер кога ќе ве праша нешто а ќе го потсетите на старото правило: „Пред да прашаш некого, прашај го Гугл“. Тие не чувствуваат потреба да бараат нешто, да пребаруваат по интернет, нејќат да знаат „до толку.“ За нив интернетот е она што го добиваат (перфектно алгоритамски сложено баш за нив), на бескрајните фидови по кои треба само да се скрола.

Фото: ЕПА

Уште во 2023 година, додека држев час во средно училиште, за прв пат ja насетив оваа последна генерациска ујдурма. Разговаравме за ЧеГПТ, ги прашав учениците (14-16 години) како го користат. Штама. На крајот, едно момче ми објасни зошто не го користи: „Морам да се логирам“.

Го припишав ова на класична тинејџерска мрза и не мислев повеќе за тоа. Но, доказите за огромното непознавање на интернетот се таложеа:

15-годишно девојче кое има смартфон од пет години праша: „Каде да најдам рецепти?

Само малку постаро девојче кое поминува девет часа дневно на својот телефон, не знаела дека има вежби за јога на Јутјуб.

Тинејџер нема идеја како да резервира билети за воз.

Девојка која треба да оди во Лондон прашува „А што се прави таму?“

итн, итн.

Разни тинејџери ме имаат прашувано дали постои смртна казна во Британија, кој е претседател на Америка, кога била Втората светска војна, каде е Турција, што јадат во Шкотска, од што се прават колбасите?

Кога ќе им предложев одговорите да ги побараат на Гугл, знаеја да кажат „Мразам да пребарувам“. Не сакаат да знаат до толку.

Тогаш ја сфатив причината за тинејџерската незаинтересираност за можностите на интернетот: сегашната генерација деца се пасивни корисници, а не активни. Тие гледаат во своите телефони во кои забавата им е претставена преку специфични фидови: бескрајни низи на Инста ило ТикТок. Немаат потреба активно да бараат ништо, бидејќи сè е веќе совршено спакувано за нивните специфични потреби (генерално - убавина за девојчиња, фитнес и зезања за дечки - разочарувачки, но тоа е).

За нив интернетот е како некое списание, некој друг ја завршил целата напорна работа и сè што треба да се направи е да се седне и да се листа/скрола.

Поширокиот интернет и неговото богатство на можности се повлече исто како и книгите: тука е, само што нема доволно љубопитни да дознаат што има да понуди.

За не-дигиталните домородци како мене, чудата на Гугл никогаш нема да престанат да воодушевуваат. Но, за дигиталните домородци, интернетот е обичен како асфалтот.

Бидејќи отсекогаш имало деца кои читале книги и затоа се истакнувале во образованието, ќе продолжи да има деца кои го користат интернетот за да научат факти и да ги подобрат и споделат своите таленти. Но, за огромното мнозинство деца, интернетот денес е исто исто толку игнориран и непосетен како старите библиотеки и книжарници.

Џоана Греј

Фото: ЕПА

19 октомври 2024 - 09:39