Ана Марија (околу 8-10 години според профилната слика) ја искористи секцијата за коментари на Јутјуб за да го информира светот дека истовремено ѝ умреле и хрчакот и птицата. Таа не е познат Јутјубер но коментира видео од ѕвезда од тој жанр, по што додава:
„На многумина нема да ми се допадне тоа што го напишав но ве молам без гадни коментари бидејќи ми умреа хрчакот и птицата и сè уште сум многу вознемирена“.
Ана Марија не е необичен корисник на Јутјуб на таа возраст. Многу дечурлана ставаат коментари за своите умрени миленичиња, родители, баби и дедовци, за лајк на коментарот или да добијат следачи на каналот.
„Можам ли да добијам лајк зашто тато умре:?„ или „Можам ли да добијам 50 следачи бидејќи мајка ми е во болница?“; такви работи.
„Моите првични претпоставки за овој феномен се дека овие млади луѓе научиле дека постојат одредени социјални норми околу смртта и сожалувањето. Со други зборови, јасно им е дека постои правило дека со некој кој изгубил близок треба да се биде повнимателен. Оттука, со постирање вакви работи сакаат да го предизвикаат тоа и да го добијат она што го сакаат„, вели еден медиумски психолог.
Според друг психолог, ваквите апели им помагаат на децата да добијат чувство на припаѓање и заедништво со некој, тоа по што пекаат сите луѓе а го немаат во вистинскиот живот.
А на Твитер постои акаунт (@HarryMyCatDied) на кој фановите на тинејџ бендот One Direction ја информираат главната фаца Хери Сталјс за тоа што сè им умрело за да предизвикаат сочувство кај него.
И ако ваквите детски трескања се во суштина невини па некогаш и симпатични, тоа не може да се каже за истата финта кај постарите магариња. Базфид неодамна пишуваше дека возрасни интернет корисници крадат фотографии од деца со хендикеп и ги претставуваат како свои; заради лесни пари од хуманитарни донации или пак за да се добие ронка внимание и некаков - каков било - муабет на нивниот Фејсбук профил.
Ако и тоа не успее, последната сламка надеж некој во светов да те сослуша е да свртиш на утринска емисија и да кажеш: „Ви ја поздравувам емисијата, што ни е темата денес?“
п.с. На Балканот, сето ова погоре доаѓа со извесно задоцнување