Иако кога ќе ја купат компанијата во која работиш, првите очекувања ти се најави за кратење на бројот на вработени, при преземањето на германската фабрика Краус-Мафеи, новите сопственици од Chemchina, прво нешто што најавија е дека никој од 4.500 вработени нема да биде отпуштен. Кинезите слично се однесуваа и во неколку претходни преземања на германски компании, заради што нивните инвестиции се посебно добредојдени.
Кинеските инвестиции во Европа во 2014-та изнесуваат 18 милијарди долари, пред десетина години оваа ставка изнесува речиси нула. Само на четири преземања на германски фабрики во изминатите 5 години, Кинезите имаат потрошено околу 2 милијарди долари.
Краус-Мафеи е најголемата кинеска инвестиција во Германија, во која за 925 милиони долари Кинезите го купија производителот на специјални машини за обработка на пластика и гума. Сите вакви зделки речиси по правило подразбираат дека кинеската компанија добива пристап до врвната германска технологија (вклучително и брендот со долга традиција), а на Германците им се олеснува пристапот до кинескиот пазар. Истата компанија што го купи Краус-Мафеи, мината година за 7 милијарди евра го купи контролниот пакет во Пирели.
Кинезите се посебно мотивирани за шопинг во Европа и заради моментално слабиот курс на еврото. И покрај проблемите со берзата, тие имаат доволно пари на располагање за овие инвестиции, а од 2007-ма тие го имаат и државниот фонд за инвестирање на дел од огромните државни девизни резерви во странство. Зад овој потег се крие и желбата делумно да се намали зависноста на Пекинг од американски државни резерви.
Претходно споменатата галантност на Кинезите не се должи на некоја длабока источна филозофија, туку затоа што по првите неуспеси тие сфатија дека за да успеат, аквизициите мора да функционираат како партнерства. Исто така властите во Пекинг детално ги следат сите странски инвестиции, а на секои две години објавуваат листа со препораки за превземања на компании низ најразлични земји. Инвеститорите мора да се држат до оваа листа.
Иако досегашниот шопинг низ Европа обично беше за средни големи компании, по примерот со Пирели, Кинезите сега се решени да прејдат на мега-зделки во кои планираат да купат некои од најголемите компании во Европа. Според весникот Ханделсблат следна цел на Chemchina е швајцарскиот производител на средства за заштита на билките, Syngente, компанија која има волумен од околу 40 милијарди долари, што би било најголемата кинеска инвестиција во светот.