Во ноември 2020-та Карлитос Тевез изјави дека ќе ја заврши кариерата кога Бока ќе го освои трофејот во Копа Либертадорес. Во четвртокот Сантос ја елиминираше Бока во полуфинале, а Тевез спрема проштално писмо.
Но како почна неговата богата, долга кариера, во опасниот реон Фуерте Апаче?
*****
На 30 јуни 2006-та репрезентацијата на Аргентина играше со домаќинот Германија во четвртфинале на Светското првенство.
Тевез беше стартер на тој меч.
Во една прилика раскажал дека додека патувал заедно со репрезентативците по улиците на Берлин размислувал: „Сега мора да оставиш срце на терен зошто дојде од таму од каде е тешко да се излезе“. Низ глава му проаѓале како е тоа да се игра фудбал со топки од врзани чорапи во криминално опкружување и сиромаштија. Карлос сакал да изгине на терен за својот роден Фуерте Апаче, најопасниот реон во Аргентина.
ЖАЛНО ДЕТСТВО СО МНОГУ МАКА
Татко му на Тевез, Хуан бил убиен од 23 истрели во една улична пресметка. Неколку месеци претходно со жена му Трина дознале дека ќе имаат син. Карлос се родил без татко.
Кога имал 6 месеци мајка му го оставила. Ако не биле тетка му и чичко му, ќе останел сосема сам на светот.
На 10 месеци врз себе турнал и истурил врел чајџилник и страшно се попарил. Го однеле веднаш во болница замотан во најлонси. Страшната жештина на лицето на Тевез ги истопила, ги прилепила на кожа најлоните и уште повеќе ги отежнала изгорениците од прв и втор степен.
Тевез скоро два месеци бил на интензивна нега, а имал рани на лицето, вратот и градите. Пола кожа му била оштетена. „Моите лузни се појавија случајно. Иако тогаш бев дете, тој настан влијаеше на целиот мој понатамошен живот. Лузните се дел од тоа што бев тогаш и што сум денес. Моите лузни ја раскажуваат историјата и буквално викаат: „Преживеав!“, изјавил во една прилика Тевез.
Во Фуерте Апаче, Тевез постојано како мал слушал полициски сирени, пискотници и пукотници. Кога чаурите им паѓале под прозор дома, сите легнувале на земја и се молеле.
А на сабајле одел во школо покрај човечки трупови.
„Во детството се трудев да не одам на улица сам зошто беше многу опасно. Цела ноќ нашата населба личеше на Бејрут во жариште на граѓанска војна. Околу секогаш имаше пијани и дрогирани луѓе. Животот им се сведуваше на алкохол или наркотици. Многумина крадеа, пљачкаа и викаа дека се прават лесни пари кои после ги трошеа на пиење или дрога. Тие луѓе стануваа на сабајле без пари и после пак одеа да крадат“.
Фудбалот бил единствена можност на Тевез да се спаси од светот на дрога, банди и криминал. Во борбите за превласт на улиците, загинал неговиот најдобар другар Данило Санчез.
„Можев да се дрогирам и да завршам на дно, но одбрав друг пат. Тогаш научив да ги уважувам другите, да бидам скромен и да се жртвувам себеси“, раскажал идолот на навивачите на Бока.
Во комшилукот кај него живееле убијци и наркомани, но тој сакал поинакво детство.
„Во Фуерте Апаче имам неколку другари. Тие викаат дека воопшто не сум сменет уште од тогаш. Доаѓав таму да ги видам кога се враќав во Аргентина од странство“.
„Никогаш не се предавам на дуелите зошто сум растен во Фуерте Апаче. Животот ми беше многу тежок. Имаше денови кога немав што да јадам, ни парче леб. Морав да се борав. Мислам дека таков сум и сега на терен. Се борам за секоја топка и никогаш не се давам. Благодарен сум што преживеав како мал и продолжив низ животот“, раскажувал Тевез и додавал:
„Треба да се покаже дека и во Фуерте Апаче и во други аргентински места растат и добри деца. Не се сите лоши луше. Јас не сум единствен што доаѓа од таму. Не е лесно. Да се избавиш од таму е неверојатно тешко. Треба да им докажеш на останатите дека не се сите луѓе од Фуерте Апаче криминалци и битанги“.
Долги години во големите европски клубови гледавме како Тевез гинеше за секоја топка. Еднаш кажал дека заиграл фудбал од љубов не поради пари.
„Ми скршија еднаш неколку заби во улична тепачка, зошто во Апаче секогаш се игра фудбал во нешто, во пари. Дури и децата. Тоа беше шанса да се заработи нешто за јадење, пиење. Јас бев добар па беа спремни да ми платат да играм за нив.
Уличниот фудбал е најголема работа на светот. Само ти и твоите другари и сите останати. Ако некој мисли дека може да те удри со нога во глава, ќе те удри“.
Тевез трчал по топката цел ден, до вечер, кога не морал да оди во школо. Играле на игралиште полно со скршени флаши и шприцеви.
„Мораше да се биде многу спретен да не се исечеш на нешто и да фатиш тетанус“.
Почнал да тренира фудбал во Санта Клара каде го снимиле ловците на таленти од Олд Бојс. Тие доаѓале тајно во Фуерте Апаче да најдат талентирани деца. Карлос ги импресионирал но дедо му Сегундо не сакал да го пушти.
„Не можам да го пуштам, нема ни кондури да облече“. А тренерот му одговорил: „Јас ќе му најдам кондури, ти само дај ни го“.
Така почнала блескавата кариера на детето од Фуерте Апаче.