Кире Лазаров врзува рекордна низа од шест големи натпреварувања, нешто што не му успеало на ниту еден друг селектор на Македонија.
Дебитираше на ЕП 2022 неуспешно без ниту еден бод во група со Данска, Словенија и Црна Гора. Лошо мина и на првиот Мундијал со нови три порази од Норвешка, Холандија и Аргентина.
Македонија на тие првенства заврши на 22-ра и 27-ма позиција.
Потоа се случи драстичен скок и во играта и во пласманот. Нашата селекција почна да игра поборбено и подопадливо, со многу поголем жар.
Тоа донесе 17-та позиција на ЕП 2024 и 15-та на СП 2025. Најдобриот пласман го забележа на минатото Европско првенство каде заврши на 14-та позиција.
Сега го очекува шесниот настап на големите натпреварувања, а тоа Мундијалот во 2027 година во Германија. Ждрепката е на 10 јуни.

„Им честитам на моите момци, не се победува лесно со 15 голови разлика. Имавме сериозен пристап, секој ривал во баражот е квалитетен, а ние покажавме константен ракомет, тоа го барав од играчите. Имавме малку падови, игравме квалитетно, шанса добија и оние кои имаат помала минутажа, а тоа е важно за да ги добиеме за потешките натпревари. Презадоволен сум од пристапот на играчите“, вели Лазаров.
Селекторот смета дека репрезентацијата напредува од година во година.
„Во изминатата година и пол создадовме квалитетен тим на играчи кои се борат еден за друг, дисциплинирани се и не им е важно кој ќе биде најдобар, туку најважно им е да победуваме. Тоа се мачевме да го создадеме и сега треба да го задржиме. Мислам дека играчите растат во нашата лига, во нивните клубови во кои добиваат искуство. Откако сум јас селектор, ова е шесто натпреварување во низа на кое ќе играме со 99% променета репрезентација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија. Јас сум горд на тоа, сите го препознаваат тоа и се надевам дека сениорите од година во година, чекор по чекор, ќе бидат поквалитетни. Не смееме да поставуваме преголеми цели, тоа би било притисок за сите играчи, но дека нема да се предадеме против никого, тоа можам да ветам дека ќе го гледате“.
Македонија прослави уште еден голем пласман на Светско првенство!
Групите се влечат во јуни, против кого може Македонија на СП 2027?