87 годишниот Мартин Даберман е икона на американската - не само геј - сцена. Освен историчар и драмски писател, тој е и пионер на ЛГБТ студиите. Денес е поактивен од кога и да е и сумирајќи ги своите рани трудови, неодамна објави книга со прашален наслов: „Дали геј движењето е промашување? Краткиот одговор е - да.
Во своите почетоци, ЛГБТ движењето се нарекуваше ГЛФ (Gay Liberation Front). Драгоценоста на таа фаза е што активистите ги носела визија како може да изгледа едно подобро општество. А до такво општество сметале дека може да се дојде со заеднички напори на широка лепеза на опресирани групи. Во име на тоа подобро општество и укинување на оковите кое ги носи актуелното, тогашните геј активисти биле против религиозната задртост, против нуклеарната пролиферација, биле експлицитно анти-капиталистички и анти-воени. 70-ти години се тоа, време и идеи за слободна љубов, слободен секс, пријателство, мир....
Неколку децении подоцна, движењата за геј права ги претставуваат лобисти а не активисти а топ приоритети на агендата им се правото на венчавка и служење армија, сосема спротивно од визијата на ГЛФ. Таквото тенчење на агендата и нејзина теснограда спецификација ги прави неспособни природно да коалицираат со други репресирани групации бидејќи не постои заедничка основа за борба за подобар свет. Накратко, движењето се концентрира да добие пристап во институциите наместо да се бори да ги трансформира.
„Ако сакаме да го намалиме страдањето во оваа земја, мора да се мешаме со сојузници кои можеби не ги сакаме но кои со нас имаат заеднички непријател, а тоа е олигархиската структура, патријархалниот авторитет и примитивните фундаменталистички морални вредности“, пишува Даберман. Со други зборови, да се престане со желбата да се стане „регуларен“ граѓанин на една земја која е погрешно структурирана и наместо тоа, да се води битка за трансформација на таквата држава.
Кај нас сето тоа знае да биде многу поочајно па 'битката за каузата' да трае додека трае добиениот грант.