Всусот на доматот е резултат на мешавина на шеќери, киселини и испарливи соединенија (токму оние кои ја овозможуваат неговата арома). Чувањето на студено влијае особено на последново. Тоа го заклучиле истражувачи од Франција споредувајќи домати чувани на собна температура со оние чувани во фрижидер. Кога се држат на 20 Целзиусови степени, зрелите домати не само што ја одржуваат аромата, туку продолжуваат да ја создаваат. Со други зборови, вкусот им станува уште по „патлиџанест".
Но кога доматите се чувани на 3 степени, не само што производството на аромати престанува, туку состојките кои ги овозможуваат практично почнуваат да се распаѓаат. Особено се погодени мирисните ноти кои обично се опишуваат како „зелени" или „тревнати", односно оние кои најмногу ги чувствувате кога го јадете оној доматот директно скинат од бавча.
Чувањето на студено влијае не само врз аромата, туку и врз текстурата на плодот. Доматот е чувствително овошје (да, во овошја се брои), и големи варијации на температурата можат да му ја повредат душата, па тој да стане или премек или ко бесвкусен сунѓер.
Единствена варијанта во која чувањето домати во фрижидер не ја менува многу работата е кога се во прашање сосови или чорби кои содржат веќе процесирани домати, значи такви на кои душата им е веќе извадена од варење. Додека кај портокалите е вообичаено после обработката дополнително да им се вметнат испарливите материи кои еднаш им биле одземени, кај производите од домат тоа се смета за излишно бидејќи нивниот вкус и онака се покрива од сето она оригано, босилек и лук кои се додаваат во сосовите и супите.
Како сепак да јадете домати кои мирисаат како што треба? Едноставно е - извадете ги од фрижидер барем 24 часа пред да ги јадете свежи или во салата. Така тие ќе вратат нешто од аромата која им е потисната на ладно. Научниците веќе работат на видови кои се отпорни на „повреди" од студено, испитувајќи диви роднини на доматот, кои растат на високите Анди. Но додека овие не се припитомат, нам ни се сосема добри и оние од Мрзенци, пресечени на четири со кромидче во средина, кои секогаш мирисаат на уште.
п.с. Ова се моменталните македонски рекордери