Македонија прослави уште еден голем пласман на Светско првенство!

Пред преполна сала во СЦ „Борис Трајковски“ најдобрите македонски ракометари ја совладаа Словачка убедливо 38:23 и после триумфот на гостински терен минатата недела, се пласираа на нов Мундијал 2027.

Црвено-жолтите го обезбедија 10. учество по ред на Светски првенства што е апсолутен рекорд во репрезентативниот спорт во Македонија. Притоа поставија и рекорд за најубедлив триумф на некоја наша ракометна селекција во баражите. Претходно со 14 гола разлика Македонија ја совлада Грција во 2014-та година.

Селекторот Кире Лазаров се реши за стандардните Кузмановски, Митев, Велковски, Лазаревски, Атанасијевиќ и Костески со Мартин Томовски на голот.

Со сјајна игра во нападот Македонија од стартот направи висока предност (6-2) а водството само го зголемуваше како изминуваше средбата.

На паузата убедливи 18-11 за момците на Лазаров кои уште на полувреме можеа да прослават пласман на нов Мундијал.

Во вториот дел Македонија отвори уште појуришно, даде дури шест гола за седум минути. На крајот конечни 38-23 и голема радост на трибините и паркетот за ново Светско првенство.

Капитенот Филип Кузмановски, предводникот на оваа генерација постигна дури 11 голови, Велковски запиша 6 погодоци, Милан Лазаревски 5, Стојковиќ 3, а по два гола дадоа Ѓорѓиев, Митев, Петковски, Павле Атанасијевиќ.

Кај Словаците најефикасни беа Прокоп со 7 гола и Бриатка со 6.

18 мај 2026 - 08:59