Четвртфинален рендген на Лига на шампиони

По пладневната ждрепка во Швајцарија, најдобрите осум клубови во Европа ги добија своите противници на патот кон Берлин. Едно градско дерби и еден дуел на стари познаници.

АТЛЕТИКО МАДРИД - РЕАЛ МАДРИД (14. април)

Двата клуба сезонава веќе се сретнаа шест пати, а „Јорганџиите“ се несовладани и имаат четири победи и две нерешени против Реал Мадрид. На претходните четири европски средби меѓу овие два тима, Атлетико победи само еднаш а загуби три пати. Нивниот дуел ќе значи и уште еден шпански клуб во полуфиналето, десетта сезона по ред.

Само трет пат во историјата на Европските купови четвртфиналето на ЛШ носи шпанска битка. Претходно во 1958 играа Реал Мадрид и Севиља, а во 2014-та Атлетико Мадрид и Барселона.

ЈУВЕНТУС - МОНАКО (14. април)

Овие две екипи до сега само еднаш играа во Лигата на шампионите и тоа во сезоната 97/98, кога Јувентус победи 4-1 дома и загуби 3-2 во Монте Карло. До крајот таа сезона Јуве стигна до финалето, каде загуби од Реал Мадрид.

На 24 средби со француските екипи, Старата Дама загуби само пет пати, а победи на дури 14 средби. Пет пати играа нерешено. Сепак во Лигата на шампионите конкретно, Јуве победи на само два од шест натпревари против Французите (против Монако во 1998 и против Нант во 1996).

Од друга страна, Монако победи само три на 11 дуели со италијанските клубови, два пати одигра нерешено и шест пати загуби. Монако само еднаш играше во финале на ЛШ и загуби од Порто. Јуве два пати го крена пехарот, а вицешампион беше дури пет пати.

ПСЖ - БАРСЕЛОНА (15 април)

Парижаните никогаш не ја освоиле Лигата на шампионите, а Барса четири пати стана владетел на Европа. Каталонците три пати губеа во финалето.

ПСЖ и Барса два пати се сретнаа во четвртфиналето на ЛШ. Французите беа поуспешни во 1995-та година со вкупен резултат 3-2, а Барселона во 2013-та година се пласираше во полуфиналето по голот на гости (3-3).

Сезонава играа во групната фаза, а ПСЖ загуби на Камп Ноу 3-1. Двете екипи даваа минимум по еден гол на нивните седум претходни среќавања. Единствен натпревар кога една екипа не даде гол кога играа ПСЖ и Барса беше финалето на Купот на Куп победници во 1997 година. Каталонците славеа 1-0. Шпанците загубија само еднаш на 11 средби против француски екипи и имаат 6 победи и 4 нерешени.

ПОРТО - БАЕРН МИНХЕН (15 АПРИЛ)

Баварците загубиле само еднаш на 22 средби против португалски екипи (13 победи и 8 нерешени). Баерн загуби токму против Порто во финалето на КЕШ во 1987. година.

Последниот двомеч против екипа од Португалија, Баерн го доби убедливо со 12-1, откако го прегази Спортинг Лисабон 5-0 па 7-1.

На последните седум од девет средби против тим од Португалија Баерн Минхен не примил ниту еден гол. Порто два пати стана европски шампион, а Баерн Минхен пет пати, колку што и беше вицешампион.