Алек Попов

Древниот Бугарин од супермаркетот

Посетата на земјава на принцот и принцезата од Хунза кои на скопскиот аеродром беа пречекани со највисоки државни почести, во сенката на сè што се случи последниве 11 години од тогаш, изгледа како откачен перформанс. Митските настроенија на претходната власт се наводно сузбиени, а идејата за Голема Македонија е заменета со онаа за мала Северна. Но таквиот прогресивен процес не оди така лесно кај соседите.

Во бугарското издание на збирката есеи „Сопатник на радикалниот мислител“ на Алек Попов (за која пишувавме тука), уште пред десет години е вклучен сатиричен, но и по малку меланхоличен текст за опседнатоста на Бугарите со своите древни корени. Овој „етнокич“, кого ние го преживеавме со благи трауматични последици, во Бугарија не само што не е надминат, туку допрва добива на сила. Како и секогаш хуморот си останува најдоброто средство за да се преживеат баналните животни вистини. Меѓу кои е и онаа дека додека ние од оваа страна сонуваме за другата, некој седи таму и мечтае да биде од оваа страна. Единствено не ни е јасно која би била таа будала во македонската верзија.

***

ОД СТРАНА НА СОНЦЕТО ШТО ИЗГРЕВА И ШТО ЗАОЃА

„Роксано, Роксано, бела Бугарко/ѝ думаше цар Александар на Роксана“
(народна песна од провинцијата Балх, Авганистан)

Секое утро, на бугарскиот брег на Црното море, еден човек седи на песокот за да го поздрави изгрејсонцето. Точно на другата страна на морето, на грузискиот брег, секоја вечер друг човек седи на песокот да го испрати сонцето. Обајцата не се свесни за постоењето на другиот. Обајцата си ги мразат животите - воглавно поради истите причини. И двајцата бараат спас во мечтите, инспирирани од соларниот циклус. Обајцата, во нивните умови, патуваат кон дома - кон местото кое тие го сметаат за свој духовен дом. Но тука некаде завршуваат нивните заеднички особини. Она коешто ги поврзува, всушност ги разделува.

Рано утро. Млад маж изведува необични физички вежби на празната плажа на Бургас. Облеката му се состои од грубо сошиени кожни гаќи, долги до колена. Голем стап е забиен во песокот, на кој се вее сноп долги, црни влакна, нешто помеѓу скалп и коњска опашка. Движењата се состојат од внимателна реконструкција на борбената вештина на древните Бугари, позната и како Бу Веи - загубена во текот на векови ропство и нихилизам, но која исплива на брегот донесена од етно-бранот кој ја заплисна Бугарија по нејзиното историско пристапување кон ЕУ, а кој не сопира ни денес.

Младиот човек ја усвоил древната практика во текот на летниот одмор, во еден од камповите за обука каде се подучуваат старите бугарски боречки вештини. Нивната реконструкција се врши врз основа на аналогии со источните боречки вештини, делумно врз основа на информации од средовековни хроники, но главно врз основа на интуицијата и ентузијазмот на следбениците на славните предци. Оние посветените се особено воодушевени од автентичната минијатура од Менологијата на византискиот цар Василие Втори, која денес се чува во библиотека во Ватикан. Таа прикажува бугарски воин кој применува типичен боречки зафат врз својот опонент - христијанин, околу чија глава има ореол на маченик.

Нешто пред 7 наутро. Сонцето величествено испливува од рамната шир на Црното море, а ветерчето ги растерува последните траги на јаглеводороди кои лебдат во воздухот испуштени во текот на ноќната смена од нафтената рафинерија Нефтохим. Младиот човек, кој во секојдневниот живот се вика Иван или Стојан, седи на студеникавиот песок, свртен кон изгрејсонцето и се оддава на медитација. Сега е Корасте - името преку кое се соединува со духовите на големите предци. Секое оригинално бугарско име, убеден е, мора да ја содржи согласката р - извор на мажественост и сила. Крум, Кубрат, Аспарух, Моуртаг, Тервел. Ако се јавува двојно, уште подобро - Кракра. Но веќе има двајца Кракра-ковци во групата, и Багатура Кормисош, нивниот водач, им нареди да одберат друго име. Проблемот со автентичните бугарски имиња е што се малубројни. Само десетина го имаат преживеано мракот на антиката а побарувачката е многу поголема. Мора да бидат смислувани нови, а ова бара рафинирана филолошка интуиција. Ги склопува очите и буричка по купче хартивчиња во крзнена капа. Доделно му е достоинствено и звучно име Корасте.

Нека е твојата волја, о Тангра!

Црвениот сончев диск се крева над хоризонтот. Површината на водата светка, заедно со спомените за минатите величини, исчистени од ’рѓата на времето и на заборавот, од дамките на неуспесите, предавствата, историската неправда и бедната сегашност. Жешка солза се тркала по влакнестиот образ на младиот воин. Некаде таму, преку морето, во степа помеѓу Дњестар и Квакваз, лежи Старата Голема Бугарија. Древната престолнина Фанагорија гордо стои на бреговите на Таманскиот полуостров: коњските опашки се лелеат на ветрето, безбројни стада пасат околу бели јурти; децата учат да јаваат коњи и да држат лак и стрела. Во палатата, Канасубиги Кубрат ги прима гласниците од Византискиот император, кои му се обраќаат со „брат“ и го затрупуваат со подароци.

Малку по на север, помеѓу Волга и Урал лежи Волга Бугарија - државата на големиот Котраг, земја на богати и благословени градови, каде луѓето си ги негуваат бугарските корења до ден денес. Но духот лета, уште подалеку на исток, над Каспиското море и Хорезм, и ете, во далечината се наѕира заснежениот гребен на митската планина Имеон. Прародината! Царството Балх, опишано уште во Махабхарата. Цврстата како карпа Бактрија! Александар Велики се жени со бугарската принцеза Роксана, за да спречи судир со нејзината непобедлива коњица. Роксана е најубавата жена на сите времиња - Елена Тројанска да си јаде ушите! Во долините на Хиндукуш, луѓето се уште велат „убав како Бугарин“. Тие дури и го имаат сочувано коренот на зборот „кшта“ (куќа) - „кшт“.

Скоро е 8 наутро. Неколку темни индо-европејци пристапуваат на далечниот крај на плажата, носејќи црни пластични ќеси и портокалови елеци со натпис „Градска чистота“. Сепнат, Корасте погледнува на својот часовник, и скока на нозе. Брзо се преоблекува, тискајќи ги бугарските гаќи во својот ранец (пантолани се исто така бугарски пронајдок, ако не сте знаеле, исто како и пастрмата, ајранот и мечот, седлото и други постигнувања на прогресот!), се става на бучната веспа и се упатува на работа. Во точно 8:25, со чкрипка се паркира пред задниот влез на бургаската БИЛА. Си го штиклира името на списокот и неколку минути подоцна го гледаме како чекори кон тезгата за сувомеснато, во униформа и престилка на кој е закачен беџ со неговото име - Иван.

„Ивааан“, гласно го опоменува менаџерот на одделот за преработена храна. „Не ја сечи пастрмата на толку тенко, завчера муштерија се жалеше! Јасно?“

Во меѓувреме, сонцето непречено си ја прави обиколката, како што тоа го има правено милиони пати, многу пред коњските опашки да се развејат на бреговите на Црното море. Малку по 6 попладне, кога Корасте бавно се разделува од Иван и се подготвува да го мавне првото пиво, на другата страна на морето, во древната земја Иберија, еден Грузиец, на истата возраст, седнува на плажата близу Поти за да го испрати црвениот диск кој само што не потонал во мракот.

На фонот на залезот се наѕираат заканувачките силуети на руските црноморски крузери и фрегати, кои патролираат на грузијскиот брег по последните тензии помеѓу поранешната империја и гордата кавкаска република. Но ниту еден воен брод не може да го спречи летот на западно ориентираната душа на Мераб Гамкрелидзе. За разлика од некогашните соседи, Бугарите, неговите предци никогаш не ја напуштиле нивната благословена праисториска татковина. Тие само седеле таму, изолирани во нивните плодни долини, онолку долго колку што ги држи сеќавањето! Па сепак, една предавничка мисла му се измолкнува - ако на време си ги мрднале газовите, сега можеби ќе бевме на другата страна на морето...Можеби таму зајдисонцата не се толку убави, но, како што знаеме, тие ги имаат ЕУ и НАТО, а руските бродови не можат ни да им се приближат. Освен тоа, земјоделските производители добиваат субвенции а патиштата се во многу подобра форма. Стапката на невработеност е под минимумот. Лесно се добива потрошувачки кредит. Уште полесно се троши; сите големи синџири супермаркети веќе се таму - од БИЛА до Карфур и Теско - што значи дека глобалните стандардни стоки и услуги се широко достапни. Но она што е најважно е дека луѓето можат да патуваат. Ова, знаете, е вредно колку сите БИЛИ заедно! Само со проста лична карта може да ја шеташ цела Европа, воздивнува Мераб, додека во умот веќе се качува на автобус за Виена. Го посетува музејот на Сигмунд Фројд, мези Виенервурст на Грабен и ги слуша уличните музичари. Од Виена, право до Рим виа Венеција. Зема гондола-такси, се ракува со Папата и шета околу Колосеумот. Потоа, се качува на Виз-ер лет до Париз по цена на билет за воз од Тбилиси до Поти. Париз! Престолнината на културата: Бобур, Лувр, Операта, Сорбона (каде Мераб Мамардашвили самиот држи предавања!), Латинскиот кварт, Монмартр...Жешка солза му се тркала по образот на младиот џигит. Ова е традицијата на која ѝ припаѓа тој и неговиот народ, а не дивата азиска степа. Тоа е неговиот духовен дом! Следно, би можел да се упати до Лондон, Берлин или Амстердам, сеедно.

Мераб е дома.

Сонцето веќе потонало во морето. Само руските бродови светкаат во темнината. Го обележуваат хоризонтот како божикни светилки, потсетувајќи го на границите на физичката реалност во која тој мора да живее. Станува, тажен, го врти грбот на морето и гледа во својот мотор IZj-2 од советско време. Има 200 домашни за прегледување дома, со наслов „Величината на Грузијците во очите на Шота Руставели“. Мора да ги заврши до сабајле. Портите на Европа почнуваат да се затвораат, бавно, но одлучно. До следното зајдисонце.

Алек Попов

Види и: Букбокс интервју со Алек

8 јули 2019 - 09:36