Фондацијата „Букер“ го најави создавањето нова книжевна награда - „Детски Букер“, вредна 50.000 фунти (57.000 eвра). Таа ќе се доделува за најдобро книжевно дело наменето за деца од осум до дванаесет години.
Првата награда ќе биде доделена во 2027 година, а ќе ја избира мешано жири составено од возрасни и деца, што е првпат во историјата на Букер. Претседател на жирито ќе биде Френк Котрел-Бојс, писател за деца. Тој, заедно со двајца возрасни судии, ќе направи потесен избор од осум книги, а потоа тројца судии-деца ќе помогнат во изборот на победникот.
Фондацијата најави и дека секоја година ќе донира 30.000 примероци од наградените и номинираните книги на деца, во соработка со организации кои работат на поттикнување на читањето кое, според извештаи, е на најниско ниво во последните 20 години (во Британија, но сигурно и во многу други контексти).
Наградата ќе ги опфаќа современите детски книги напишани или преведени на англиски, објавени во Обединетото Кралство или Ирска. Како и кај главната и меѓународната Букер награда, финалистите ќе добијат по 2.500 фунти, а победникот спомнатите 50.000.
Приемот на книги ќе започне во пролетта 2026, а детските судии и потесната листа ќе бидат објавени во ноември 2026.
Познати писатели за деца ја поздравија новата иницијатива, нарекувајќи ја „навремена и потребна“ и „огромен поттик за детската литература“.
Извршната директорка на фондацијата „Букер“, Габи Вуд, ја опиша оваа иницијатива како „најамбициозниот проект во последните 20 години“, со цел не само да ја награди извонредноста во детското пишување, туку и да инспирира нови генерации читатели. Децата ќе учествуваат и во оформувањето на наградата, а Националниот фонд за писменост ќе ги следи долгорочните навики на читање кај младите.
Како што вели Вуд, целта е детските книги да бидат „во центарот на културата“ и да им помогнат на младите „да пронајдат приказни и ликови кои ќе им бидат доживотни пријатели“.
За потсетување, Букеровата награда постои од 1969 година и е едно од најпрестижните светски книжевни признанија за дела напишани на англиски јазик.