Зошто попаметните луѓе не се и посреќни?

Иако звучи логично дека попаметните луѓе треба да живеат посреќно, истражувањата покажуваат дека тоа не е така. Некои студии дури наоѓаат слаба негативна врска меѓу интелигенцијата и среќата. Дури и кога се анализирани податоци од десетици илјади луѓе, се покажува дека повисоките резултати на тестови за интелигенција не водат кон поголема животна радост.

Според психолозите, интелигенцијата претставува општа ментална способност што вклучува расудување, планирање, решавање проблеми, апстрактно размислување и учење од искуство. Таа не се сведува само на училишно знаење или тестови, туку на подлабока способност да се „снајдеме“ и да го разбереме светот околу нас.

Од почетокот на 20 век, aмериканскиот психолог Чарлс Спирман забележал дека учениците кои се добри во еден предмет, обично се добри и во други — што го навело да ја дефинира идејата за „општа интелигенција“. Подоцнежните студии ја потврдиле оваа поврзаност, но критичарите велат дека Спирман погрешно ја толкувал суштината: интелигенцијата што ја мерат тестовите се однесува само на „добро дефинирани проблеми“ — оние со јасни правила, решенија и ограничувања.

Во реалниот живот, повеќето важни прашања, како „како да бидам среќен“, „дали да ја сменам работата“ или „како да воспитам дете“, се слабо дефинирани проблеми. За нив нема точни одговори, ниту стабилни правила. А токму овие „слабо дефинирани“ предизвици го одредуваат квалитетот на животот. Тие бараат мудрост, емпатија и интуиција, а не логичка брзина или меморија. Затоа луѓето со висока интелигенција често не се посреќни: умеат да решаваат задачи, но не и да се снајдат во сложениот, непредвидлив живот.

Историјата е полна со исклучително интелигентни луѓе кои донесувале ирационални, па и катастрофални одлуки. Тоа укажува дека способноста за решавање добро дефинирани проблеми не гарантира разбирање на животот.

Човештвото реши многу добро дефинирани проблеми — како летови до Месечината, искоренување болести, технолошки напредок — но тоа не нè направи посреќни. Решението можеби не е во нови IQ тестови, туку во враќање кон старите прашања: како да се живее добро, како да се најде смисла, како да се биде добар човек. Токму тоа било во фокусот на мислителите како Сократ, Буда, Аристотел и Конфуциј.

Но тоа не значи дека треба да си филозоф за да бидеш среќен. Ваквата интелигенција често ја имаат „обичните“ луѓе, кои можеби не знаат да решаваат комплицирани равенки, но знаат  како да дадат љубов, топлина и смисла во животот. Оваа „народна мудрост“ треба да ја цениме исто толку колку и академскиот ум, бидејќи без неа не можеме навистина да живееме добро.

извор

24 октомври 2025 - 17:57