Една вечер, поттикната од причини кои денес не знам да ви ги образложам, му пишав на Трендо дека сакам да пишувам за мода. И Трендо ми одговори со брзина на светлина. После четири-пет месеци. Кога од он се стаи на офф.
Немав поим како ќе изгледа мојата бавча. Не знаев ни за што точно ќе пишувам, ниту пак каков осврт ќе и дадам низ времето. Бавчите сами си дојдоа, една по друга. Без некој посебен ред или начин. Некогаш инспирирани од моето секојдневие. Од некои мои фиксации, од стравови и ставови. Од мода и модни збиднувања. Од културен хендикеп и мажи без муда.
Од прошетки, одмори и џаболебарење. Од пријaтели и родители. Од љубови.
Затоа, фала и на цела банда.
На Небојша што ми одговара на мејл во два по полноќ во сабота кога цела нормална раја се забавува. Само ние не. :)
На момците од Оффсајд кои ми дозволија да им се умешам макар и на блиц.
На Јурук за сите скајп ургенции ем кафанции и тубрози, торти и кафиња.
За да ја зачувам колегијалноста, ќе ја тагнам и мојата нова колешка, за добредојде. Па можеби ќе се запознаеме некогаш.
Фала и на Јана, што ми е комшивка зашто да имаш фини комшики е доста битен момент.
Имам фала и за Бетмен. За ќебапите во Турист. И за тие во Дестан. За дружби и пиварења без разум и размер. И за туристичката колумна која не ја пишавме. Мислам дека можда му должам и карбонара. A?
На Илина која е секогаш тука да ми одговори на мејлови со субјект: помош, итно, дилема, прашање и слични, да ми ја исправи кривината, одобри или дипломатски да ми каже: "А бе види сега..." Фала и за дворските смокви. Пак сакам.
На Адо му должам многу повеќе од успатно фала. Многу, многу понајсуперлативно многу. Ама Адо тоа веќе го знае.
Toa што имам најдолг стаж помеѓу моите колеги бавчованџии значи:
под а, ќе бидам првата што ќе си замине, зашто прва ќе снемам зборови.
под б, ќе останам и ќе дочекам уште некој нов Боби или пак некоја нова Сандра.
Ама, вакви прогнози не знам да ви дадам од проста причина што јас денот го планирам до последниот пола саат, а големите работи ги одлучува мојот стомак. Има пеперутки? Скокам и на глава и назачки. Нема пеперутки? Дубок наклон. Фала за све. Убаво што се запознавме и се подруживме. Чао ариведерчи.
Ама денес не знам која е следната станица.
Фала му на Уредникот.
За сите Станици.
За сите поддршки и пријателски куражења.
За сите пати кога ми кажал дека текстот е (многу) убав. И уште пофала за сите пати кога ми кажал дека ми е прилично глуп топикот или утнат насловот. За сите исправки, поправки и совети. Целодневни кафански настави и незгодни мамурлуци.
Што ми даде доверба, неколку центиметри за слика и бел монитор.
Простор да си кажам мои работи. Женски ствари, шанели, баленсијаги и остали. Модни дилеми и недоразбирања. Да зборам за модни приказни, ташни и чевли. За традиции кои сум ги научила за време на мојот живот во Италија. Да споделам со читателите некое искуство. За сите италијанштини и убавини. За пријателства, емоции, книги, луксузи и соништа. Што ми даде простор да оставам помалку мене во секој текст.
За крај, не верувам дека овој мој мерак ќе се претвори во нешто поголемо и немам такви цели зашто мене димензијата офф ми е таман, ама на кој има такви поголеми аспирации, од срце му посакувам да има можност да работи со уредник како него.
Фала ви, вам драги читатели. За сите кликнувања, посети, споделувања, лајкнувања. За сите писма кои ми ги разубавувале деновите. Ме насмејувале и ме радувале до сто. За сите топли и пријателски мејлови полни со охрабрување. За сите коментари, забелешки, пофалби и критики. И затоа што се ова, да не сте вие, немаше да има смисла.
Емили, Италија