Моден хорор

Која е Ана?

Kако стрина и тетка, рака под рака, модата и маркетингот главни осудени. Социјалните мрежи главни осомничени за соучество. И додека во владините тави се крчка по некој неуспешен предлог закон, Ана останува Божица. Ана која тие ја љубат, ѝ се покоруваат, ја обожаваат и сè би направиле за неа. Која е Ана?

За нив се работи за начин на живот, за стил кој денес слободно си го одбрале, за филозофија која ja следат и сè прават во нејзина функција. Не се ни хипици, ни вегетаријанци и единствено нешто што следат се десетте заповеди на АНА, a главната инспирација е тинспирација (thinspiration):

1) Ако не си слаба, не си привлечна.

2) Да се биде слаби е поважно отколку да се биде здрави.

3) Купи си нови алишта, скрати ја косата, земи лаксативи, умри за јадење, направи што и да е за изгледаш послаба.

4) Не можеш да јадеш без чувствуваш грижа на совест.

5) Не можеш да јадеш храна која дебелее без после да се казниш себеси.

6) Треба да ги броиш калориите и да ги смалиш.

7) Она што го кажува вагата е нaјважно.

8) Губење на тежина е добро, зголемување не.

9) Никогаш не си МНОГУ слаба.

10) Да се биде слаба и да не се јаде се симболи на добра воља и самоконтрола.

      

Бројот на про-ана сајтовите кои ја промовираат анорексијата (Ана е пресонификација на истата) како начин на живот низ вебов е запрепастувачки. Се работи за сајтови, блогови, заедници и форуми кои изгледаат повеќе како тмурни, многу заебани дневници, а содржината е доволно силна за да ви се згрчи лицето додека читате. Си сменуваат трикс енд типс, си даваат совети за ефикасни лаксативи, како поефикасно да повратиш, како да им скриеш на родителите, си се бодрат или се критикуваат меѓу себе кога јаделе. Си го раскажуваат менито на денот кое изгледа вака некако: Доручек: еден зелен чај, ручек едно јаболко, вечера едно капучино и киви.

Постираат слики од слаби манекенки кон кои тежнеат, а оние како Бијонсе ги нарекуваат дебели крави, порно, вулгарни топки од сало.

Факт: Постои болеста. Постојат луѓе кои си ја промовираат како начин на живот. И постојат сајтови каде тоа си го прават. Прашање: И што сега?

Некои магливи предлог закони за забрана се видоа во Италија, Франција и во Америка каде што фино лепо изјавија дека за да се забранат сајтовите про-ана, треба научно да се докаже постои врска помеѓу процентот на експанзија на болеста и влијание на сајтовите врз истата. Дрн дрн јариња. Можностите да се донесат вакви закони во времиња кај што светот е преокупиран со други, да не речам побитни прашања, ми изгледаат прилично непостоечки. А ако донесат закон да се забрани циркулацијата на вакви информации, ќе треба да забрани и дебелите да пишуваат што и како изеле и колку кила се здебелиле за да не се поттикне ширење на дебелина. Па после ќе треба да се забрани сè и сешто. А тоа не е финтата.

Од друга страна пак, си мислам, ако анорексијата е прогласена по сите стандарди како болест, а не женски каприц и нема никаква врска со Дајмонд, Дукан и Мајами Бич диети, тогаш не е фер истата да се промовира како начин на живот. Зашто не е начин на живот.

И за неа важи она што важи за било каква веб-информација. Каде што веќе постојат предиспозиции, овие сајтови сигурно можат да го олеснат патот кон болеста. Но дали самото нивно постоење е конкретна закана за ширење на болеста, тоа допрва ќе видиме.

Под аспект на социјални медиуми, тикви искривени помагале. Јаху од 2001 ги прикрива ваквите сајтови, а на Тамблер, Фејсбук и Пинтерест, фотографии од овој тип се отстрануваат.

Прашање: Кој е крив? Постои ли еден кривец?

Модата е првиот кривец: модните ревии, фото сесии, Вог, Ванити и компанија кои на сите начини налагаат прототип на жена. А тоа сигурно не е газлеста и со облини. Како главен виновник Модата стисната во ќош почнува да се правда.

Изабел Каро, француски модел позира за познатиот фотограф Oливеиро Тоскани во 2007 за рекламната кампања на Нолита. Билбордите се низ цело Милано за време на модната недела и токму затоа кренаа прилично голема прашина: Но-Лита. Но-Анорекси. Вака некако:

Ама пошто модата е позната дроља, може слободно да кажеме дека лиже таму кај што плукала. После оваа реклама која беше критикувана од многу модни куќи како парти брејкер на модната недела, пред неколку месеци  и од самиот Вог на меѓународно ниво излезе кампања против сајтови про-ана, па петиции за воведување на закони за да се забранат на вебот и дури се шушкаше дека употребувале фотошоп за да ги здебелат манекенките. Мачка што си ја гризе опашката, ви викам права курвица е оваа Модава, ама дали можеме да ја обвиниме за убиство од прв степен за сите девојки кои за жал умираат од анорексија, ммхм, не сум сигурна.

Изабел Каро, раскажувајќи ги нејзините обиди да излезе од болеста вели:

"Никогаш не успеав да ја секнам папочната врвка со мајка ми. Нејзиниот страв да пораснам, јас го гледав како никогаш да не треба да станам жена. Кога ме пушташе надвор во градината, ме наоблекуваше до уши, од страв дека сончевата светлина ќе направи да пораснам. Ми навлекуваше секогаш помали алишта."

Умира во 2010 на 28 годишна возраст и има три кила повеќе од сопствените години. Умира со малку коса, скоро без заби, буквално изедена и зад себе ја остава книгата: "Девојчето кое не сакаше да порасне" каде ги раскажува причините за болеста, нејзината еволуција и на крајот борбата против неа, надевајќи се дека нејзиното сведоштво некому ќе му биде од помош.

За крај, последната вистина. Проблемите со исхраната никогаш не доаѓаат сами од себе само зашто сме бомбардирани со згодни девојки и слаби манекенки или зашто постојат сајтови про-ана зашто ако беше така, ќе бевме сите анорексични. И во тој момент проблемот е многу покомплексен, многу повеќе личен отколку глобален и ние сигурно не сме доволно компетентни да го разглабаме.

Можеме само да се сконцентрираме на нашиот мал, сосема мал круг. Да си ги пазиме ќеркичките, сопругите, да си ги пазиме сестрите, пријателките, да разговараме, да се бориме барајќи конкретна стручна помош и секој од нас поединечно може да придонесе еден живот.

Не престанувајте да јадете, за ниту една причина.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

4 ноември 2012 - 09:19