Со црна ружа в рака
пред свадбен тапан стојам
да тропам душа сака
на секој удар
црни лисја бројам
се кршат од тапан
и на земи легнат
зошто сега вака
зошто весел дум не впрегнат
да заигра оро
со тебе на чело
а зад тебе јас во игра
наместо в гуша сиот стегнат
што се случи
и кај појде в миг
сета среќа и оро и бакшиш на зурла
и ти горд напред
за чедото твое и неродените внуци
ко в зурли што се кријат
неродените звуци
кај појде в миг
и „оди без мене" ми рече
„ќе мораш сега сам, синко мој убав
ќе мораш сега сам, ќе мораш да си маж
да пораснеш за трен, за два дни ил три,
мене време ми дошло
на душа да ѝ кажам: Спиј!"
Но татко, немој така
не збори ми вака
та нели рака сме си дале
и за арно и за мака
да сме тука двајца ко еден
радосен и среќен, сиромав и беден,
да сме тука јас и ти,
да терам пред мене и се да газам
„само ти води сине, јас ќе те пазам"
зар не кажа така, татко мој убав
да немам од ништо ни бој ни уплав
со тебе до мене јас Олимп ќе качам
со твојта рака на мое чело
сал од радост јас ќе плачам,
а сега Збогум ми велиш со поглед
ни збор не ми кажа
пред да се згаснеш
освен „Среќен пат, сине мој
јави се кога ќе стигнеш
и биди секогаш свој"
и кој да знае кога е крајот
и поздравот последен
кога ќе дојде
и кој да знае дека твојот пат е рајот
и твојот последен бакнеж
дека никогаш нема да ми пројде?
„Не сакав ни јас, но дојде зол час
да останеш ти од двајцата нас
не сакав ни јас, но срце дерман нема
и мене од тебе реши да ме зема
а во него сте сите
и ти и мајка и твојте браќа
од тебе последен поздрав земам
и одам последна сметка да плаќам
срце мало широко
за сите ваши грижи
не го давам до крај
се ќе прсне,
а тоа ќе замижи
во последен сон
со кој јас во вечност одам
мене ќе ме нема, навидум само
збогум чедо мое
да можев среќа камо
да се качам на тапан
со свадбени зурли
да водам твое оро
да чекам мои внуци
а сега ќе следат
на поп псалми знајни
да поплочат скали
до нивје бескрајни
кои ќе ги орам
и за вас ќе се борам
чим еден ден судба
нас пак не спои
чим еден ден време
престане да се брои
да те видам и гушнам
пак глас да ти слушнам
и тебе и неа и двајцата мали
од капки што ве знам
во мене што сте се збрале
јас и таа живот што сме ви дале
и тогаш ќе сме пак
засекогаш среќни
и тогаш прв на оро
на свадба ќе ти бидам,
но прости ми сине
што дотогаш нема да те видам
не како што сакаш
не како што ти требам
прости ми сине,
и да ријам и да гребам
назад јас немам
колку и да сакам
назад јас немам
по вечност ќе акам,
без уши и очи, без нос и раце
без ништо под прсти
без ништо свое
дур ти не ми дојдеш
и малото твое
што син ќе ти биде
ко што си ми ти
што подолго до него
од јас до тебе ќе си"
Со црна ружа в рака
пред свадбен тапан стојам
да тропам душа сака
но не знам да бројам
време штом згасне
со животот што живот ми дал
се друго ќе спласне
и секој друг ќе ми е мал
штом него го нема
живот улав ми го зема
ќе стиснам црна ружа
да падне крв
цвет ќе и гризнам
и ќе се качам на врв
ќе го исплукам в езеро
и на бран ќе му признаам
„Оди полека, оди до брегот
и кога ќе стигнеш смири се
и бакни песок милно...
да се чуе шум.
Да се чуе шумот силно....
Тоа е душата на тато
кај в немир нас не бара.
За миг да не допре
кураж да ни даде
дека не сме сами
и дека може и вака
и без него до нас
дека може да не сака...
И тропот ќе се чуе.
И езерото ќе блуе
со болка и лелек
што заедно не сме,
и бран силен ќе удри
и капка една
ќе ме удри во чело
штом до мене ја држам в рака
таа, мојата облечена во бело
и капката ќе влезе кај мене во крв
за оној што и мене
ќе ми биде прв.
И ќе го носи
името твое.
Зошто она што ќе е мое
и еден ден ќе е свое
и мене ќе ме има
ко што јас те имав тебе
и еден ден ќе има
свое мало бебе
што ќе го учи да ползи,
па да оди и да збори
да пишува и чита
и по калдрми да скита
да знае дека не е
сал мое мило чедо,
да знае дека имало
и секогаш ќе има
дедо.
Ова не е збогум.
Ова не е крај.
Ако има нешто горе,
ќе се најдеме
таму,
в рај.
На татко ми Раде.
Те љубам бескрајно.
Богдан