Ви личам ли на терорист?

Јуху, лонг тајм ноу си.
Ќе вадам виза за Лондон. Виза вадам година дена од немукает, иначе. Веќе ми е срам, се утепав од зборење и луѓе ме прашуваат „а бе, нели ќе идевте..." Како скопска лажовчина звучам. И карти имам купено. Со право на промена, заради немукаетот.

Многу беше супер кога бев малолетна и на татко ми паѓаше обврската за вадење виза. И амбасада имавме тогаш, па еден ден се чекаше. Нели е малце глупо, град за кој што јас со дрва и камења се тепам дека е светски, да нема амбасада на Велика Британија?
Нема везе.

Сега има овластена агенција што посредува и ги праќа документите во Полска за додатни 60 евра од човек. Јас со брат ми ќе идам, па не беше доволно што визите коштаат 200 евра за двајцата, сега ќе бидат 350.
Лавли.

Па да видиме:

Потврда дека сум вработена и дека не одам да им ги земам парите на кутрите жители што можат да ме купат сосе брат.
Потврда дека мајка ми и татко ми го пуштаат со мене, односно дека не сум решила да го киднапирам, без разлика што он ке биде окезен од уво до уво на аеродром таму.
Потврда дека оди во школо.
Потврда дека имам редовни примања.
Потврда дека имам примања плус редовните примања (ало, Македонија е ова!)
Потврда дека мајка ми и татко ми имаат редовни примања.
Колку пари даваме за дома (фрижидер, сметки, ова она).
Колку пари имаме моментално на сметка.
Колку пари ќе носиме таму.
Колку пари планираме да трошиме дневно таму.
Кај планираме да идеме.
Со кој планираме да се видиме.
Име, презиме, адреса, матичен број, имотен лист, месечни примања, број на прслук од тој што планираме да го видиме.
Дали сум мажена.
Дали имам партнер.
Име, презиме, матичен број, адреса на живеење, занимање на партнерот. (не лажам, сериозно).
Дали претходно сум добивала визи за Англија.
Кога сум ги добила, кога истекле (датуми колега, датуми).
Дали сум била дел од терористичка организација.
Дали планирам да работам во Англија (аман, не!)
Дали живеам во сопствен стан.
Имотен лист, колега.
Состојба на сметка на фирма од сите членови на семејството.
Изводи од банка.

Гарант пропуштив нешто.А да, карти. Е, тоа имам.


Сфаќам дека се чуваат од сељаштина, работа на црно, и со право, затоа што како балканци ич, ама ич немаме осет. Ама што ќе ти е адреса од дечко ми, бе? И дали имаш потреба да знаеш колку пари давам у Веро? И нели можеш да отвориш во компјутер, па да видиш датуми од претходните визи? Да ги родам јас сега старите пасоши.

Како и да е, јас и Лондон имаме love-hate relationship. Он ова намерно ми го прави, hard to get, за поише да му се радувам кога ќе одам.
Плус, кога ќе ја пројдеш first-world-problem голготата на собирање документи и кога ќе го однесеш КЛАСЕРОТ во агенција, па кога ќе добиеш све и ќе стигнеш таму, си викаш „кој ми е крив што доаѓам од место со луѓе од кои што имаат уплав". И си седиш, и си пиеш кафе, и брат ти пазари Hot Wheels, и си викаш, вреди. Затоа што Лондон е како инфузија.

И Скопје знае да биде такво кога ќе му се вратиш.

Јана

nultapozitiv@yahoo.com

@nuladeveteden

4 септември 2014 - 10:00