Дејството се случува некаде во 2009 година, месец мај. Во стариот стан граден во времето на социјализмот, решив да внесам малку живот и викнав мајстори за кошулица. Со високи сводови како во истражно биро во времето на ИБ - e , станот имаше подна висинска разлика од некои три сантиметри, доволна да нервира додека одиш по паркетот од бука. Од онаа бука која се водеше како висока втора класа, полна со чворови, а сепак сјајна како времето во кое беше создадена.
Тоа се тие неповторливи социјалистички градби.
Микс од чист бетон и железо, смеса доволно цврста за да зградата трае десет генерации после издадената тапија, плочки кои не ги избива ни најдобрата ''Dewalt" хилта, ѕидови кои се нерамни, и естетика од која ти се плаче.
Amen to that.
Во целата збрка со лиење на новата кошулица, низ дневната соба се моткаше мајсторче на чие тело висеше комбинизон закачен како на офингер од бившо Беко. Физикус - сучка. Маж висок колку и Дени Де Вито, кај сите во собата познат како манекен.
Дај раскажи ми, жити здравје... Му се свртев на човекот кобајаги ми е должен објаснување. Те молам, исправи ме ако грешам, но... ако си манекен, што мајка бараш да мазниш белосветски кошулици?
- Отидов во Германија во потрага по подобар живот. Трбухом за крухом, се сместив кај некои роднини. Десет души во еден мал стан во предградие на Франкфурт. На црно ми кажаа овие моиве дека ќе работам. Добро, си викам јас. На црно – на црно. Дома имам четири деца, белким ќе фатам некоја работа. Не ми е прв пат да идам таму. Знам малку германски, имам искуство како мајстор, мора да излезе на добро...
Излеговме на бауштел следното утро. Таму доаѓаат богати Шваби кои нѐ најмуваат да работиме за дневница. Обично се работи на реновирање на куќи или изградба на згради,, мешање малтер или цел ден влечење канти.
Стојам јас нареден кaко за стрелање у 41', и доаѓа една постара жена. Нè построија еден по еден, и за кратко, Швабицата прстот го впери во мене. Уф, си мислам, добро е. Само што стигнав, а веќе најдов работа.
Само мене ме избра од сите наредени сиротани, и ме покани да се качам во некое скапо колиште.
Се возевме долго и стигнавме пред куќата во која по ништо не се гледаше дека нешто се реновира. Голема куќа, сѐ на копче работи. Аххххх.. Падна секирата во мед. Старицата ме зема да и бидам љубовник до крај на животот. После нејзината смрт, сѐ оваа ќе биде мое...
Ме пречека во дневната соба. Откако ме понуди кафе и ѓус од портокал, ми покажа да се качиме горе. Оххх... И секс ќе падне. Нема врска што е стара. Таа ќе ми ја препише куќата, кај и да е, ќе умре и сѐ ќе биде мое еден ден. Ќе си ги донесам децата, жената. Спасени сме. Збогом сиромаштијо.
Се качивме на горниот кат. Таа ми ја отвори вратата од прекрасната спална соба. Ми рече да се соблечам по гаќи и да чекам, а таа се симна доле по скалите. Ја снема. Јас онака разгаќен, чекам во собата.
Одеднаш се слушна глас... Коммммммммм, битеееее
Излегов од спалната, спремен за секс со бабетина од која ми се повраќа, и влегов во дневната соба. Одеднаш се појави Германката заедно со две мали деца. Децата стоеја пред мене, јас онака расоблечен и разгаќен, почуствував срам. Поцрвенев.
Децата подло се кикотеа, покажуваа накај моите гаќи полуискинати. Покажуваа кон моите јајца кои висеа бетер од на баба им подбрадокот. Не ми требаше многу да сфатам. Овие си играат курац со мене...
- Ако не јадете, вакви ќе бидете... им рече старицата.
- Ајде заврти се, да те видат и одзади...
Се вртев два – три круга, се додека не ми кажа да запрам.
- Оди, облечи се сега, со наредбодавен тон покажуваше со прстот вообразената Швабица
Се качив горе, се облеков ко последна стока на овој свет, и веќе со првиот чекор надоле, ја најдов отворена вратата од скапиот автомобил.
Возејќи се по широките франкфуртски улици, сфатив дека таа ме враќа назад кон градилишетето од кое ме собра. Во колата владееше мртва тишина. Таа не зборна ниту збор. Ме врати и на излегување ми подаде дваесет евра. Толку всушност се заработува за цел ден рмбчење кај Швабите. Ме соблече, како кловн ме рашета пред малите деца, ме исфрли како партал, и пак ме врати од таму од кај ме собра пред само два часа.
Сакав да повратам во некоја од тие канти. Сакав да се вратам, да ја најдам и да и се изнаебам мамето швапско. Сакав косата во раце да и ја дадам. Па зар мене ме најде да ме искористи како лош пример? Па зар ако сум мал и добар, значи и дека сум стока која луѓето овде ќе ја вртат ко на ражен?
Во тој момент сфатив колку сум беспомошен и јаден. Тогаш разбрав што сме ние овде за нив. Тогаш ми стана јасно дека јас сум само обичен ''цигојна'', како што впрочем нѐ викаат на градилиштата ширум Германија.
А јас толку чесно си го заработувам лебот, драга госпоѓо. Еве, гледаш и сама. Цел ден лијам бетон за да децата дома не умрат за леб. Да, јас сум тој манекен. Можеш и ти да ми се смееш, слободно, нема да ме навредиш.
Штама. Мртва природа.
Ебана сцена од источноевропски филм завладеа во тие 20 квадрати.
Има ли потреба понатаму да се раскажува?
Сандра