Чемпресите си имаат свои маани. Произведуваат големи количини полен, цели облаци. Некои луѓе не можат да ги смислат заради тоа.
Машки цветови полни со полен
Низ Европа и Америка страдаат од неколку болести. Една од нив, рак на чемпресот, ги напаѓа гранчињата и надземните делови и ги суши. Се пренесува преку рани од најразличен вид (инсекти, ветар, снег, кроење). Нема лек. Затоа, треба да се отстранат оболените делови од растението што поскоро (ако е на почеток) или дури и цели растенија, и да се запалат или закопаат.
Една друга опасна болест што ги напаѓа не е толку специјализирана само за нив туку штети и на ред други растенија, главно четинари. Го напаѓа коренот. За жал, и за неа нема лек, и третманот треба да биде уште поагресивен - корнење и уништување.
Веројатно сите се заразени и им нема спас
Чемпресите се кршливи на ветар и снег (ветро и снеголоми), а бидејќи имаат плиток корен знаат да бидат и целосно искорнати од нив (ветро и снегоизвали). Освен тоа, ветрот и снегот често им ја расипуваат формата, посебно на повисоките вертикални форми.
Разбушавен чемпрес од последниот снег
Најчеста жртва од снегоизвали се токму чемпресите
Но, чемпресите имаат и неколку одлични особини. Доста се издржливи на суша (потеклото им е главно од сушни места). Брзо растат, и до четирипати побрзо од црниот бор на сушните пошумувања (Повардарие).
Ако се почне од најрана возраст, лесни се за обликување во најразлични форми (топијари), посебно аризонскиот, медитеранскиот и лејландовиот чемпрес. Сепак, тоа е пат на кој треба да тргнете само ако добро сте го пресметале трошокот. Има доста работа во одржувањето на тие форми.
Како што кажав во воведот, чемпресите ги има во толку многу форми и бои што ќе ви треба добар каталог за да се снајдете. Ако ве привлекуваат зимзелени растенија, посебно со помала и средна големина, сигурно ќе имате некој чемпрес дома.
За да избегнете посериозни проблеми со нив, направете го ова:
- Оние што растат поголеми, засадете ги што подалеку од куќата. Освен тоа, држат влага и мраз.
- Не ги садете во сенка
- Не садете прегусто (неколку пати спомнувам за овој проблем но трговците, се разбира, ќе ве убедуваат поинаку).
- Не сечете дебели врвови. Срцевината многу лесно скапува и драстично се нарушува стабилноста на дрвото.
- Немајте повеќе од 10% од ист вид (пример, Cupressus arizonica) ниту повеќе од 20% од ист род (Cupressus) од ниту едно растение (вклучувајќи и чемпреси) во вашиот двор.
Срцевината е скапана. Во горниот дел од дрвото беше доста полошо. Болеста навлегла преку голема рана од кастрење
Често се спомнувани во Светото Писмо и се симбол за убавина и благослов. Ван Гог има една позната слика од 1890 година во која еден чемпрес е центарот на вниманието. И денес се едни од најубавите зимзелени дрва, и ако припазите на неколку детали можат да додадат посебен шмек скоро на секој двор што има доста сонце.
Убав култивар
Слободно пишете ми на ФБ ако ви требаат повеќе информации.