Има доста приватни гарден-центри, се разбира. Некои од нив добро се рекламираат. Повеќето имаат увозна роба, најчесто од Италија и Србија, а поретко и производствени делови, на отворено или под фолија (таквите не се само гарден-центри туку и расадници). Таму разможувале и пресадувале растенија и преку зимата, а сега се спремни за продажба. Како се со квалитет? Како се со цени?
Има една пазарна финта од која треба да се пазите ако сте тргнале да купувате украсна грмушка или дрвце. Не зависи толку до продавачите дали ќе наседнете, колку што зависи од вас. Слично е како во маркетите. На влезот е изложена евтина и актуелна роба, обично сезонско цвеќе. Ако ви го привлече вниманието па влезете и го „одврзете ќесето“ заради тоа, многу поверојатно е дека ќе купите и нешто непотребно. Мој предлог ви е однапред да знаете по што сте тргнале – цвеќе или нешто посериозно.
Вообичаен изглед на влез на гарден-центар
Инаку, приватните гарден-центри се поскапи од неколкуте државни. Најпознатиот приватен гарден-центар во Скопје го држи една фирма која е позната по изведбата на некои од најубавите и најлуксузни дворови во Македонија и пошироко (ќе се воздржам од имиња, но ако некој сака може приватно да ме праша и за тоа). Велат дека земаат роба од најголемиот расадник во Италија. Знам и една друга фирма со љубезен персонал преку која и самиот сум нарачувал садници. Тие, пак, тврдат дека робата им е од вториот најпознат италијански расадник. Италијанските садници се доста квалитетни. Сепак, секое поединечно растение треба добро да се изанализира пред да се купи (во некоја идна статија ќе има како се прави тоа).
Хендикеп на овие садници им е што се „допингувани“. Во матичниот расадник, добивале храна преку инфузија – точно одредени количини вода и минерали. Тие се како спортисти на протеини и стероиди. Кога ќе престанат да ја примаат дозата, настапува шок за нив. Додека да се адаптираат на новите услови на растење, убавината и здравјето им опаѓаат. Кај нас ретко кој ги тинтра со толку „бебешка“ храна...а и подобро. Од таа апстиненцијална криза или ќе излезат или нема. Да, некои едноставно не преживуваат заради тоа. Српските садници не се толку галени, но нема ни толку избор од нив, додека оние од домашно производство се најјаки, барем во поглед на исхраната што ќе им треба понатаму. Но, оние увозни садници што ќе преживеат се многу, многу убави. Значи, предноста на приватните гарден-центри е што имаат прилично квалитетна, разнолика и многу убава роба.
Модерен италијански расадник со многу убави и квалитетни садници
На сите што ќе решат да садат нешто посериозно годинава им препорачувам барем да појдат до државните расадници на „Паркови и зеленило“. Не се гарден-центри ни од далеку, но доста рассадуваат. Некаде продаваат и „Македонски шуми“, но изборот им е обично помал. Колата оставете ја на влезот и задолжително појдете со гумарици и резерва чисти обувки за во кола заради калта. Не гледајте многу-многу наоколу зашто крајно ќе се одвратите од купување. Опкружувањето е депресивно (срамотата на пропаднатите објекти, плевелот и калта). Кратковидните се посреќни од далекувидните, зашто имаат повеќе шанси да не паднат во некоја дупка или да видат некоја прачка баш на пат и на висина на очи. Персоналот е прилично инертен (не сакам да бидам попрецизен), но има и пријатни исклучоци. Ако редовно одите таму (како што одам јас), ќе видите дека има поединци кои добро си ја познаваат работата и се услужливи.
Што се однесува до самите садници, квалитетот им е слаб. На пример, обично не се пресадувани од парцела на парцела и затоа коренот не им е доволно развиен. Особено поголемите садници имаат големи рани бидејќи губат големи корења при вадењето. Има доста криви и унакажани примероци. Плевелот задолжително извадете го дома пред садење, макар притоа ја растуриле и пола топка бусен, зашто ќе си донесете многу беља. Но, кој се разбира во избор на садница, ќе најде по некој бисер за кој ќе си рече: „Вредеше што дојдов(ме)!“. Робата не е допингувана, барем не систематски. Од домашно производство е, значи целосно адаптирана на поднебјето. А со цени се без конкуренција. Дрвце со висина од 2 метра за цена од 450 денари е имагинација во приватен гарден-центар. Има убави млади садници за хектари и хектари дворови: јаворчиња, липи, јасени, калемени форми (жалосни и топчести крошни),... многу убави грмушки што не сум ги наоѓал на друго место, а и доста-доста зимзелени.
Садници од Паркови и зеленило
Има и еден расадник кој би го ставил во трета група. Не е државен, приватен е. Но, по цени е доста близу до државните расадници а по изборот на растенија до приватните гарден-центри. Се наоѓа во тетовско Прељубиште на неверојатно голема површина (под концесија). Робата е главно за извоз. Газдата е странец и е голем работник. Иако не е млад, самиот тој често работи и е во чизми – нешто што во мои очи е бесценето. Јас го посетувам овој расадник секогаш кога можам, и обично пријатно се изненадувам од нешто што ќе најдам таму. Одам и специјално од Скопје. Се јавувам и телефонски понекогаш за да прашам за некоја садница. Сум видел и како некои приватни расадници купуваат роба од овој расадник, што кажува уште нешто за квалитетот и цените на овој производител.
Газдата (лево) на расадникот во село Прељубиште (Тетово) со амбасадорот на Холандија. Изгледа ни на амбасадорот не му e под чест да облече чизми...
Се надевам дека нешто им помогнав на сите оние кои планираат да купат и да засадат некое украсно дрвце или грмушка наскоро!
Дејан, дрвосечач и градинар, на ФБ