Прво, зошто воопшто да се кројат грмушките? Не може ли едноставно да се остават да си бидат такви какви што ќе си растат природно, без интервенција од наша страна? Одговорот е – може. Не мора да се кројат. Во природата растат истите видови грмушки, никој не ги крои, па живи се. Само што.... Човечките населби не се баш дива природа, нели? Има некои поочигледни и други не толку очигледни причини зошто би требало да си ги кроиме (кратиме, обликуваме, зависи од контекст) нашите грмушки. Еве некои очигледни причини:
- Пречат
Колку и да звучи грубо, во нашиот свет, нескроени грмушки понекогаш пречат, нам но и на некој друг. Ќе затворат пат, ќе „отидат“ кај комшиите, ќе покријат знак... Децата и постарите се најранливи ако нема тротоар и мора да одат на улица.
Тротоарот е преполовен, а некој може и да си истера очи од оваа бодликава грмушка
Има и некои не толку очигледни причини зошто треба да се кројат грмушките:
- Губат боја
Зимата е прилично еднобојна, а некои грмушки носат многу убава нијанси, дури и без лисја. Услов е да се кројат редовно за да има млади избојци. Старите не се така убаво обоени.
Овој вид дрен го садат заради црвените прачки
- Прераснуваат
Некои убави ружи некроени прераснуваат. Тогаш однатре се празни, а само надвор има лист и цвет. Во природа и во гооолеми дворови, тоа не е проблем (освен ако не се рашири по цел плац). Напротив. Во такви грмушки се кријат многу птички и животинки. Но, ако имаш мал двор веројатно сакаш повеќе растенија и форми отколку една голема зелена топка што затвора сè.
Ако досега стана јасно ЗОШТО се кројат грмушките, следно би било КАКО се кројат. Вообичаено, прво неколку збора за тоа како не треба.
- Немој само површински
Површинското „кроење“ не е „кроење“; тоа се вика „шишање“. Применето на жива ограда (геометриска, версајска) е Ок, но не за сите грмушки што постојат и насекаде. Тоа е најчестата грешка што ја гледам по дворовите, а особено по јавните површини. Искрено, најтешко ми паѓа кога морам да го работам ова за некој муштерија. Мора да сфатиме дека грмушките не се само за форма, посебно не за строга геометриска форма.
Вака ишишани немаат што да понудат освен форма
Многу пограциозна би била кога би се кроела, наместо да се шиша
Тогаш, како се кројат грмушки? Следат неколку начела (принципи, насоки). Зошто начела, а не правила? Ако им ја сфатиш поентата, начелата се појаки и од правилата. Правилата може да важат некаде, донекаде, понекогаш, со исклучоци. Начелата важат секаде, секогаш и без исклучоци. Поинспиративни се, бидејќи имаш повеќе слобода и личен момент. Гледај да ги научиш, и не ги заобиколувај овие темелни вистини, и никогаш нема да направиш непоправлива грешка.
- Начело 1 – нека има воздух, светлина и природна форма
Скроената грмушка треба да ја задржи природната форма. Не прави свеќа или столб од нешто што природно си виси надолу. Не прави топка од нешто на кое му е запишано да расте нагоре. Тоа е противприродно. Ќе се мачиш и себеси и растението. Почнуваш војна во која сигурно ќе изгубиш.
Крој за да има светлина и провев до сите делови од грмушката.
Нека не те буни тоа што грмушката изгледа скоро иста пред и после кроење. Тоа покажува дека си на прав пат.
Начело 1 во пракса - пред кроење и по кроење да биде скоро иста
- Начело 2 – има само три можни секови
Првиот е кастрење. Кога луѓето ги шишаат своите грмушки (само површински одземаат) и кога не им е грижа каде точно сечат, тие го користат овој сек. Тоа е почеток на војна. Немој. Понекогаш можеби ќе сакаш намерно да пресечеш една или неколку гранки вака ако мислиш дека грмушката ти е преретка (сакаш повеќе гранчиња).
Вториот сек е снижување. Очекуваш грмушката да ти одговори со тоа што ќе порасне повеќе во ширина отколку висина. Но, не очекувај да ти одговори само со раст во ширина. Замисли го кроењето како разговор со растението. Ти му кажуваш нешто, па чекаш одговор од него. Разговорот трае сè додека е живо растението и во твоја сопственост (некои го споредуваат со воспитување деца).
Третиот сек е поткревање. Ако мислиш дека грмушката премногу лази по земја, поткрени ја. Ова се најквалитетни и најнаградувачки потези. Слични се на пофалбите за децата, бидејќи им ги зајакнуваш јаките страни.
Крој, снимај и учи! Краток пат нема. Малку ќе убрзаш ако викнеш некој добар градинар и го набљудуваш што прави и ако му досаѓаш со прашања. И ако читаш, се разбира.
Трита вида секови
- Начело 3 – каде точно над пупката
На неразгранети гранчиња се концентрираш каде точно над пупката да пресечеш. Ова посебно се применува на грмушки како хортензии и трендафили, кои често имаат наразгранети прачки.
Самиот сек одблизу
- Начело 4 - реновирање
Ако сепак си незадоволен од формата на твојата грмушка/-и, или мислиш дека не си ги следел претходно наведените начела со години, можеш и да го вратиш времето назад и да ја подмладиш. Имај на ум дека после вакви зафати, ќе следат неколку години поинтезивна работа за да ја скротиш младешката сила. Како со тинејџер што си пропуштил да го поучуваш од мал, ќе ти треба повеќе време и сили од нормално за да воспоставите линии за комуникација. Ако не кренеш раце пребрзо, можеби и ќе успееш.
Некои грмушки ќе ти дозволат делумно „реновирање“...
... а други и целосно
- Начело 5 – не повеќе од 1/3
Никогаш немој да сечеш повеќе од една третина. Иако изгледа како исклучок од начело 4, не е. Начело 4 е последна шанса за исправање на лош третман. Ниедно начело не се побива со друго, туку се надополнуваат.
Кроењето е слично и на дисциплината за децата. Немој престрого, немој без причина, нека биде секогаш од љубов, и ќе ти вратат со љубов и благодарност.
Има и други начела кои нема детално да ги образложам сега. Некои од нив се:
- Запознај ги видовите (ниеден вид не е „ванземаљски“ и секој си припаѓа на некоја група слични видови со слични потреби и ограничувања)
- Крој преку цела сезона. Иако главното кроење за повеќето видови е зимата, постои и летно кроење. Тоа е повеќе за да го смириш растот. Деца се воспитуваат постојано, дури и на одмор.
- Почекај прво да цвета.
Не заборавај, главното кроење на повеќето видови грмушки е сега, од декември до февруари. А кој крои кај нас сега? Повеќе чекаат пупките да набрекнат, па дури и да потераат лисја. Тоа е предоцна.
Крој селективно, избегнувај да шишаш. Никогаш нема да останеш без цвет и плод (не по твоја вина).
Дали сеуште си збунет и не се чувствуваш сигурен како да кроиш? Еве ти неколку последни совети:
- Нормално е на почеток да имаш страв. Ќе помине. Кога ќе почнат да доаѓаат добрите резултати, ќе стекнеш и самодоверба.
- Не барај и не измислувај закони. Научи ги и следи ги начелата, и ќе имаш успех дури и кога ќе работиш на различни микролокации и со различно развиени растенија. Можеби си навикнат да размислуваш црно-бело (повеќето од нас така размислуваме, без да сме свесни), и те плаши што во кроењето не гледаш такви граници. Всушност, има. Само окото треба да ти се навикне на нив, ама пред него – умот.
- Не се споредувај со други. Не земај присрце сè што ќе ти кажат други. Можеби тие не вложиле толку труд како тебе да учат и се потпираат само на искуство. Некои луѓе изгледа дека знаат нешто вешто да прават, но честопати само се научиле вешто да си покриваат грешки. Ти не сакаш да прскаш преку цела година против вошки како нив, нели?
Ти посакувам да уживаш во твојот труд околу кроењето, слично како што уживам и јас во тоа!
Дејан на ФБ