Совети и најчести грешки

Како се сади?

Пролет е (за некој ден и официјално). Хоби-градинарите, професионалците и лендскејп-фирмите имаат полни раце работа, за викенд или скоро секој ден. Доста ќе се сади. Некои садат со години, некои со децении. Дали има место за подобрување некаде? Додека читате, можете да се проверите самите себе.

Некои цел живот садат вака: ќе купат некое растение, главно саксиско (или контејнерско, што е едно те исто), ќе го извадат од саксија, ќе ископаат дупка според коренот, ќе го стават во неа и ќе го навадат. Ако вака сте саделе досега, можеби после оваа статија ќе сакате нешто да смените.

Кога ќе извадите растение од саксија, обично целиот бусен е испреплетен со корења. Тоа треба да се размрси.

Вообичаен изглед на садница од саксија (контејнер)

Ако не го размрсите, очекувајте проблеми во иднина. На пример, честопати се случува ниедно коренче да не порасне ни сантиметар во новата средина, а такво растение кога тогаш ќе настрада од суша или мраз.

Ако не ги размрсите корењата, очекувајте дека кога-тогаш ќе имате проблеми

Друг сериозен проблем е што корењата кои почнале да растат во круг, како што ќе се задебелуваат ќе го прекинат растот на кореновиот врат и на другите корења на таа страна (коренов врат е делот меѓу првите корења и почетокот на деблото, природно се наоѓа веднаш над површината и личи на пресечена пирамида или конус; има многу важна улога за стабилноста и спроводните ткива). Жалосно е да изгубите големо дрво после неколку години нега зашто сте згрешиле во садењето!..

Сериозни проблеми поради несредени корења при садење

Многу добра, проверена алатка за размрсување корења е мало, цврсто, рачно гребло.

Алат бр.1 за размрсување корења

После размрсувањето, следи отсекување на предолгите и извиткани корења.

Отсекување непотребни корења

Друга можност – со нож

Трета опција – со ашов или остра лопата

Потоа следи копање на дупката за садење (може и најпрво да се ископа дупка па да се спреми садницата, обично не игра некоја улога). Дупката треба да е прилично плитка, веројатно доста поплитка отколку што сме навикнати. Длабочината треба да е максимум до почеток на кореновиот врат. Затоа, пак, ширината треба да е доста поголема од бусенот. И тоа е спротивно од она што најчесто се прави, нели? Во ваква дупка корењата полесно ќе растат барем првите неколку години, кои се и најважните за преживување.  

Нешто поплитко од бусенот, а доста пошироко од него

Откако растението ќе се стави во дупката, земјата постепено се враќа. Добро е притоа да се затресува садницата за да пропадне земјата убаво меѓу сите корења, да не останат „џебови“ со воздух (корењата не растат во такви шуплини). Секој слој треба добро да се набива со прсти, тупаница или со нога, зависи од садницата и просторот. Алтернатива е да се става вода на секој додаден слој земја, но така оди поспоро (иако не значи дека е полошо). На крај, треба да се извади сè што би било пречка за раст или за примање вода во иднина.

Вадење жица и други вештачки материјали и ослободување на горната површина од јутата

Ова што го кажав досега важи за било кое растение што ги има сите делови (корен, стебло, лисја). Истото важи и за потпирање на новото растение. Било да е цвеќе било грмушка било дрвце, можно е да му треба некоја дополнителна стабилност. Пазете тоа помагало да не остане предолго, а и да не зарасне во растението некоја врвка или жица.

Дополнителна стабилизација (макс. 2 год.!)

Мулчирањето само ќе го спомнам, сметам дека е неопходно, а затоа напишав и цела статија за тоа колку многу вреди.

Мулчирање

Три најдобри работи што можете да ги правите ПОСЛЕ вакво квалитетно садење (во следните месеци и години) се: плевење, мулчирање и вода.

Очигледно е дека во овој краток преглед како се сади не опфатив сè. На пример, може ли (треба ли) да се стави тресет, компост, вештачко ѓубре во дупката? Некој можеби ќе се сети и на други детали. Слободно пишете ми ако ви требаат повеќе информации.  

14 март 2017 - 23:33