Jас стварно не сум "панкер у душа " и не сум НоЛого, ама кога наместо луѓе по улица гледам брендови во движење и кога логото го употребуваат за да без основа му дадат цена на некој (сосема непотребен) предмет , тоа малку ме нервира. Всушност, многу ме нервира. Списокот на такви предмети нема крај. USB брендирано Емилио Пучи. Koму му треба грифирано уесбе? Некој кој не знае како попаметно да потроши 355 евра. Толку чини ефтината верзија. За мегаломаните Пучи дизајнира и верзија со златни детали која чини 505 евра. Не сфаќам кои се муштерии за вакви излишни работи? Излишни луѓе, веројатно.
Ако некогаш видите некоја многу јака риба во град за која мислите дека е беспрекорна, супер брендирана и секогаш пиц пец од глава до пети, не се залажувајте. И таа тајно оди во кујна и сецка чајна кобасица. Еве една добра вест за неа: ако така сецкајќи си го исече показалецот, а има некаков битен дејт, ич нека не му ја мисли. Тука се фластерите: Барбери, Гучи или црнобелиот Шанел. Бирајте си ја облеката и прилагодете си го фластерот. 16 евра пакување.
Tриесет годишниот електро инжињер, дизајнер и концептуален уметник Скот Амрон отвора фирма која произведува фластери за ЛВМH (мултинационалната компанија која стои на чело на Луј Витон, Моет и Шандон, Фенди, Селин, Пучи и многу други) брендирани Луј Витон направени од вистинска кожа. Многу ексклузивни и многу тренди. 3 фластери за 15 долари. Изгледа дека цел Њу Јорк е побудален по нив.
Не сте комотни додека орално го задоволувате вашиот партнер? Решението се заштитниците за колена брендирани Дизел. Во Индија минатата година во сите продавници со секоја сметка од над 150 долари, Дизел подарува Blowjob kneepads. Додека пакувањето симпатично потсетува на реклама од педесетите, сликата на женска отворена уста за мене беше иритирачка (насекаде докази дека живееме во машки свет ) Идејата е провокантна и толку успешна што многу фетишисти и фешнманијаци бараат од Дизел да се пуштат во продажба и низ европските земји. Сега за сега Дизел мудро молчи. Кој знае? Можеби и овој рекламент гаџет набрзо ќе се претвори во трговски џек пот.
Сепак најслаба точка, кога се овие бизарни идеи во прашање, ми се презервативите брендирани Луј Витон. Непристојната мисла се претвора во кондом благодарение на дизајнерот Иракил Кирициа. Презервативот е кафеав, во линија на логото на Витон, и цел прекриен со ЛВ, за случајно да не заборавите дека сексот ќе ве чини само 69 долари. Целата заработка оди во добротворни цели за борба против сида (многу оригинален и хуман гест, не виден до сега!) Па ако сте тотална или тотален фешн виктим и не сакате да ги оставите брендовите дури ни додека водите љубов, нема проблем. Од сега може да имате секс и со логoата. Кој знае дали со фискалната сметка е предвидена и гаранција за оргазам?
Едно време мислев дека живееме во време на изгубени вредности. Денес, напротив мислам дека е време во кое на сè може да му се даде вредност, да се прецени или да се потцени. Има сè помалку луѓе кои си смислуваат фустани и си одат на шнајдер. Сè помалку рачни изработки. Денес не веземе, не крпиме и не шиеме. Не правиме еден куп работи и затоа на сè можеме да му измислиме вредност. На рецептот за кифлици на мајка ми, на старите везени завеси на баба ми, на плетените џемпери на тетка Вики, на домашното, на рачно изработеното, на уникатното, на баналното и на излишното. Eдинствен начин да му се спротивставиме на индустриското производство на излишни предмети на кои логата им даваат вредност е да се вратиме назад. Да му дадеме вредност на она што најдобро знаеме да го правиме. Да создаваме предмети со душа и да го расоблечеме светот од бизарност.
Доволно е само да смислиме.
Емили, Италија
emabela@yahoo.com