Зашто јас не сум ти и моето дете не е твоето. И тоа што го има меѓу вас е свето како тоа што го има помеѓу нас. И тоа што ти се топиш и тоа што јас се топам не значи дека ќе се топиме заедно. Не значи дека ќе се разбереме во секој момент и не значи дека треба на цел свет да му покажеме колку сме интимни. Пошто на светот главно и на твоите стотици пријатели на Фејсбук не им ич гајле за твојата ехографија, Не им е гајле да те видат излезена од болница, додека доиш или да разберат дека бебето само што почнало да прави гу - гу.
Тоа тебе ти е битно.
Тоа ти треба да го запаметиш. Фејсбук не.
Од овие причини не разбирам трудни жени и млади мајки кои забораваат дека имаат и друга општествена функција и кои забораваат дека не мора да бидеме известени во реално време за колку пати нивното бебе се насмеало, гугнало, се измочало и кога му паднала косата. Па како да не е доволно, отвараш Инстаграм и ајт одново. Тоа па тоа.
Сликата на твоето гравче во петти месец на повеќето стотици пријатели не им значи нешто. Некој ќе те стаи срце одоздола, некој ќе ти каже браво, некој ќе ти стави лајк. Истиот лајк што се става на безобразен виц, на добра песна, на убава фотографија и на смешен статус. Истиот лајк што ти го ставаш кај годе, кога нешто ти е многу убаво, многу забавно или кога се согласуваш, кога потврдуваш. А ти твојата ехографија ја ставаш на такво ниво. За да ти кренат палец. И ти си подобра од мене. Потрудна и поубава мајка. Ти да, јас не.
И после тоа нè известуваш во риал тајм. И кога бев трудна и бев во контакт со многу трудници никогаш не разбрав зашто откако ќе кажеш дека си се породила треба да кажеш колку грама има. Плус десет, минус десет, на кој му е до математики? И денес, после некоја година, грамовите не ги сфаќам.
Еве ви една што сигурно ви се случила:"Се роди Филип, 3580 грама љубов."
Или: "Сега сфатив што е љубов."
Сега да, утре не. Чекај, почекај. Ќе треба да пркне, да ти каже за прв пат мама, да те гушне, да се разболи, да те бара сред ноќ, да ти се смее кога ќе те види. Љубов е секој ден не само сега зашто ти вријат пост породилни хормони. Љубов за десет години, за дваесет. За сва времена.
Потоа сме апдејтирани за првите гукања, за првите несмасни чекори, за првите кашички. Стоп. Што ја тера да не е веќе ништо друго освен мајка?
И мене ми израснало во стомакот, и јас сум се го мазела стомакот со саати и сум плачела над ехографии. Ми ја растегнало матката, ми ги проширило колковите, ме отворило на две. Па се насмеало за прв пат, па гукнало, па прв пат само јадело. Како сите ваши деца кои денес се мажи или жени, девојки или дечки. И јас како сите вас мислам дека како моето нема друго.
Еве го. Ми ги ставило нозете попреку, под вратот рацете ги испелткало со мојата коса, ја пикнало главата помеѓу моите гради и слушам само дека сака уште. Ми вика дека му е убаво. Заспива и со рачињата стиска како да сака да биде сигурно дека не е само. И јас така, најбанално на цел свет, како сите мајки го гледам и мислам дека додека е тој тука некаде, спие полунасмеан, излегува од некоја соба да расакже некој нов збор уште недоискален, да каже некоја нова импресија која не ја разбрал и да ми каже дека сака да бидеме заедно, си мислам дека сум најсреќна, посреќна од сите останати. Се осеќам тешка од среќа и запаѓам во вакумиран шарен балон и мислам дека светот е во совршен баланс. Еден миг после тоа, мислам дека сите мајки така чувствуваат.
Ама сите мајки знаат дека тоа нивното не е еднакво на сите останати. Зашто ти не знаеш мене како ми е. Ти не си јас и твоето дете не е моето. И не мислам дека ако го делам секој мој заљубен момент дека сум подобра мајка. Пошто не сакам лајк за да ви делам гратис интимности кои главно не ве засегаат, не ве возбудуваат, не ве стоплуваат ниту пак емотивно ви значат и тоа ми е од прилика како да се соголам на сред плоштад и да ви кажам: "Гледајте". Без основа и без цел, да ви дадам нешто мое. Не сум скржава по природа, ама не делам интимности со кој што стигнам.
Секој момент си има свој фолдер, секоја ситница треба да си стои во соодветна фиока и во адекватна соба. Има некои работи што се твои и кои не мора да ги разбере никој друг. Нешто што уште се вика "интимно". Нешто, преведено од италијански на италијански: - Што се наоѓа во внатрешност, што се наоѓа повнатре.
Tи и твоето дете, повнатре, подлабоко. Не го нуди за лајк.
Емили, Италија