Тоа е екологија – врвно замислена и изведена режија за сите живи суштества. Ако и ти имаш еколошки ум, веднаш сфаќаш дека треба да го поддржуваме овој круг, а не да го пореметуваме. Просто, ако правиме полош отпад и полоши услови за разградувачите, не соработуваме. Компостирањето е собирање и редење на растителниот отпад за да им се олесни на разградувачите да им прават храна на првите, и да не се намалува достапниот материјал за производство.
Поука: Ако само косиш и фрлаш откос и собираш и фрлаш лисја од твојот двор, и тоа го правиш со години, ти систематски го осиромашуваш тој затворен екосистем опишан погоре, а со тоа и твојот двор. Нека не нè чуди што имаме сè поболни растенија...
Еве неколку општи насоки за компостирање:
- Најди соодветно место – Најдобро на сонце и врз гола земја (но со некои измени, може скоро секаде)
- Сооднос 50/50 сув и влажен материјал. Ако е пресува мешавината, бактериите и габите (разградувачите) не можат да работат. Додај откос (зелена трева). Ако е превлажен, нема воздух и смрди. Не е добро за микроорганизмите. Додај ситни прачки, хартија и сличен сув материјал.
- Кога е сипкав (ронлив), како кафе под прсти, и мириса пријатно на земја, спремен е за употреба (тоа се вика „компост“)
- Не е страшно ако има по некое покрупно делче. Уште подобро е ако го просееш, а покрупното го вратиш на дообработка.
- Ако додаваш вода, вар и го превртуваш одвреме навреме го убрзуваш процесот. Но, ако ти е премногу таа дополнителна обврска, може и без тоа.
Влажен материјал за компостирање:
- Откос (тревата што ја косиме, што по навика ја фрламе)
- Вреќички од чај или филтер-кафе
- Талог од кафе
- Кујнски отпадоци (разни лушпи од овошје и зеленчук)
- Коприви, овенато цвеќе од вазна
- Отпадот од двор (лисја, цвеќиња, ползавици,...)
- Едногодишни сочни плевели
Сув материјал:
- Лушпи од јајца (прво смачкај ги убаво)
- Разна картонска амбалажа (иситни или згужвај убаво)
- Секаква природна хартија (и хартија од канцелариски шредер)
- Гранчиња од кроење
- Сено, слама (и од хрчаци и сл.)
- Волна, памук, пердуви и природни ткаенини
- Ѓубре од правосмукалка
Со некои треба да се биде внимателен:
- Месо и млечни производи (може да привлечат глувци и мачки)
- Болни растенија и/или нивни делови
- Повеќегодишни плевели со многу семе
- Никаков измет (бебешки, кучешки, мачешки, ...)
- Пластика, стакло, метал (се разбира)
Две одлични страни за совети и идеи (има и доста други на интернет), тука и тука
Ако си мераклија сам да си правиш работи, пробај со компостара од палети, со мрежа за кокошки или со обични прачки. На интернет ќе најдеш многу идеи и едноставни шеми.
ШТО СО КОМПОСТОТ?
Добиениот компост може да се употреби како „мулч“ околу дрвјата, грмушките и околу или под сите други растенија (ќе зборуваме друг пат опширно за ова), или да се растура во тенок слој по тревникот (велат дека ова било тајната на славните англиски тревници). Кога сме кај тревниците...
...дали забележувате колку многу лисја се собираат и се фрлаат секоја година? Тоа се прави на јавните површини на тони. Но, мислам дека повеќето од вас, драги читатели, не сте од јавното претпријатие за зеленило, па барем вие дома во свој двор може да смените некои навики, нели? Има ли некоја алтернатива? Па, досега зборуваме за компостирање!
Но, пред да избрзате да ги соберете лисјата, застанете и размислете – дали навистина сакате „идеален“ тревник, „вечно зелен“, без ниедно паднато ливче на него и без ниедно плевелче? Слушнав (можеби и ти) имало такви тревници во Америка и Австралија, и биле „многу“ еколошки, со тони и тони хербициди и вештачко ѓубре секоја година... Дали сакаш таков тревник?! Јас не.
Јас уживам во есента (а знам и многумина од вас). Посебно ме смируваат боите на есенските лисја, било на дрво било на земја. Зошто да ги собираме веднаш штом ќе паднат? Ако на јавни површини во близина на улици и тротоари се некаква опасност и проблем (затнуваат канализација, лизгави се, и незнам уште што), во дворовите обично не се. Плус, децата уживаат да си играат со лисја!
Кога ќе ви помине меракот на нив или кога ќе изгубат боја, зошто не ги искосите со косилката за трева без корпа или со косилка-мулчарица? Тоа е скоро како компостирање на лице место!;)
Дејан, градинарот
dejan.arborist@gmail.com
На ФБ