Исповед 8

Аман

Човек треба да се солидаризира со оној што е онеправдан, а не со оној што ги брани паразитите, оти и тие требале од нешто да живеат. Паразитот е така создаден што не може да сфати дека ако многу се намножи, ќе го уништи и телото на кое паразитира, а со тоа и самиот ќе загине... Стави се во кожата на онеправданиот, макар и црна да му е... од мака. Ве поздрави Хајле Селасие: "Денес сме ние, утре Вам ќе Ви дојде редот" 

Си било едно типче. Се викало Хајле Селасие, и било крал на Етиопија. И кога му дошле 1935-та Мусолини и бандата во Етиопија, со нови пушки, топови, тенкчиња и други хај-тек за тоа време оружја... му ја окупирале земјата. И отишол следната година Хајле во Лигата на народите (мајка му на ОН), во Женева, и таму држел говор. И не им се слушало баш на присутните. И на крајот, по многу зборување, очаен им порачал од говорницата: „Денес сме ние, утре вам ќе ви дојде редот". Што тропа црнецов? –си шепотеле меѓусебе претставниците на нациите во лигата. По некоја година, дојде Втората светска војна, и изгина многу народ во војната... се беше развила работата.

     Си биле едни типчиња, од Скопје, и си дале име АМАН. Им ги зазеле струјата и парното и им ставале цени какви сакаат, некоиси таму домашни и странци, а имало и некаква регулаторна комисија, составена од избрани мудреци со вродено чувство за чесност. И излегле да се бунат аманџиите, и прво имало многу народ, па помалку... па ич. Се стишала работата. А тие се бунеле за разните поскапувања, за цените на струјата, што им ја укинале ефтината тарифа, и се бунеле зошто тие што немаат парно а некогаш имале и се откажале, пак треба да плаќаат... демек, зошто да плаќале? И собрале така, овие од АМАН, 10.000 потписи со многу мака, и ги примиле, додуша не во ОН, туку во МС (македонското собрание). И таму, ги соочиле со некои кусички теткици во комплетчиња, со фризурка и ташниче, претставници на правните служби во засегнатите фирми за струја и парно. И овие теткициве, на висок стил, мошне интеLектуаLно и со несоборливи аргументи им докажале дека не се во право што бараат такви работи. Еве на пример, зборуваше една од праведните бабички, тој што нема парно сепак живее во зграда каде другите имаат, па тој се грее всушност на нивните радијатори, преку подот и ѕидовите, и затоа, ред е да плаќа... инаку – краде. Нели и Итар Пејо се грееше на огнот што го гледал во далечината, и убаво ли правел што не плаќал за тоа? Така зборуваше правничката (името ѝ беше Заратустра, мислам). И наведнале глава аманџиите, си излегле од собрание, оти увиделе дека се овци што не знаеле такви работи. И се разочарале. И по некое време, така снеможени и исмеани, оти по улица малку и ги зезаа на последните им прошетки, се сетиле тие на Хајле од Етиопија, и се почувствувале како Црнци, и си рекле во себеси "Денес сме ние, утре Вам ќе Ви дојде редот."


    Ако некој се буни заради очигледна неправда, ред е да не му се смееш. Остај ти што кажуваат „законите" направени да одговараат некому и да штитат повисоки интереси на... паразитите. Плати, оти мораш, оти таков закон изгласавме... и на суд ќе те добиеме... па мисли му ја тогаш. Ќе ти се искомплицира животецот. Тие што ги вработивме мора од некаде плати да земат... и впрочем, ќе нè гласаат. Тактика на сегашната, научена од поранешната власт. Стави му се во кожата на оној што во своја куќа станал кираџија на ЕВН и Неотоплификација, па сметките му се пола или повеќе од пензијата, платата или помошта што ја добива... па може да му го земат и домот... оти тука нема ништо лично – законот си е закон... мора да се почитува. Каква мудрост?

     Човек треба да се солидаризира со оној што е онеправдан, а не со оној што ги брани паразитите, оти и тие требале од нешто да живеат. Паразитот е така создаден што не може да сфати дека ако многу се намножи, ќе го уништи и телото на кое паразитира, а со тоа и самиот ќе загине. Оти работите може да ескалираат, а и откај знаеш дека нема да ми го прифатат предлог законот – да се плаќа паушал за бензин и данок на неупотребуван штекер? (Оф аман, аман... повеќе може да прочитате кај мене на фб или на http://novatv.mk/index.php?navig=8&cat=6&vest=1561) Се разбира, има и друга опција, можноста за избор секогаш постои, а таа е, да си ја напишеш со големи букви новата заповед на незаинтересираните и кул граѓани на светот, која гласи: ГЛЕДАЈ СИ ГО САМО СВОЈОТ ГАЗ, И ТЕ ЗАБОЛЕ ЗА ДРУГИТЕ.

Стави се во кожата на онеправданиот, макар и црна да му е... од мака. Ве поздрави Хајле Селасие.

Хајле Селасие - Растафари, 1892-1974.

п.с. Инаку, јас живеам во зграда со парно, најгоре, и го откажав парното одамна оти слабо ме грееше, и упорно ми стигаат сметки за нешто што го немам, и го прашувам Заратустра – Имаш два грама мозок? Да?

п.с.2. Хајле Селасие, по војната, толку го засакаа на некои простори во Третиот свет, што му кладоа име Рас Тафари, и му сторија цело движење... речиси религија. И тие претераа.

*Напишано во знак на солидарност со луѓето од АМАН, кои се подразочараа во своите сограѓани. 

tihomirmail@yahoo.co.uk

 

26 април 2013 - 08:33