Интервју со некогашниот фронтмен на Секс пистолс

Џон Лајдон веќе не е толку Ротен

Во април издаде втора автобиографија на повеќе од 500 страници, „Лутината е енергија: мојот живот, нецензуриран". Утре, 4 септември, излегува и неговиот нов албум, „Она што му треба сега на светот". Човекот кој беше познат како „Џони Гнилиот“ има скоро 60 години, а според ова интервју сега е прилично зен, и не толку лут на светот.

Стана дел од Секс пистолс во 1975, а во 1978 ја формираше Паблик имиџ лимитед, со која сега издава албум и тргнува на турнеја низ Британија на 18 септември. Пренесуваме негово интервју во Гардијан по овој повод:

Кога сте биле најсреќни?

Кога како дете бев во болница заради менингит, ми донесоа играчка Динки. Ептен ја сакав.

Што ви е најголемиот страв?

Да се разбудам без да знам кој сум.

Кој ви е најраниот спомен?

Татко ми како ме држи над игралиштата во Хајбери. Сигурно немав повеќе од една година.

На која жива личност ѝ се восхитувате, и зошто?

На секој кој мисли со своја глава.

Која карактеристика ја сметате за своја маана?

Самосожалување.

Кој ви е најзасрамувачкиот момент?

Срамежлив сум - ако тројца или четворица ми зборуваат одеднаш, мозокот почнува да ми паничи.

Настрана недвижниот имот, кое е најскапото нешто кое сте го купиле?

Музички систем.

Што ве прави несреќни?

Омраза, себичност и презир.

Да можете да вратите некого во живот, кој би било тоа?

Моите родители.

Кое е вашето забрането задоволство?

Мрзливост.

Кој би ве играл во филм за вашиот живот?

Џастин Тимберлејк.

Што сакавте да бидете кога ќе пораснете?

Наставник. А потоа биолог за мориња.

Која ви е најлошата навика?

Вадење влакненца од носот со пинцета.

Што најмалку ви се допаѓа во врска со вашиот изглед?

Имам газ што можеш да го носиш во количка.

Која книга ви го има променето животот?

Магбет: ми го отвори умот за поезија и пишување песни.

Кој или што е вашата најголема животна љубов?

Нора, жена ми. Се запознавме на почетоците на Пистолси. Толку ни беше добро што сакавме да продолжи.

Кога сте биле најблиску до смртта?

Менингит, а потоа бомбите од Локерби. Нора и јас тогаш требаше да летаме со тој авион, но таа не се спакува на време, и откажавме.

Кој ви е најдобриот бакнеж во животот?

Кога ја бакнав мајка ми кога ми се врати меморијата, четири години откако излегов од 12-неделна кома, на 11 години.

Кога последен пат сте плачеле и зошто?

Многу плачам. Една од најтажните сцени ми беше кога видов како деца просат кога снимав во Африка. Ним очајно им треба образование, а немаат ни за пенкало. Им купив кутии пенкала.

Колку често имате секс?

Ние сме чести летачи - некои авио компании можат и да ни го забранат тоа.

Кое ви е најголемото достигнување?

Транспарентноста во музиката и животот.

Која песна би сакале да ви ја пуштат на погреб?

Реквиемот од Моцарт.

Која е најважната лекција која сте ја научиле во животот?

Дека хуморот е најдобриот одговор во моменти на длабока тага.

Каде би сакале да бидете сега?

Тука, во ЛА, гледајќи во океанот. Ако застанам на скала, можам да го видам.

Песна од новиот албум:

3 септември 2015 - 08:41