Како е да си краставица?

Што ако интелигенцијата не е привилегија само на луѓето и животните со мозок? Што ако клетките, органите, па дури и едно растение имаат сопствен начин на „размислување“? Токму ваквите прашања ги поставува американскиот биолог Мајкл Левин – еден од најконтроверзните и највлијателните научници во областа на развојната биологија и регенеративната медицина. Неговите идеи предизвикуваат бурни дебати, но и отвораат сосема нови погледи кон животот, свеста и можностите на човечкото тело.

Кога бил дете во Москва, Михаил (денес Мајкл) Левин не сакал да јаде зеленчук. „Треба да јадеш краставица затоа што ќе биде тажна“, му рекла мајка му. „Не ѝ дозволуваш да си ја врши работата“. „Нема да биде тажна“, реагирал тој. „Од каде знаеш?“, прашала мајката. 

Левин денес е професор по биологија на Универзитетот Тафтс и на Харвард, но тој повеќе го сака описот „природонаучен филозоф“. Прашањето од воведот останало долго време со него, и тој до денес се обидува да одговори на него. Според него, интелигенцијата не се појавува само во мозокот. Таа постои на многу различни нивоа – во клетките, ткивата, органите и во целиот организам. Клетките не се само пасивни градбени единици, туку соработуваат, комуницираат и заеднички решаваат проблеми, како на пример при зараснување на рани или обновување на оштетени делови од телото.

Еден од клучните елементи во истражувањата на Левин е биоелектрицитетот. Освен хемиски сигнали и гени, клетките меѓусебно комуницираат и преку електрични сигнали. Тој смета дека токму оваа електрична комуникација е еден вид „јазик“ со кој телото знае како треба да изгледа и функционира. Неговата омилена споредба гласи дека ДНК создава „цигли“, а биоелектрицитетот кажува каде треба да бидат поставени. Со други зборови, гените не се единствениот архитект на организмот.

Во лабораторијата на Левин веќе се изведени низа необични експерименти. Истражувачите успеале да создадат планарии – мали црви – со две глави, да влијаат врз развојот на жаби со промена на биоелектричните сигнали и да покажат дека некои ткива можат сами да се реорганизираат по повреда.

Најголемо внимание привлече создавањето на таканаречените ксеноботи – микроскопски структури составени од клетки од жаба, кои не постојат во природата. Без никаква генетска модификација, тие можат да се движат, да извршуваат едноставни задачи, па дури и да помогнат во обновување на оштетено ткиво.

Подоцна научниците создадоа и слични структури од човечки клетки, наречени антроботи, кои во лабораториски услови покажале способност да поттикнуваат обновување на нервно ткиво. Истражувачите се надеваат дека ваквите технологии во иднина би можеле да се користат за лекување повреди, вродени аномалии и некои видови рак.

Најголемите несогласувања не произлегуваат од експериментите, туку од филозофските заклучоци што Левин ги извлекува од нив. Тој тврди дека интелигенцијата можеби не е производ исклучиво на материјата, туку дека постои поширока реалност од која „произлегуваат“ различните облици на умот. За голем број научници ова звучи премногу блиску до метафизика. Дел од нив сметаат дека Левин користи поими како „ум“ и „интелигенција“ на премногу широк начин и дека неговите идеи не можат лесно да се докажат. Сепак, дури и неговите критичари признаваат дека експерименталните резултати од неговата лабораторија се сериозни и често отвораат нови истражувачки правци.

Без оглед на контроверзиите, Левин инсистира дека неговата крајна цел не е филозофска расправа, туку развој на нови терапии. Тој верува дека ако научиме подобро да ја разбереме комуникацијата меѓу клетките, еден ден ќе можеме да поттикнеме регенерација на органи, да лекуваме тешки вродени заболувања и поефикасно да се бориме против ракот.

извор

31 јули 2026 - 13:11