„Не го набљудувајте животот, погледнете во него" – Френк Лојд Рајт, архитект и комита
„Здравје, до Водици ќе тераме јуначки од маса на маса, па ќе одмориме малку" – оваа првоборска максима на сите околуновогодишни кафански херои кои од 20-ти декември до 20-ти јануари се во рововите обезбедувајќи го безбедното заминување на старата и водењето сметка новата година да дојде без проблеми, кога ќе биде изјавена, обзнаена како манифестот на трезначката република некаде меѓу Божиќ и Василица во оние рекапитуларни моменти (читај: правење гргара со расолница) секогаш ми била лабава како корен на млечен заб кај петгодишно дете кое баш сака чоколадо. Како онаа, шанкерската „мајсторе, оваа тура, уште една и бегаме", испочитувана никогаш и од никого.
Па сепак, после месец дена лумпување мајсторски финализирани со капење во кочан ладна вода на 19-ти јануари, душата ти бара малку одмор, мозокот си бара размена на кинетичка енергија со една телешка чорба за појадок, добра книга и крцкањето на домашната фотелја под твојот празнично волуменизиран г'з. Вработените во твојот организам дигаат рачна и прогласуваат пауза – тил фурдер нотис. А и на кафаната и е смачено од тебе и сака малку да одмори од сите стратегии за оправање на државата, распостилањето со знаења од квантна механика, преку спортска аналитика, шармерски стратегии до анализите дали ако Мето Јовановски глумеше во „Кум 1" наместо Марлон Брандо, кариерата на Пачино ќе добиеше поразличен тек.
Потребна е мала пауза. Разбивање на циклусот во кој животот гледан од страна ти заликува на некоја тв серија која започнала успешно па после иницијалното шармирање на публиката, дејството се разводнува како нафта од мала бензиска пумпа, иако тебе ти се чини дека си генијалец кој е на прагот да открие нешто што никој друг во историјата не ни знаел дека постоело. Океј, кафанскиот Колумбо го сака животот и тука нема никаков фаул. Го ужива интравенозно, го дише со цело тело, ма ѓаволот се препотува ко на Негорски Бањи низ сите твои пори снеможувајќи се пред налетот на искрена радост од постоењето на грозје, месари и ниви со тутун. Лукавиот станува клаустрофобичен во сите ќелии на отпорот замирисани на печени пиперки со оцет и лук во кои делува нашиот јунак. Ти, царе. Уживателот во сите негови магии сервирани на карирани чаршафи и мириси од кои трокира здивот.
Ама, пази сега: сосема е коректно и да одмориш малку. Секој Инкафана Џонс мора да знае кога е време да го закачи шеширот на клин и да го остави да си фати малку прашина за да имаш што да истресеш од него кога ќе дојде момент за триумфално враќање на сцена. Да се спружи пред телевизор, да го пушти оној глупиот канал за лов и риболов (Часе ен пече? Чејс ен пич? Ма абер немам како се вика) кој ми се чини дека е измислен само за овој период од годината и да ужива во досадните рибарски приказни кои на француски јазик звучат прилично мистично, како Нострадамус рецитиран од Едит Пјаф. Само гледаш вода и замислуваш глупи рипчиња кои под површината уживаат во такт кој го познаваш. Тактот на твојата кафанска рапсодија која насмеани насукани обелени рибарски бркови во чамец сакаат да ја прекинат, адаптирајќи наполеонски стратегии за да дојдат до пленот. И ти си риба, ама тебе и на суво ти е пријатно, особено кога знаеш дека можеш да одолееш на една обична проста јадица.
А одолеваш како шеф. Со лежење и анализирање на смислата на постоењето на брановите од поликолор, на таванот оставени како потпис од молерот кој не беше најзадоволен од твојата фискална политика (их, копиле). Седење во оној агол од собата во кој допираат стотина сончеви зраци и собирање на истите во хартиена ќеса, за зимница. Поправка на скршеното вратниче од плакарот во спална соба кое чкрипи како во каубојски салун. Замена на сијалицата во ходник која се уклучува во интервали еднакви на активноста на двојкаш во едно тромесечие. Урамување на постерот со убавите шест газови и вајани грбови на жените обоени во омоти на Пинк Флојд кој го купи пред 8 месеци и сеуште стои завиткан во шпајзот. Читање огласи за олдтајмери со второто кафе, колку да може да се истуфкаш како човек: „Ту, ама трошат овие старудии, али добро би ми стоело мерџово, мама си ибало".
Кафето е готово. До наредното, Индијана Џонс има време и за духоослободувачка инкогнито мисија, сега кога ги искина прангите на робувањето во хедонизмот запишан меѓу кожните корици на едно мени. Да ти кажам, често сакам да пешачам без однапред определена рута и пит-стопови во кои треба да се чекирам. Знам каде одам кога не мора да одам никаде особено, па во ход откривам како ќе стасам до таму. И кога не брзаш никаде, стигнуваш на места на кои осеќаш дека треба да бидеш, баш во тој момент. Пешачиш од тротоар до тротоар и внимателно ги забележуваш сите траги на милионите забрзани чекори кои прошле тука пред тебе. Езерциња како мали огледала на небото по кое газиме. Дигаш глава. Еј, колку чудни кровови има наоколу. Девојка со обид за манекенски чекор те одминува, со хируршка концентрација да не ти го пресретне погледот. Невешто проаѓа низ косата со тазе налакираните нокти во миг на мала нервоза и себеиспитување, точно во моментот во кој се разминувате: „Дали сите забележуваат дека сум малку здебелена? Ми се гледа ли токата од кашиот? Леле, не си го осеќам парфемот, џабе се бањав во него утрово. Ја исклучив ли ринглата? Уф, доцнам, за на состанок... А кај ќе одам ваква? Требаше да се јавам дека сум болна".
Додека со насмевка ѝ ја фаќаш фреквенцијата на која се штелува, за малку ќе направеше сообраќајка со некој кој си ја одбрал баш истата рута на движење како и ти, само во спротивен правец. Оп! Застанувате еден кон друг и започнувате да танцувате. Ти лево, тој лево. Ти десно, тој десно, во ист момент. Одеднаш застануваш на страна како матадор кој го пропушта бикот, тој од спротива се осеќа како Мајкл Џордан кој го издриблал бекот на противниците и двајцата среќни продолжувате по својот пат.
Доаѓаш до пешачки премин. Еј, колку приказни кријат погледите на луѓето на пешачки. Види ги оние двајцата, момчето и девојката. Се гледа дека едно месец дена не можеле да живеат еден без друг, а сега како да си здосадиле и чекаат знак од зеленото човече дека е безбедно да се помине улицата. Зависат од зелениот бран за да фатат залет. „Можам да замислам и дека имаат досаден секс. Тој обожава мисионерски, таа размислува за дезенот на завесите и цветниот тапацир на даската зад перницата". Сето ова проаѓа низ глава во 6 секунди, додека со едно око ја следиш бојата на семафорот за автомобилите, па кога ќе се обои во црвено, знаеш дека ти си на ред.
Гледаш книжара и влегуваш во неа. Повторно веруваш во живот после Фејсбук, додека ги гледаш луѓето со корпи во рацете наполнети со книги како да се наоѓаат во Александриска библиотека неколку часа пред да биде истретирана со пламенобацач. Не си бил во книжарата којзнае од кога, ама денес си фино расположен за да се сретнеш со Ирвин Велш и да го носиш на ќебапи во Дестан. Тој ќе ти раскажува за најдобрата ќебапчилница во Шкотска, ти ќе му вратиш со форхенд дијагонала натопена во буковец и малку сол. Ирвин запнал за пиво - се согласуваш. Може едно мајсторе, ама ако пробаш од феферонкава, да видиш како ние тука вежбаме капацитет на плуќа за да дуваме во гајдите. Тој оди во ВЦ и знаеш дека ќе го нема долго време, ама и дека ќе биде добро. Продолжуваш понатаму.
Размислуваш за оградите на куќарќите кои ги проаѓаш замислувајќи ја вештата рака на мајсторот кој ги правел со цигаре филтер Југославија во уста и некое ситно оро од радиото во неговата лабораторија. Од спротива има билборд со реклама за драмска претстава. Те проаѓа возрасна госпоѓа која разговара со својот пекинезер: „Ајде, дома не сакаше да јадеш, ќе издржиш сега додека стигнеме, нема да умреш за јадење". Пекинезерот ја гледа бледо, како да размислува „што му е проблемот на ова големо куче на две нозе што ме тегне за синџир? Дали е и тоа гладно, па затоа вика? Их ама е досадно. Пак ќе мочам на тепих денес." Драма!
Доаѓаш дома, и влегуваш во кујна како диригент во Миланска скала со полни ќеси потенцијален мерак. Си ги купил сите бои од палетата на Караваџо во различна форма, мирис и агрегатна состојба и останува на тебе да измислиш дело кое ќе шири љубов до секој заб и ќе ти го масира јазикот како тајланѓанка петици. Или само ќе те најаде – и тоа е коректен пристап. Сè е до перспективата. Повторно си господар на својот дом и се осеќаш максимално комотно во фотелјата што не ти пречи да прелисташ и по каналите со вести за да знаеш како живеат оние околу тебе и дали се среќни. Само на секунда, како свирка од кола на оранж семафор, вниманието ти го одвлекува некоја бурлеска од дебата на која фино дотерани господа зборуваат чудни зборови како автократија и демократија.
„Чудни овие луѓенцава, се прашувам на која планета живеат? Не ми делуваат баш среќно...".
Што ги тркалаш...
Убаво ли ти е?
Само тоа е важно.
Ак си за муабет, бујрум: betmenvelit@gmail.com , @BatmanSaysT