Дали и за таквите потомци ќе ти е виновна државата?

Предизборно, морав да се пролигавам на тема социјализам и Југославија и да прашам, што ви е бе форава што им ги носите на децава ранците до влез во училница?

Постариот син оној ден замина службено за Франција. Детето порасна. Додека да трепнам, тој веќе станал свој човек. Има брада, своја плата. Има девојки. Уште некој испит до дипломирање. Кога беа у пелени, кога отиде пола живот со бебиња кои сега имаат свои заработени пари, и јас сама не знам.

Комуњарски до крај. Уште не си се освестил кој си, а веќе идеш на работа. Ти тече стаж. Си се пензионирал, а уште коса не ти побелела асално.

Нема лабаво. Дома  мора да се градат должничко – доверителски односи. На ти на заем, врати заем... Чист рачун - дуга љубав. Проста математика.

Јеби га.

Мислам дека има нешто во тоа да се расне со мајка која пораснала со татко комунист, кој на прашање да ја продаде својата СКМ книшка сега кога одамна све е завршено, само одмавнува со раката. Нема тука сине – мине, плачење под мајчина сукња. Има да се работи, и крај. Такви потомци се чуваат кога и покрај 40 измерена температура, некој ти вика оди на школо, па ептен -ептен ако ти е лошо, дојди си. 

Има рецидиви. Признавам.

А има нешто и во децата кои се родија и уште раснат во политички перфорирана држава која 25 години ја шупчи кој како ќе стигне. Има нешто поврзано со животот под Сонцето на Вагина. Има нешто кога се живее без класна борба. Без идеологија. Без вистински патриотизам. Без борба на пролетеријатот. Без сенс и текнувало откако се осамосталивме, дека не ти треба власт и полиција ако си лојален граѓанин кој сам ја гради и одржува сопствената држава. 

Време е за предизборна ју – носталгија, компарација, мала дигресија. Телепортација.

Замисли...

Замисли сега на ТВ, марка Кертинг у боја, да ти чита вести за #реално или број 4, коконата Бранка Станковска. Милка Планинц да ја видиш кај сече лента на двеста метри асфалтна улица у 21 век. Замисли Лазар Мосјов да ти кажува дека некој сака да го продаде името, а ти нема 5 милијарди државни пари. Анте Марковиќ да ти вика дека ако немаме за леб, важно банани јадеме. Никола Кљусев да ти вика дека е боље да переш со пиралка наместо со веш машина, додека дома уживаш у многудетна нирвана. Замисли една црвена да ти вреди твојот глас.

Замисли се враќаш у денот кога се шеташе со јакна купена три броја поголема, да ти биде точна следните пет години. Замисли сега се санкаш со санки купени од Југопластика. Едни санки за цело детство, со Пони ако си супер одличен ученик. Со напишана домашна уште од школо невратен, кај седиш дома сам додека твоите да се вратат од работа. Со клуч на врат обесен на ластика. Со пуст мерак да останеш на сокак до покасно. Замисли си ја, и врати си ја болката после кило ќутек ако ти се истури не дај боже ајвар на штиркан чаршаф за јадење.

Замисли си и телепортирај се во прво одделение кога твоите ќе ти покажеа на 1 септември кај ти е школото и која ти е учителката, или пак евентуално и редок како бела мечка, строгиот машки учител, без прашања дали утре ќе знаеш да се вратиш дома. Замисли, се враќаш од школо пешки со ташна поголема и од јавниот долг на Македонија, а надвор фучи ветер кој ти ги пробива сомотските панталони наследени од постариот брат, а ти женско.

Замисли. Све замисли. Врати се во детството и не сери по многу дека ти било лошо во социјализмот. Да не ти беше добро, немаше од државава Југославија да се иселува само оној кој бараше преку леб - погача. 

Замисли и делувај. Врати се во добрите времиња. 

Замисли,  и почни после изборите да работиш прво на себе, додека ги гледаш рожбите како ти раснат пред очи. Замисли и дај си одговор, зошто во снегулка го претвораш она на кое му носиш ранец до влез во училница?

Замисли и одговори.. Дали и за таквите потомци ќе ти е виновна државата?

Пишува и прашува: Сандра Томовска