Ѕвони ми од фиксен

Таков ултра-лажен профил ме адна сабајле, без грам труд да делува реален, што морав и блок да му мавнам за казна. Обично ги игнорирам, ама овој така со 6 рандом френдови, со едно општо име и презиме, па уште и со силуета некоја, наместо фотографија.

Зашо бе, така? Од секогаш Sign up ми бил најмачен дел. Податоци, потврди мејл, не – пасвордот не ти е доволно сигурен, стави матичен од мајка ти, не не така матичниот, искомбинирај го со твојот датум на раѓање – О, ИЗВИНЕТЕ, ДАТУМОТ НА ВАШЕТО РАЃАЊЕ НЕ Е РЕГИСТРИРАН КАЈ НАС, ОБИДЕТЕ СЕ ПОВТОРНО.

Е, до таму е. Е сега, кај се гњавам за сопствен профил (маките на модерниот свет), да проаѓам таква глупа голгота за лажен? Ајде, да видиме колку се подеднакво глупи и причините.

Сфаќате ли вие бе, дека луѓе прават лажни профили за да им се удвараат на партнерите, за да видат дали партнерите ќе прифатат удварање? Фасцинирана сум! Или малце подраскинати, или скарани, или у најголема љубов... Е, СЕГА ЌЕ ПРОВЕРАМ КОЛКУ МЕ САКАШ.

И она сега, наоѓа слики на Гугл што не личат на извадени од списание, ама обавезно е некоја бујна, млада жителка на село Лорет де Мар, дава generic име Марија (похрабрите и некоја Лола), грижливо додава 250 души, чека прекрасно предвидливи, чудни луѓе, без сознанија за МК поддршка да почнат да пишуваат „aaaaa kakva siiiii mamooooo", и после некое време – Додајте го дечко ви за пријател.
Он ако е доволно глуп ќе и пише на Лола. Ако е заљубен или во најмала рака претпазлив, Лола ќе му пише него и ќе го провоцира. И кога пустиот мислејќи дека се наоѓа на сопствен приватен простор ќе и каже на лажнава дека е убава, тупата девојка гаси компјутер, плаче, утредента му ги наплаќа сите саати изгубени во готвење на профилот и го прави партал и после на другарките им вика „ЗНАЕВ".

Како мори, знаеше? Дека го начека ќор пијан и му ја пикаше глупата Шпањолка во танга, па он и рече дека е згодна? Па згодна е, кој ти е крив? На крај краева и кој ти е крив што се фаќаш со човек што сумњаш дека ќе се удвара на „Лола" од Карпош 4? И двајцата на лечење.

Така да дојде дечко ми и да ми рече „Ја бев иначе, тој „Зоки од Филозофски", што ти рече да идете на кафе и ти му рече „ај ќе се договориме друг пат". Што има да се договарате друг пат? Ќе му речеш ДЕЧКО ИМАМ", бокс. Не бокс дека ми навлегол во приватност. Бокс дека е глуп.

Не, не, не ме сака он до толку бескрајно што не може да се воздржи од љубомора и мора да ме провери. Само е глуп. Жал ми е. Втора фаза е само да почне да ми го наоѓа пасвордот па да ми чита што правам. Така ако го дознаам, нема да му кажам. Ќе се обратам на моторџии и опасни металци во френдс . Голем дел од нив се прекрасни и семејни луѓе, но ако дечкото е доволно глуп да ми влага у профил, онда е доволно глуп да мисли дека тип со брада и кожна јакна на мотор е девијантен. И ќе им речам од кај нив да ми пишуваат перверзии, ако сакаат уз чаша вино со сопругите и девојките, битно нека ги има, па ја ќе им одговорам. А глупиот нека чита, па нека се обеси од љубомора.

А што, да не треба да го правдам? Тоа се бре, истите типови што викаат „ѕвони ми од фиксен, да знам дека си дома". Тоа се варијации на тема и таленти! Или ја носи до дома, чека да се качи дома, па почекува да види да не излезе пак. Како така? Ако треба да ти ѕвони од фиксен, ако треба додека се тушира да го проверуваш телефонот, ако треба да се распрашуваш, тури пепел. Не ја чекај да иде кај Зоки од Филозофски. Зашто ако запнала да оди, нема да оди откако ќе ја вратиш дома, ќе оди додека си на работа. Вака само се малтретираш.

Една работа не сфатив само. Ако му/и се удвара на дечко ти/девојка ти, нели треба да те радува тоа? Значи немаш некој утепан, асоцијален габор покрај себе, нели?
Ова све, затоа што некој не научил дека „здраво е да се биде малку љубоморен".

„Тоа значи дека те сака".
„Важна си му".
„Нејќе да те изгуби".

Е арно де, ама од кај дека ќе ме изгуби ако се поздравам со бившиот? Како се губело девојка ако излезе сама со другарки? Дечко како се губи ако дава комплимент на другарка, еве дури и на непозната? Тоа филозофиите „СИГУРНО ИМА ПРИЧИНА", на друг.

А ако сте се закачиле со особа што стварно ги оправдува сите љубоморни испади на светот – идете си. Што ќе ви се непроспани ноќи и стресови? Не е поентата на крај да се дојде до „ЗНАЕВ".

Ве сакам, ама не сум љубоморна,

 Јана

Овде не може перверзии, читам само јас: nultapozitiv@yahoo.com

14 октомври 2013 - 14:40