Добив една критика додека бев на школо. На испити сум пишувал „телеграфски“. Многу се израдував на таа критика, зашто сфатив дека не сум претерал со вишок зборови. Затоа, не очекувајте од овој текст детален курс за кроење дрвја, туку општи смерници. Тоа ќе ви биде и покорисно...барем засега.
1. Зошто треба да се обликуваат дрвјата?
За жал, ова не се учи на ниеден курс или школо кај нас. Да, кај нас дрвјата не се обликуваат. Како последица, нашите градски дрвја не ги достигнуваат возраста и големината кои би можеле. А би можеле да бидат и поздрави отколку што се. На сликата во воведот и на сликата под пасусов има две сериозно оштетени дрва. Ретко кој би ги поврзал со пропустот да им се даде форма, посебно додека биле млади.
Дрво како дрво, ќе преживее и без кроење. Но, колку долго ќе живее? Дали ќе го добиеме максимумот од него, во поглед на убавина, сенка, воздух и други користи? Освен тоа, колку ќе биде безбедно за околината? Ова е многу битна работа особено затоа што градските дрвја воглавно се на паркинзи, улици и пешачки зони.
Гинкото е многу убаво дрво, посебно наесен...
...но ова дрво можело да биде и постабилно, и поздраво, и подолго да му се радуваме.
Во град, просторот ионака е многу ограничен. Зошто да не се искористи добро со тоа што ќе имаме вистински а не изобличени дрвја?
2. Примери на лошо обликување
Крошната на дрвото е „поткрената“, т.е. привидно е повисоко отколку што била (исечени се најдолните гранки). Ова обично се прави за да се отвори погледот или за да се пушти повеќе светлина за другите растенија под дрвото. Но, дали се мисли колку смее да се поткрене за да не се нарушат здравјето и стабилноста на дрвото? Има ли некој стандард за тоа? Има, но кај нас сеуште не.
Прегустото садење е вовед во најголемиот пример на погрешно обликување - „обезглавувањето“ (или „обескрошнување“, ако ви е полесно за сфаќање). Тоа не е оформување; тоа е деформирање. Во претходната статија зборував пооопширно за ова во точка 3.
Мислам дека историјата на оваа погрешна постапка на одржување е поврзана со примената на стандарди усвоени за стопански шуми. Мене веќе тоа не ме чуди, зашто кај нас се учи само шумарство, но не и арбористика. Во шума наменета за искористување дрвна маса обично се сади густо, зашто целта е да се добијат дрвја со мали крошни а високи прави дебла (деблото се искористува и е далеку повредно во споредба со гранките). Во битката за светлина, дрвјата така растат. Но, шума и град не се исто. Прегусто засадени дрвја во град, посебно во линија, како покрај патека, се тријат едно со друго со гранките, а тука се прават рани, а тоа е влез за инфекции. Гранките се разболуваат, па се сушат, па отпаѓаат... Во шума и не е толку страшно (иако и тоа е со резерва), но во град постојано да паѓаат гранки на патеки, улици и паркинзи е страшно. И од година на година е сè полошо. Соломоново решение? Отстрани им ги сите гранки, т.е. цела крошна. Но, тоа е грешка, и си носи последици (мислам дека ќе одвојам цела статија само за овој најчест и најсериозен проблем за кој повеќе пати кажувам по нешто).
3. Примери на недостиг на обликување
Овој кедар е многу убав, но би бил многу поубав и постабилен на снег и ветар да не му е тоа помало стебло од левата страна. Некој требало да го исече додека било младо. Сега е веќе доцна.
Чинарите, заедно со липите, според мене се најважните градски дрвја. Многу се здрави и можат да поднесат секакво малтретирање. Повеќето од најстарите и најголеми дрвја кај нас се токму чинари. Растат и природно, на пример во Повардарието. Сето ова ги прави идеални дрвја. Само највисоки оценки за нив. Ноооо,... зошто да не „извадиме“ максимум од нив? Зошто да не ги обликуваме да бидат поздрави и посилни? Некој (и сè повеќе ги има такви) ќе биде благодарен за тоа. На сликата погоре гледаме премногу гранки кои растат речиси од иста точка. Тоа е извор на проблеми во иднина.
Млад јасен во нов парк покрај Вардар, до шеталиште. Но, дали приметувате еден недостаток? Сега е крајно време за интервенција. После ќе биде прекасно.
Јавор пред хотел во Центар. Претпоставувам дека е црвенолистен. Тие не се евтини. Но, си има свои структурни маани. Мора да се обликува неколку години по ред за да се извади на прав пат. (Гледате, и со дрвјата е многу слично како со деца. А некои деца си бараат повеќе внимание ...)
3. Дрво – стандард
Ова можеби е најважната точка од ова излагање. Што е тоа „дрво - стандард“? Тоа е само една од формите кои можеме да им ги дадеме на градските дрвја (се разбира, може и на шумски). Почнува пред сè со тоа што внимателно се планира каде ќе се засади едно дрво. Му се остава доволно простор околу него без конкуренција за да ги достигне несметано максималните димензии. Обично има една главна вертикална осовина (деблото му е од земја до врв), а гранките му се правилно распоредени околу таа осовина за да не се покриваат една со друга и да не се прегусти. Оваа форма е најстабилна како конструкција (за да поднесе оптоварување од снег и ветар), достига најголеми димензии, а и најмногу користи со тоа. Ваквите дрвја треба да ги имаме многу повеќе. Иако некои дрвја ќе израснат сами од себе повеќе или помалку како стандард, на сите би им користело формативно кроење.
П.с. Да не се разбереме погрешно. Не мора на секое едно дрво да му се дава ваков облик. Тоа би било и некако досадно. Посебно во парковите може да се експериментира со секакви форми, а може да се остават и дрвја кои нема да се кројат (освен корекции на некои сериозни грешки).
Стандарден примерок на возрасно зимзелено дрво
(само од себе формирано, без човечка интервенција)
Стандарден примерок на возрасно листопадно дрво (само од себе формирано)
Стандарден примерок на неколкугодишно листопадно дрво
(многу веројатно формирано уште во расадник)
Да не заборавиме една важна поука: „Дрвото се витка додека е младо“, а исто е и со кроењето за облик. Иако првата година од садењето пожелно е да не се крои, веднаш потоа треба да се „разговара“ речиси со секое градско дрво, но вешто и со љубов.
„Дрвото се [обликува] додека е младо“
Ако сакате нешто да ме прашате за нешто поконкретно или да споделите нешто со мене, слободно пишете ми на ФБ.