Ај хев а дрим дека еден ден Македонците нема себеси да се нарекуваат „ех, пусто Македонче" и дека некои работи нема „само кај нас да се дешаваат" бидејќи македончето е проклето и ќе го пишуваме со мала буква и ќе кукаме над пустата судбина која не снашла, ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека еден ден кога ќе се разминам со луѓе на улица нема да ги прашам „како сте" а тие да ми одговорат со „супер, поздрав" туку ќе застанеме без брзање и ќе се гушнеме и ќе си поприкажеме за фамилијата, работата и спортот на кафе или пица на парче со кока кола во ближниот фаст фуд без да броиме секунди за да не задоцниме онаму каде никој не нè чека. Онаму каде никој не нè гледа. Ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека еден ден, еден цел ден нема да слушам свирки од автомобили низ град, од нервозни шофери кои мислат дека „им даваат крилја на спорите автомобили пред нив" кои им се дежурни виновници за петте минути повеќе спиење или седумте минути висење на фејсбук или на цигаре со кафе, на паузата меѓу две бизнис рунди од точка а до точка б, оние клучни минути кои чиниш се пресудни меѓу успешното плаќање на режиските трошоци и викендичката на Бахами на оној кој се обесил на свирката, ај хев а дрим. Ај хев а дрим дека еден ден сите ќе тргнат пред време на работа и кога ќе влезат во автомобил ќе заборават на сите сопствени фрустрации поради кои на улица звучат како да се дечиња со базедова болест на кои некој им дал волан во рака и свират, о свират ко да не се троши свирката, ко да крикот на лимениот автомобил е нивниот глас кој не можат никаде да го покажат освен тука, на овие семафори, веднаш зад мене... ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека еден ден во локалната пекара во 12:23 нема да ми кажат дека немаат лиснато со мелено месо бидејќи ептен им се трошело и сега нема од него и дека ако сакам такво треба да дојдам во кај 10:30, туку дека ќе направат три пати поголема доза од него и ќе направат повеќе пари и ќе направат повеќе гладни усни свиено среќни, ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека нема да видам политичар кој се здебелил 12 килограми за 7 месеци откако неговата партија дошла на власт и дека заборавил како се вели "Добар ден комшија" веднаш чим му подариле визит карти од убав картон со неговото име и титула на која преводно пишува „за сите копиљаци кои ти крадеа ужинка во основно", ај хев а дрим. Ај хев а дрим дека и оние на кои секој семафор секогаш им е зелен и кои никогаш не чекале на пешачки или заборавиле како е да се уплашат дали сообраќаец ќе ги застане и казни затоа што немаат катадиоптер и деветнаесет шпенагли во приборот за прва помош во автомобилот, ќе застанат за момент и ќе видат дека ѓонот на нивните кондури е направен од рециклирани ѓонови на 17 рала патики какви што искинале како клинци, додека со скинати тренерки сонувале да се Марадона или Ромарио, ај хев а дрим.
Aj хев а дрим дека Претседателот на Собранието нема да ги повикува пратениците да влезат во салата за да гласаат, бидејќи оние кои се бирани и платени од народот за да работат за неговиот, без притоа некој да им пцуе за мајка ако поработат и на личниот интерес, треба постојано да се свесни кому служат и чии интереси бранат. Ај хев а дрим дека истите пратеници нема половина секунда после положувањето на заклетвата да се претворат во жирафи кои долгите вратови ќе ги насочат кон координаторот на пратеничката група за да им каже „стисни црвено" или „стисни зелено" ко да им стиснал на врат и да им се помочал над дебелите пратенички вратови и сите (купени) дипломи, титули, скапи парчиња мебел и облека и автомобили и сите други прирачни елементи кои треба да ја заменат изгубената личност, авторитет, интегритет и храброст. Ај хев а дрим дека цената на газ по сантиметар квадратен еден ден ќе ја надмине цената на стан по метар квадратен. Ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека еден ден Бранко и сите негови лица нема да се криви за неприкажаните вести меѓу две индиски серии, ај хев а дрим. Ај хев а дрим дека еден убав сончев ден метеор од самокритика ќе им падне на глава на сите безгрешни како каменот кој тие би требало да го фрлат кон грешните, како чисти неизвалкани чеда на својот сопствен Исус, кога веќе општиот Бог и неговите експозитури не им чинат ако немаат нивна книшка. Ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека Бугарите, Грците, Србите и Албанците нема да се криви за нашиот сопствен неуспех, бидејќи никој нема ни да помисли на ЕУ и Нато ако имам стопанство ерго економија ерго плата поради која нема ни да знам кој ми е премиер ерга омнес, а кој главен душман и кој „ме мрази бидејќи сум најдобар", ај хев а дрим. Ај хев а дрим дека еден ден признавањето на сопствените грешки нема да е смртен грев туку одлика на доблесен човек, бидејќи секој е грешен и нема совршен. Ај хев а дрим дека пред да го излиеме наредниот споменик во бронза, ќе ги излиеме со асфалт сите дупки по патиштата низ Македонија и ќе ги наполниме сите празни шишиња со цитостатици низ болниците. Ај хев а дрим дека нема за еден документ кој може да се добие за 15 минути да чекам административни свињарии 15 работни дена. Ај хев а дрим дека истиот документ ќе го добијам 15 дена порано и без да подмачкам со вазелин онаму каде што треба за да го добијам за 15 минути бидејќи „така треба да одат работите" во една нормална земја, АЈ ХЕВ А ДРИМ.
Ај хев а дрим дека кога ја учи азбуката мојот мал копиљ нема за буквата О да му асоцирам со Опозиција или за Б со Буџет и дека ќе го гледа својот татко доволно често и доволно квалитетно за утре да не биде гневен млад човек кого „ќе го ебе системот" туку разумно дете кое ќе знае да препознае квалитет од пропаганда и да ја најде сопствената вистина, далеку од зрачењето на пост-транзиционите телевизори и нивните тажни газди. Ај хев а дрим дека пред да водиме грижа за третото неродено дете, ќе поведеме сметка за првото и второто кои се живи и се тука, дел од нив не за долго бидејќи дури и да ги земаат „истите пари" и во Берлин или Вашингтон или Брисел или Цирих или Мелбурн, дури и да се „граѓани од втор ред" во некоја вукојебина далеку од тврдиот болнички кревет и меката прегратка на својата мајка, онаму каде никогаш нема да бидат свои на свое колку и да се либерте во душа, нема таму да се чувствуваат попријатно и понормално и нема да ја бацуваат визата во пасош бидејќи им овозможила еден нормален живот во кој ќе можат да работат и да заработат повеќе од една просечна плата со која можат да платат четвртина квадрат станбен простор.
Ај хев а дрим дека нема да има татко и мајка кои земаат по 300 евра месечно и ако не јадат, не пијат, не трошат струја, вода, парно, интернет, телефон во период од 45 години ќе може да купат ТРИ ГАРСОЊЕРИ од по 45 квадрати за секое од трите деца кои ќе ги израснат, под услов дека сите три деца нема да мочаат и какаат во пелени што и не е тешко ако се има предвид дека истите три деца нема ни да имаат што да јадат и пијат и трошат струја, интернет, вода, парно и телефон во период од 45 години кога и веќе нема да се деца и ќе треба веќе да имаат свои деца, прво второ и трето... ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека нема да ја градиме нашата нација со поделби во кои премиерот во Кичево, иако од никого прашан ќе одговори дека Кичево е македонски град (за во случај да помисливте дека е новозеландски град) и лидерот на водечката албанска партија нема да ми се понаша како бела мечка среде митинг на ПЕТА во секоја една прилика кога ќе чуе странски јазик околу него. Ај хев а дрим дека нема подеднакво да ме нервираат и мегафоните на џамиите и озвучените камбани и ќе ме остават нор-мал-но да живеам без на јарбол од 25 метра на чиј врв виси државното знаме да се одговори со 35 метарска џамија во која вахабити ќе склопуваат динамитски планови за реализација на туѓи цели преточени преку инка во шише на кое стои натпис „идеал".
АЈ ХЕВ А ДРИМ дека еден ден познавањето на јазикот на комшијата ќе е доблест и одраз на интелигенција и добро воспитување и носењето на јајца за Велигден кај Турците и Албанците и баклава во обратен смер за Бајрам нема да е нешто кон кое се гледа како на огромен исчекор во насока на подобрување на меѓуетничките односи, како што мојот донер кој го купувам во Чаир „кај шиптарите" или бурекот кој Енис го јаде во Фурна „кај каурите" нема да е повеќе од донер и бурек и ние нема да сме повеќе од гладни луѓе кои делат маса и делат оброк и јогурт и добар муабет, вистинска храна и за стомак и за душа наместо гневот и предрасудите и другите нус-ефекти на фецесната храна и мајмунлаците кои нашите „претпоставени" политиканти ни ги куваат зад светлото на јебените телевизори. Ај хев а дрим.
Ај хев а дрим дека еден ден домашните експерти и стручњаци и невладинци нема да бидат како невести кои чекаат приќе и под невестинскиот превез на политичка омраза да плукаат по сопствената држава кога и на глувчињата пикнати по дупки им е јасно дека на нашиот пат за умислена интеграција меѓу земјите со кои делиме континент стои нечовечки предуслов и третман како кон малишан на кој му даваш 50 денари за да ти купи сладолед од маалската продавница, притоа барајќи му да ти врати кусур во износ од 100 денари, лична карта, крвна слика и имотен лист.
Ај хев а дрим дека еден ден интелектуалата во земјата нема да биде на сус бидејќи „наведната глава сабја не сече" и дека „синко, трај да видиш рај". Дека Трпе и Трајче нема да се омилени имиња на мојот народ, затоа што другите имиња се наоѓаат на пат кој се чини дека е тежок, полн со препреки од свиткани трајчевци и трпевци. Ај хев а дрим. Ај хев а дрим дека младата интелектуала во земјава нема да голта глувци, влага и други форми на хорор по студентските домови бидејќи ако дига џева нема да има кај да спие и учи за да стане движечката сила на оваа земја и генерација која на својот грб ќе ја земе оваа земја утре од своите родители и ќе ја направи подобро место за живеење од она што го добиле од своите родители. Ај хев а дрим дека хероизмот на сите оние бронзени и мермерни споменици излиени од дупките по ѕидовите во студентските домови ќе пламне во душата на децата кои си ја сакаат слободата и своите права и умот во својата глава.
Ај хев а дрим дека еден ден нема полусомнителни инвеститори од Индија да ги гледаме како фабриканти на сламката на нашиот спас. Ај хев а дрим дека еден ден различното мислење ќе биде третирано како благодет на здраворазумскиот интелектуален напредок, наместо како директен атак врз квадратните сантиметри на продаден меко-утврден задник во кожна фотелја платена од кожата на немите покорни сограѓани во чии вени тече иста крв како во вените на оние кои седат на меко и чија крв може да спаси живот на робовладателот на туѓата судбина тогаш и само тогаш кога крвта на подредениот и надредениот се од иста крвна, а не партиска, социјална и идеолошка група.
Ај хев а дрим дека еден ден нема да се уморам додека пишувам за моите соништа. Ај хев а дрим дека еден ден ќе зборуваме за иновации во технологијата и фудбалски трансфери и избор на Мис на светот и нашите поеми и романи за Гинис наместо нашите гравови и сутлијаши и сарми со кои сакаме да бидеме забележани во книгата на живи успешни и посебни народи.
Ај хев а дрим дека еден ден Вардар ќе игра во Лига на Шампиони и дека нема да слушаме мајмунско скандирање кога црнец од противничката екипа ќе изглуми фаул. Ај хев а дрим дека Симон ќе има повеќе концерти од Аца. Дека нема семејни слави да завршуваат со кавга поради вестите на Сител. Дека јас и ти ќе го знаеме името на нашиот комшија, а не на заменикот државен секретар за образование.
Ај хев а дрим дека наредниот пат кога ќе пишувам на тема „Ај хев а дрим" нема да пишувам повеќе од 20 реда, и тие 20 реда ќе бидат полни со критика за остатоците од храната кои нашите туристи ги оставиле во Улан Батор и Мачу Пикчу.
Ај хев а дрим дека еден ден нема да се восхитуваме на кружни текови и асфалтирани улици и да ги величаме како цивилизациски успех, бидејќи се нормални едноставни задолженија на еден градоначалник. Ај хев а дрим дека еден ден ќе дознаеме колку можеме да вредиме, ако малку се потрудиме.
Ај хев а дрим дека еден ден никој нема да сака да ми ја земе младоста и заљубувањата и разочарувањата и учењето од сопствените грешки, дека никој нема да посегне по мојата личност како предуслов за „отворен пат кон моите соништа" бидејќи моите соништа се соништа на мојата личност а не на некој робот кој ќе биде слуга на системот и туѓите интереси кои не сакам да станат мои. Ај хев а дрим дека еден ден повеќе ќе се слушаме отколку што сакаме да се надвикуваме. Повеќе ќе се љубиме отколку што можеме да се мразиме. Повеќе ќе чувствуваме отколку што мислиме дека треба да размислуваме.
Ај хев а дрим дека еден ден ќе живееме нормално. Ај хев а дрим дека еден ден ќе живееме слободно. Слободни од сè'.
Ај хев а дрим...
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT