6 дена бетменска нерепублика

Кога Бетмен оди на одмор

Демек, лето, па мора човек да одмара. А на лето секогаш ми е најгужва во глава, што е и логично бидејќи сум од Охрид и за разлика од градот бројот на посетители кај мене е одличен. Само, нема слободен кревет бидејќи издавам само еден. А тој е зафатен.

Дојдоа и моите пар денови за предах. Република Бетменски Мозок (понатаму во текстот БМ) прогласи пауза во склад со останатите органи од телото на кое е потпрена и главата во која постои оваа некогаш зависна, некогаш независна државна конституција со испреплетени вијуги ко паста кај Дуле Тетоец.

Имав троа чурук месец, па и потреба да го однесам мозокот на место на кое ќе може да се лади. И како и многу пати досега кога мислам дека сум направил одлична проценка и потег во прав момент, сум згрешил дебело.

Два збора за овој независен меѓународен субјект, признат од сите соседи, на број нула: бројот на жители во Бетменскиот Мозок е непознат бидејќи попис е неможно да се спроведе, али од искуство, популацијата во мозокот никогаш не паднала под 1. Често долго време била токму толку – еден, често бројот на жители и посетители се искачувал до бројки со кои може да се такмичи и легендарниот Вудсток.

Ама, во моментот на започнување на летната почивка, стартот на мини одморот, ситуацијата во БМ е следна: еден Богдан, половина Бетмен, сектор за пријавување на Глад, здружение на плажољупци, кафанџии, група на загрижени жители на БМ. Има и по некои патриоти, либерали, комунална хигиена, фанови на Цеца, Коен. Организација за потемнување на Сонце, по некој Диоген, гранапчиња, фонд за патишта, Министерство за Твитер и Фејсбукална политика, Агенции за обезбедување. И уште многу други. На лето секогаш ми е најгужва во глава, што е и логично бидејќи сум од Охрид и за разлика од градот бројот на посетители кај мене е одличен.

Ден 1:

Првиот ден е ден за привикнување на новата реалност и смирување на хаосот: немаш обврски иако мислиш дека имаш, а една обврска е и таа дека не треба да мислиш на обврските. На неколку дена пред концертот на Цеца, мозочните клетки со мазохистички нагони не веруваат дека сме во друга држава и мислат дека сепак ќе се вратиме на време за вториот бис на „Кад би био рањен".

Загрижените мозочни клетки за состојбата во Македонија инсистираат на редовно следење на нашите информативни портали, угостителите им враќаат: „Ко ве јебе, одмарајте". Песимистите жители на БМ започнуваат со мирни протести на кои скандираат „За 6 дена ќе си одиме, за 6 дена ќе си одиме, џабе одмор џабе сè, за 6 дена сите си одиме".

Сектор Љубов затворен од санитарна инспекција, вработените секој ден се собираат пред врата и си прават муабет: „Да не чул некој нешто ново?" „Не, баш и јас сакав тоа да ве прашам". „Еве, го гледам веќе месец дена ко аутистичен е многу често. Не знам што да правиме, полицијава шета редовно и има камери, дури и по кафаните во БМ. Никој не смее да го натера да ѝ се јави, одма доаѓаат и те кршат од ќотек."

Диоген од БМ, првиот ден на одмор срамежливо го поминува во цивилка, бермуди, кошула, цвикера и со флешлајтот на мобилниот шетајќи по улица морзеово-симболизира „Барам луѓе, го барам човекот" надевајќи се дека некој ќе го препознае. Го препознаваат двајца туристи од Хонолулу и го прашуваат каде е Горица трета. Започнува да плаче и си оди.

Патриотите се чудат на непозната средина: „Не ми мириса на Охрид... ниту на аквапаркот во Пробиштип. Чудно другари, чудно. Да се провери каде сме!"

Центарот за пиво на плажа и целиот персонал на Бетмен му го честитаат одморот со песната „Напиј се уште едно кафе и ќе почнеме талибански напади во желудник да правиме". Од желудникот доаѓа абер: „Одморен сум, уживај, олабави се".

Ден 2:

Прв појадок во хотел. Гладните жители на БМ влегуваат со нога во ресторан. „Јупи јеееј, света руска салато! Бјежте сарме стигли су инженери!". Нагрнуваат на софрата на која се распослани сите содржини на менито како залците да се дирки на клавир, а тие очите на Стиви Вондер. Се прејадуваат. Доаѓаат песимистите и им велат: „Сега некое тровање ќе го фатите човеков, ни цел ден нема да има на одмор, ќе искиснеме по болници, хихи!". Овие шо ја слушаат Цеца почнуваат малку да стануваат нервозни, шетаат насекаде каде што има музика и нудат рушвет на сопствениците на локалите да ги угасат тоа глупавите Фу Фајтерси и Спрингстини и да пробаат нешто свежо и ново: „Турбулентно? Па не сте чуле таква песна. Ние ќе ја слушаме на концерт на први, стварно. Ќе нè врати дома Бетмен". Газдите ги пријавуваат, доаѓа БМ Полиција и им пишува казна за безвезно понашање.

Патриотите започнуваат да се препотуваат и упорно инсистираат да дознаат во која земја се наоѓаме сите заедно. Либералите ги гледаат и им се смешкаат под брада: „Не знаеме бе каде сме, од кај да знаеме? Во која земја се патува за 4 саата од Македонија? Шпанија, веројатно, опуштено момци. Да живее Охридско езеро".

Загрижените за дома висат на нет, не може да поверуваат дека Нимиц нема нов предлог и дека нема напредок во преговорите. Пиваџиите се спремни за фестивал и заедно со намачканите со млеко за тело плажари си шепотат нешто, никој друг да не ги чуе.

Некој ја кине пломбата од санитарна поставена на вратата во која има илјадници листови со поезија, слики, неколку компјутери, клипови, записи на соништа. Внатре под свеќи кризен состанок одржуваат претставници на Министерство за Љубов и Агенција за мир на душа. Се прави општа мобилизација на сите срцеви комити и се размислува за герилски напад, овие денови кога разумот спие. „Господа", започнува раководителот на Специјалната единица за ирационални интервенции, „синоќа имавме потврден лајк од неа. Време е за акција".

Диоген шета по улица одлучен да биде позабележлив него вчера, потпевнувајќи „Луѓе дали има, ооо, луѓе дали имаа". Цецашите го гледаат и го дупат: „луѓе дали има, ајде ајде јасминаа, знам ти укус карминаа". Плаче и трча дома.

Ден 3:

Цеца Пипл веќе се с'клетосани. Три дена до концерт, а планот на Бетменџи е да се вратат дома ден подоцна. Размислуваат како да заминат од БМ. Нема како да заминат од БМ. Фановите на Спрингстин со мегафони им ја х'мкаат „Streets Of Philadelphia" под прозор, наизменично со трубачка изведба на „Radio Nowhere".

Патриотите се самораспуштаат, прогласувајќи мораториум на активности во наредните неколку дена. Воздухот им е пресолен за да размислуваат трезвено, бидејќи солта ги тера на текила и лимон. Либералите повторно се смешкаат и молчат. Загрижените за дома нервозно листаат на смартфоните: „Ете, забележан е пад на БДП од 0,08% во овој квартал. Ужас!", ќе каже еден од нив. „А колку само деца се исселени од земјата последниве 3 дена знае ли некој да ни каже?", дофрла втор. Се убацува и трет загрижен: „Ова само кај нас го има бе... па Панорамското тркало требаше кај Панорама да се направи, не на кеј. На кеј боље десеткатницата да ја зарокаа". Сите му удираат по една заушка и продолжуваат со грижата за домовината.

Диоген е веќе во препознатливиот дрес, со бурето околу него и фенер во рака. Бурето е полно со вода, бидејќи е лето, јебига. Го држи фенерот и гласно среде улица прашува: „Луѓе, луѓе каде има? Барам луѓе?". Го гледа гостин во мозокот од Скопје и му вика: „нема љуѓе, тибам охритскиот, скупи сте, бем ти бога", и му се моча во бурето со вода, ритуално удирајќи влажен граѓански печат на сопствената реплика. Диоген плаче и трча дома.

Песимистите делат флаери по кафичи: МАИТЕ ПРЕДВИДУВААТ: ЗА ТРИ ДЕНА СИ ОДИМЕ ДОМА!.

Доцна вечерта се гасат свеќите во Бетменскиот мозок. Сите легнуваат да спијат. Одеднаш, пука првата пушка на востанието. Испуканиот куршум од цевката звучи исто како Лени Кревиц. Хеј, Лени Кревиц со „I'll be waiting" стварно свири од некаде. Океј, ќе помине. Не поминува. Втор, трет, тринаесетти пат. Куршум по куршум, стих по стих, љубовџиите си го тераат востанието. Ленинских ми рогова, треба да се провери кој му кур Кревиц, кој узнемирава раја која дошла да се одмара. Лоциран е изворот на музика: Мозочниот Сектор за Непотребно Полуромантично После-пивно Постполноќно Куцање на Чат си прави ѓезме. „Добро бе, дали сте нормални шо прајте, 18 пати на рипит иста песна, куцајте кршите глава ама дај намали тоа Лени Кревицот и смени песна, доџавола. И што се брукате волку касно, дај гит на спиење, ќе посерете работа пак"

„Бриши, мали, итна наредба имаме од доле, вечерва сме ние дежурни. И не развикавај да не ти викнам обезбеџење па да цвичиш. Дај бе од тоа пивото, ми текна нешто многу јако да ѝ пишам!".

Си тера Лени, пак и пак, коа едно време се слуша аларм за итност: „Курац, се налути, ај рипит, се налути, сите на позиции. Војниче, дај ми список на 4-5 песни кои би можеле да ѝ ги пратиме сместа! Ти дечки што ме гледаш? БРЗО НЕРУДА ДА МИ ПРЕВЕДЕШ 5-6 СТИХА БРЗО! Џентлмен, не смееме да ја ебеме утката сега... Што викаат старките од Совет за Дрвење, треба да се подналутиме и ние малку? Како се враќа на ова? ДО КАЈ Е НЕРУДА?"

На алармот за итност улетува запиеното обезбеџење: „Шое ова бе, фииу фиииу. И мани го тој Кревиц, гаси сместа", вика првиот од нив упатувајќи се кон командна табла. „Иха, со неа пишете, а? Па дај ја да ѝ напишам нешо, чичо нешо да ѝ каже, а ти пушти ми ја Јесен Је Плакала Са Мном, сместа, ае! Ме инсфирира песмата, многу сум убаф коа ја слушам"

На големиот монитор се гледаат веќе спремните стихови на Неруда: „Можам да ги напишам најтажните зборови оваа вечер...". „Ха, сега ќе го корегираме срањево" вели расположениот секјурити шизик: „...оваа вечер, две точки, И ДА НЕМАМ МЕБЕЛ СЕПАК БИ ТЕ ЕБЕЛ!"

Send.

„Ахаааахааа... ќе ја шармираме сеа, доста со овие тралалајки ваши, ќе вииш како ќе прати одма календар на плодни денови за да знае Бетмен да си планира, ќе вииш".

Seen.
„Сељак".
She is offline.

Раководителот на сектор за романтика паѓа во несвест со три мали инфаркти.

„Ае, шо се деси? Се исклучи, а? Пиши и бе, пиши и дека е глупа ко точак да пропушти дечко ко Бетмен. Ко ја. Ко... знаеш де шо сакам да кажам. Ајде, се врачамо јас на шанк, са сречом господа. Че да ви треба, хаха. Је-Сееен је плакала за мнооом....", завршува веселиот секјурити гард.

Одеднаш, сè е тивко. Се уште е лето.

Ден 4:

Утрото, веќе длабоко сме навлезени во одморот. Тоа се утврдува многу лесно, со едно наједноставно прашање: „Абе, кој ден сме денес?". Никој не знае, освен фановите на Цеца за кои е 2 дена до концертот на кој нема да одат. Гладот веќе си го знае доручекот, проверена варијанта. Нема веќе експериментирање со сето можно на шведската маса, бидејќи реално, Шведска е голема, а ти не си таму за да станеш колку неа. Гладните мозочни радници не трчаат по синаптичките калдрми како да ги бркаат бикови во Памплона.

Баш се елегантни, влегуваат во ресторан ко да се на модна писта и прво ставаат салфетка на скут, навлекуваат бели хируршки ракавици и го повлекуваат првиот шмрк од свежо цедениот сок од свежа лута печурка од свежа бразилска прашума која се бере само еднаш на пет години. И пошо бербата и била пред две години, умираат пред да може да нарачаат она што си јадат секогаш по дома. Не, не пиперки со лук, афкорс. Господата јадат таљатели ди треви калатрезе еее Макарена, Пеле! Со песто сос и пармезан. Свежо цеден пармезан.

Во центарот за емоционална стабилност се сумираат штетите од лумпувањето вчера. Во центарот за казнување на емоционално нестабилни, се умираат оние кои претераа. Песимистите се повторно на главниот плоштад и скандираат: „Плажокалипса! Одморгедон! Си одиме задутре!"

Диоген лежи во бурето и липа. Поминува еден оптимистичен Цецољубец со спакувано ранче и план за бегство, го препознава и го прашува: „Што ти е човече?" „Нема луѓе", резигнирано враќа Диоген. „Ќе има бе батка, ај со мене на Цеца, таму ќе има луѓе". Диоген пие 2 депрозепами по 5 милиграми и заспива.

Ден 5:

Јадачите се веќе испраксирани со конобарите и куварите да се разбираат со поглед. Со дигање на веѓа секој од нив може да објасни „ај свари ми ги јајцава, ал ровко!". Со ококорување на очи – „јајце на око". Со движење на усни без испуштање глас – „хот дог". Со чешање на уши, екстра сенф. По стилот на одење конобарката знае дали да им носи веднаш кафе без млеко или столче помеко.
Плажарите се гушкаат со пожарникарите пред последниот ден на сончање. „Ќе се чуеме другари, 193, такааа? Нула седум... колку? Како беше позивниот?". Знам, не се најбистри. Затоа и форсираат бронзен тен. И тие се свесни за сопствениот отупанчизам поради кој можат едино да си го пипнат задникот без да им се насолзат очи, а не е пријатно да си го пипаш задникот на плажа.

Диоген одлучува дека е време за одмазда, па ги наоѓа уплаканите фанови на Цеца пеејќи им „а моје сузе падају нагоре" за да ги донервира и да им ги убрза плановите за решавање на сопствената агонија со масовно самоубиство.

Додека им пее, го слушаат пијаните секјурити гардс и го фаќаат под рака: „То бе срцка бе, ајде со нас во кафана, ќе пееме до зори". „Ама не, не, неееееее....." урла Диоген. Фасцинирани од неговото познавање на грчката афирмација, продолжуваат да го влечкаат и го седнуваат на стол до нив. „Ајде, тука сега да си пееме. КОНОБАААААР!".

Песимистите се спремаат за големата журка вечер, пред утрешното заминување на која ќе слават дека биле во право. Либералите се сончаат странично заедно со плажарите кои се толку изгорени што може на стомакот да си пржат кајгана. Толку се црвени што ако имаше амерички конквистадори, одма ќе ги истретираа по индијански и ќе ги туреа во резерват. Да фак, мој мозок мои правила: еве ги Америте кај дојдоа и им ги земаа лежалките. Ха.

Разрешениот секретар на Министерство за Љубов седи сам во канцеларија, пакува стварите од биро и повремено фрла око на монитор, да не случајно има некоја активност на чат. Го гледа само зборчето: „Сељак".

Ден 6:

Диоген излегува од кафана, под рака држи ќелаво џуџе облечено како дедо мраз и му вика: „Аиде сега да ми сфетиш малку да ги најдеме клучевите од бурето, не знам кај сум го паркирал".
Цеца Фан Клуб го прави масовното самокрвопролиќе бидејќи нивното постоење веќе нема никаква смисла. Си ја пропуштија журката. Тројца од нив ги испреваруваат другите и не се убиваат колективно: „Ко ве јебе, ќе се пребациме на техно".

Патриотите со ќутенка си ги пакуваат куферите и ги прашуваат Загрижените Граѓани на Република Македонија како е ситуацијата дома и дали има нешто ново. Вторите одговараат дека биле во диско претходната вечер, али дека сигурно има причини за загриженост. Си ветуваат средба во домовината во некоја меана во која ќе може да ги анализираат причините за распадот на државата, како и да предлагаат генијални идеи за процут на татковината.

„И никогаш никому да не му ги кажете, слушате?" – убедуваат песимистите проаѓајќи покрај нив, „бидејќи никој никогаш нема да ги чуе". Тие се упатуваат повторно на плоштад каде започнуваат со уште еден мирен протест на кој со широк осмех и златан ибрахимовиќ носат транспаренти „ВИ РЕКОВМЕ ДЕКА ЌЕ ЗАВРШИ?", скандирајќи „Ама е добро да си во право, оооо-ооооо". Еден од нив започнува да пее: „Јас, б, в, г, д, ѓ, е, ж, з, ѕ, и јас, јас, јас, јас, јааас-јас-јас...".

Се слуша истрел. Бомба. Хаарп. Ларџ Хадрон Колајдер и црна дупка која ги голта сите. Освен двајца. Еден Богдан и пола Бетмен седат на страна со две зачадени базуки во рака.

„Фала ти брат Бетмен"
„Нема на што, брат Богдан".
„Помина, а?"
„Ќути, мислев никогаш нема да заврши"
„Си одиме дома?"
„Да, баќо. И ние заслужуваме одмор"
„Еј, ама си сељак", се кикоти Богдан.
„Хааа, кој признава, пола му се простува", враќа со смеење Бетмен.
„Ако, убаво ни е“

Заврши малиот одмор. Повеќе протоколарен, него реален. Демек, лето, па мора човек да одмара. А на лето секогаш ми е најгужва во глава, што е и логично бидејќи сум од Охрид и за разлика од градот бројот на посетители кај мене е одличен. Само, нема слободен кревет бидејќи издавам само еден. А тој е зафатен.

Затоа, нема одмор.

Добренајдов. И вие ми фалевте.



betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT 

5 август 2014 - 16:43