Мојот бриселски сувенир е една разгледница и една маичка која понекогаш ми вика "Do it like European". Збир на типични градби, споменици, предрасуди за храна и пиење, национални легенди и урбани приказни, митови и бајки: на мојата маичка Европа има секс на сите начини освен во омилената на колега ми Бетмен, шеес-ништо.
Ова ми помина низ глава кога мислам како ќе не нацрта Брисел ако го добиеме статусот на Европски државјани?
Можда со нашата национална носија, како на пример французите во време некој од оние Лујовцине:
Можда ќе не претстават работно иако не сме нешто познати по 'рмбање или пак подобро за време на празници земајќи го во предвид бројот на неработните денови во милата ни земја:
Па и ова на Унгарците е работа (еротска, да не речам порнографска, али работа е), да не се зезаме.
Или можда слично на Португалците само наместо рибичките ќе ни нацртаат десетка со кромид и бокалче ракија.
Или по ноќниот и дневен кафанско-журкаџиски живот и големата склоност кон алкохолот.
Можда по некој од спортовите во кои се снаоѓаме, на пример во кошаркарска или ракометна сала.
Можеби со чушки и френки, сред село како нашите источни комшии.
Или по прекрасните пејсажи на Бистра, Шара, Кожув и Галичица.
Можеби ќе сакаа да не нацртаат како Чешка вечно поробени од кој како стигнал.
Македонските жени уште не се познати дека остануваат невини до брак, али гледате дека за Грците фино погодиле: ако сакаш мираз – невина до брак. Путерот е за тоа.
Ханс Кристијан Андерсен кога ја напишал "Малата сирена" не се родил во наши краишта, па нема да имаме сирена. Али ни си го имаме Итар Пејо.
Или можеби по некоја друга легенда. Можда Крали Марко и Црна Арапина. А мене овој последниов ми е омилен.
Или по нешто тотално претпознатливо како Камен Мост, Куќата на Робевци или Канео.
Моите познавања на малтската историја не ми дозволуваат да направам соодветна компарација, ама си мислам дека постои можност да не насликаат сред едно од многубројните востанија, од Разловечко, Кресненско до Илинденско. Можда и на Мечкин Камен.
Можеби ќе не нацртаат заради народски предрасуди на национални особини и наместо огледалото на Италијанецот и пендрекот на Германката ќе доловат некоја скопска шмизла која а приори те гледа наопаку со муцето напрчено, те гледа како си облечен, на кој акцент збориш, те хејта уште пред да и се приближиш, а ако успееш да и го земеш телефонскиот број од прва, си феномен, посебно ако си тип од внатрешноста.
Или пак ќе насликаа нешто типично. Само ние немаме тореадори, ама имаме типични ора плус полово поделени ем машки ем женски. Ете можда ќе не нацртаат насред оро. Или пак на ајвар праење.
Можеа да не нацртаат на виско интелектуално и културно ниво, со кирилца во раце, само од лично искуство ве уверувам дека грото од луѓето низ Европа не слушнале за глаголица, и се доста неписмени кога се работи за корените на кирилицата. Најчесто ме прашуваат дали и јас пишувам како Русите, а ја им викам дека Русите пишуваат како нас и ќеиф ми е кога видно се осеќаат глупи. Ова со тешко срце го исклучувам како опција.
Или ќе бидеме скроз стерилни како Финците и нема да има ниту опинци, носии, Галички свадби, Камени Мост, Самоилова Тврдина, Црешово Топче ниту Струга на Дрим. Нема да има ни Охридска архитектура, Кале, Скопска Чаршија, Хераклеа, нема да ги има ни нашите драги планини и езера, пиперки и патлиџани, ниту нашите типични села. Можда ќе немаме некој посебен идентитет.
Ова прашање е единствено што ме интригира кога е во прашање влезот во Европа. Ако ви текне нешто кое би можело да не претстави, слободно праќајте ми на мејл знаејќи од напред дека ми е издресиран да не се отвора во присуство на било каков порно материјал, пошто порното не беше предмет на текстов.
Во меѓувреме, прајте го тоа како ќе ви текне и со кој ви праи мерак.
Емили, Италија