Елена

Има такви жени што се предодредени за себежртвување. Жени што мислат дека цел живот некому и нешто должат. Жени што се родени за ништо друго освен да бидат мајки. Мајки и само мајки.

Елена е повторно бремена... ми соопшти пред 33 недели мојата и нејзина прва братучетка. Слушајќи го гласот на Катерина на мобилен додека се расправам со бегалциве, замолчав на миг. Молкот чинам траеше вечност.

- Ало, тука ли си Сандра?

Да, да... тука сум

- Слушај, има уште нешто. Елена носи две.

Во тој момент не знаев што да кажам. Бев бесна на Елена. Таа едвај донесе на свет две дечиња, Никола и Јован, сега веќе пораснати. Убави на мајка, намачени уште од стомак по триста болници и царски резови, од кои нејзината глава поради тромбозата висеше на конец потенок од пајажина. Пред нив, поради абрупција на плацентата, две отидоа.

Елена реши да истрае докрај, заклучив по разговорот со неа некаде на почетокот на мачната бременост. Тешка едвај педесетина килограми, таа блескаше со неописив сјај во очите, гордо покажувајќи го малото меше од кое се наѕираа две душички. Сфатив дека мајчинството во нејзината глава е мотивот да се оправда долгот кон човештвото.

Недела за недела, ден за ден, и почнаа првите проблеми пред едно три недели отсега. Плодовата вода почна да тече многу рано. Во болничко возило и директно на клиника.

Додека чекав во ходникот, на ЦТГ слушав две срца што биеја во борба за живот и предвремен излез од мајка си. Таа машина покажува дали има контракции, дали ќе тргне по својот пат животот споен со папочна врвца, далииии... она, ова и излегува докторка, која нит здраво, нит пријатно, замина во лифтот небаре таму на креветот лежи крава, а не жена со тешка бременост.

Полудев. Ако не јас, барем мајка ѝ на Елена заслужуваше објаснување за тоа што може да се очекува. Барем да беше некаде пред деветти месец, а не сега кога белите дробови на бебенцата се развиваат како пупки неотворени. Блиските ме замолија да не кревам уште толку тензии, и само кратко ми кажаа дека таа ќе остане на опсервација, бидејќи сè уште нема знаци за предвремено породување.

И тука почна вистинската борба за двете бебиња. 

Еден ден, ај Елена оди си дома, ништо не ти е, втор ден, не бе седи, ќе те следиме, и во 33-тата недела прсна водењакот како молња од ведро небо надвиснато.

Јас тој ден бев на работа. И таму кај што работам, везден гледам бремени жени, талкачи по светот, неуморни. Појма немам што се случува на клиника. Накај дома, ѕвони на Елена сестра ѝ. Сање, Елена се породи, но ставена е на апарати. Брзо доаѓај. Овде сум сама. Мама денес знаеш дека и таа е на операција на жолчката. Маж ѝ е во Германија. Елена во тие моменти остана сама да се избори за двојното мајчинство.

На третиот кат од ГАК не знам како се качив. Почна да ми се повраќа. Таа глетка ме мори уште од моите мачни бремености. Марија веќе беше надуена од плачење. Јас со униформата на Црвен крст, која ветува присебност, молкум застанав со очи полни солзи и поглед кон едно тркалезно прозорче, каде што мојата братучетка се бореше за живот, откако насред породување, плацентата решила да се залепи за матката, и така да предизвика крварење и губење знаци на живот. 

Чукнав на прозорчето и побарав спас во нечии докторски кажувања. Анестезиологот го потврди она од кое се плашевме. Елена е ставена на апарати поради енормно крварење и борбата ќе мора да продолжи и вечерва. Матката ѝ е извадена. Низ операционата сала се леела нејзината крв. Раце да им се позлатат на тие што успеаја да ја породат.

За да не рикнам како човек, како мајка, како хуманист и борец за сечиј живот под сонцето, ја убедив Марија да не плаче, да не кука, затоа што Елена мора да живее. Дома ја чекаат две, во инкубатор уште две. Таа едноставно мора да остане жива, сама се убедував, додека одвнатре ме риеше болка во градите како пред удар на срцето. Зарем дотука било, Боже?

Седум литри крв. Плазми. Албумини. Бебињата стабилни и покрај црните прогнози за помалото дека има срцева маана, која може да биде и кобна по животот на бебенцето. Ден први, Елена ја разбудија. Ѝ ги тргнаа тубите. Ден втори. Бебињата и понатаму стабилни. Ден трети. Едното е кило и осумсто, второто кило и сто. Мајка им им задена и имиња. Мила и Миа се нашите две девојчиња, по десет машки од сите братучетки и братучеди од мајчина страна.

Ден трети.

Елена јадела супа и јогурт. Ќе ја биде. Бебињата се добри. Таа уште не знае како тие изгледаат. Какви и да се, наши се. Тоа што ја залепи постелката, допрва ќе го караме.кога ќе порасне. Нивно е сега да растат таму под стаклените кутии, а мое е да се запрашам...

Елено сестро, од кое железо си створена?

Од што материјал мајка ти те направи таква храбра и одлучна?

Што љубов, мори сестро, носиш во душата, та реши по цена на сопствениот живот и тромбоза секојдневно со инјекции со првите две и сега, пак да се нафатиш да станеш мајка на четири?

Дали, сестро моја, еднаш себе се стави пред другите? Дали знаеш дека за малку ќе ни умреше?

Дали знаеш дека до небеса ти се поклонувам и те правам светица поголема од триста мајки Терези, свети Елени и четириесет маченици?

Прашувам и воедно ве поздравувам, жени мои, мајки идни и сегашни... Еве ви ја приказната за Елена, па пак нека каже некој дека ние жените не сме биле храбри и посилни дури од судбината. 

Затоа, раѓајте синови. Ќерки. Следете го примерот на Елена. Не се плашете од ништо. Чувајте дечиња. Внучиња. Правнучиња. Мултиплицирајте се. Запишете го своето име во вечноста за следните илјада години.

Елено сестро, ти благодарам што постоиш.

Ти, примеру за мајчинство и себежртвување.

Пишува: Сандра Томовска