За Марке ретко се пишува, ретко се раскажува. Ќе слушнете за Сардинија, за Сицилија, за Римини, за Елба, Пуља, ама за Марке тешко. Марке не е во мода, таму не одат фудбалери и манекенки, не одат випови и журкаџии. На Наше Море, некој чуден компромис помеѓу селска идила и морски туризам, Конерскиот брег е совршен за фамилии, за осаменици, за романтичари, за обични луѓе, како нас.
За Конеро слушам одамна. За мене остана едно од оние места на кои не можеш да им дадеш боја, ако ме разбирате што сакам да кажам. Го замислувам, ама не сум толку имагинативна за да си направам слика. Одамна имам желба да одам. И успеав. Само што се вратив. Со тешко срце му се вратив на врелиот град, празен, влажен, без студентски џагор кој ме моли да одам на одмор. А и јас го молам него да ме пушти.
Да се вратиме на Конеро. Автопат А-14. Ако тргнете од Болоња, и не завртите никаде, ќе стигнете до самиот врв на штиклата. До Бари. Марке е попат, еден од дваесетте италијански региони. Под Емилија Ромања. Кога завршува хаосот на малите гратчиња под Милано Маритима, Римини, Ричоне се стига во Марке која по ништо не е сличен на Ромања. Целиот снобовски дух, наконтени Русинки и Корона која чини 10 евра, сè останува зад вас. Доволно е на север за да не владеат тотално јужњачки правила. И доволно на југ за да си ветам дека ќе се вратам пак. Некогаш, во иднина.
Во зоната на Конеро владеат селски правила, насмеани луѓе, помедитеранска храна, поголеми порции, помали сметки, поубаво море. Не знам зoшто, ама сликите од Охрид постојано ми се мешаа со она што го гледав. И јас тврдам дека ако Трпејца беше на море, ќе беше во Конерската област. Малечки селца низ целиот рид. Некое рибарско место покрај море, некои развиени на самиот рид, а морето останува под нив. Мали заливи, непреполни бели плажи и ресторани на самата плажа. Убаво ми е.
Сватив дека е место за мене кога пробав да резервирам хотел. Се јавувам и прашувам дали имаат слободна соба за два дена.
" А сакате соба?" (Не бе, се јавувам да си позбориме!).
"Па не знам дали има слободна." (Како можат во хотел, на сред сезона да не знаат дали има соба, не ме прашувајте).
"А кога ќе знаете? "
Па јавете се во петок." Се јавувам.
" Не знам дали ќе има соба. Денес приквечер ќе ги прашам гостите кога точно си одат!"
Мислев дека е некоја шега. Останав подзината, ама се заинаетив. Го сакам овој хотел. Следниот ден, конечно ми викаат дека имаат слободна соба.
Така започна мојата авантура. Нумана и Сироло, две селца кои цел живот се конкуренција. Уште не можам да разберам зoшто најчесто два соседни града се скоро секогаш во војна, ама и овие не се исклучок. И годинава го добиваат синото знаменце кое ЕУ го дава на места каде што водата е најчиста. Најмногу, нормално, се забавував за време на оброците. Иако сме само на 200 км од дома, не можам да поверувам дека пастата има друго име, школките ги готват различно, а порциите се прилично балкански. Превртувам очи за лигњите, кои немаат врска со оние грчките за кои човек треба да има сериозна вилица.
Одиме на аперитив во "Кландестино", во Портоново. Ова е најизвиканото место во целата околија. Големиот италијански шеф Морено Чедрони пред неколку години си го исполи најмедиокритетскиот сон на сите Италијани: да си отвори барака на плажа. И тоа ептен барака. Местото е сугестивно, нема збор. Мала пуста плажичка со тиркизно море. Единствен звук што се слуша е звукот на чашите и на чиниите. Сè измешано со звукот на морето. Аперитивот е необичен зашто наместо да ти донесат мезе, ти носот конзерви храна. Овој голем шеф си направи ваков бизнис. Бара низ светов, главно од Шпанија и Италија, луксузно конзервирана храна. Јас на пример земав некои сардини во маслиново масло кои ми беа просто послужени: на бела чинија, отворена конзерва сардини. Леб црн и бел послужен во хартиена кеса. Тоа е познатиот аперитив во "Кландестино". За мене многу извикано, повеќе од колку што заслужува.
По препорака на пријатели остануваме на вечера во Портоново. Ресторан осветлен само со свеќи, на самата плажа, на 2 метри од водата. Иако местото е елегантно и беспрекорно, има некоја толку пријатно наштимана атмосфера , невообичаена за претенциозните места што го забораваш цел контекст. Пет плус.
Денот го поминуваме во Сироло. Бомбона. Средновековно гратче заробено во зеленилото на Конеро каде нема нешто што штрчи, сè е чисто и пицнато. Одиме на пазар, шетаме низ малите улички, покрај црквата, надолу и го напуштаме за да одиме кон плажите. Сончогледови полиња и некој пинг понг на слики кои се редат наизменично. Никаде нема гужва. Никаде не се чека ред. На плажа сме стотина души. Во вода скоро секогаш сама. Изгледа како да е септември, а не јули. И како што e редно, влегувам во симбиоза со местото и станувам мрзлива. Опуштена и лесна. Поданапиена. Без желба да си одам дома. И во вакви денови, пак се заљубувам во Италија.
Успорено мислам колку е летото безобразно во град. И нефер. Плус, јас не сум ти некој љубител на лето и на горештини. Веќе сонувам костени.
Излегов од шема. Океј, си се разбравме. Немам желба за градски најтмер, ама немам ни избор.
Се враќам дома со исплеткана коса, испотена, солена и понекое камче потскокнува од торбата. Порано се смеев кога на вести слушав дека Италијанците страдаат од пост-одморска депресија.
Ама уствари, има некоја логика.
Се надевам дека се држите со скопската горештина. Ако сте веќе на одмор, ви завидувам. Ако се спремате, среќен ви пат и убав помин.
Емили, Италија