А од љубов не се бега...

Ти сакаш само да ме ебеш

Ја сакам Македонија. Со цело срце ѝ ги сакам доматите кои ги раѓа околу Сарај па Васе Амзо прави салата каква немале ни на тајната вечера. Пази, да имале такво мезе Исус и екипата, така ќе се заракијале што Јуда немало да може да стане од софра за да си ја оствари предавничката карма. Ботом лајн, опијанет ќе кажел што планира па ќе го згрбавеле од ќотек апостолите и Бог немаше да ни е лут цели два месеци после тоа. Али нема такви патлиџанчиња во Ерусалим, нема...

Ги обожавам планините и криволикиот пејзаж меѓу Охрид и Скопје, иако ме мрзи да го возам бидејќи патот е напорен како писмена работа по македонски јазик на тема „Зошто протестираат вработените во Охис?". Жените? Преубави бе. Посебно преку лето. Да здивиш како мачка во февруари, како циганче на цреша, како Грк на протест, како Раде Рогожаров на Евросонг. Музика? Имаме, можеме. Што наше - што комшиско, се наоѓа. Светските поп-ѕвезди доаѓаат во халеев ритам, али барем Белград и Софија се блиску, а автобусите до таму климатизирани. Што ни фали? Еве што:

Ни фали Париз, македонски град, македонски град! Го сакам од првиот момент кога ја чув „Jazz is Paris, Paris is Jazz" на Малком Мекларен. Во главата си создадов една идилична слика за главниот град на уметноста во светот. Замислував кафетерии на агол на улици со ограда од лијани, мирис на крофни и пресно кафе, а јас читам весник во 9 наутро, од назад нанапред нормално, тотално незаинтересиран за аферата за прислушкување во САД и Британија, со лесна полова болка меѓу бедрата кога е во прашање БДП-то на Естонија или казната која го стига секој, па макар и да се викал Силвио. Шмрчкам кафе, шибам до Дофен да прелистам некоја страна, попатно минувајќи по калдрмите на кои свират новиот Мајлс и Сатријани, а навечер со младите Парижани се бесиме по мостовите на Сена и гаѓаме со смоки збунети туристи на вечерна тура на брод, колку да се знае кој е шеф сале во сиот тој барокен град покорен од 300+ метарскиот метален канцер кое му дава единствен шарм како бемката на лицето на Мерлин Монро.

Пали го моторот и продолжи за Италија. Шибавела Тоскана, бараме село во близината на Фиренца. Кога ќе го најдеме, ја бараме куќата од сив камен со зелени кепенци. Личи на замок, а околу неа има 3 хектари лозје. Воздухот мириса на свежо испечен леб и темјаника. Света причест со телото и душата на единственото лице на Бог кое ќе го видите – Природата. Таков леб и такво вино пиеле и Микеланџело и Донатело и Брунелески и Ботичели. Седиш на стол, сонцето ти го свири Боб Дилан на армоника. Медитираш. Го слушаш септември со ајвар и со пресно кисело млеко. Ој Европо, лепша од Париза!

Ајмо до Каталонија, посред Барселона. Од пиле млеко, флаширано, можеш да најдеш 24/7 (по потреба и повеќе). Сега сме во градот во кој затоа што природно им дошло (ги родиле таму, ебем ли га) или по свој избор и полна морална материјална и кривична одговорност, добар дел од животот поминале фаци како Гауди, Миро, Пикасо, Дали и други чауши со голем телевизор на рамењата. Ај што секоја недела може да одиш на бундес-лига утакмица и да ја мирисаш тревата која ја ораат Меси, Иниеста и Чави, него и кога и да посакаш можеш да се качиш на +60 метри во една од кулите на Саграда Фамилија па да го пуштиш мозокот на берење шишарки, проникнувајќи во генијот на месје Антони, замислувајќи го како дете кое се шутка по некоја нива, набљудува флора и фауна и во главата ги дисекцира и реконструира тие совршени природни форми пар децении пред да ги изгради низ цела Барселона.

Си за до Германија? Австрија? Чешка? Словачка? Да кркнеме по еден франкфуртер вурстхен заедно со Будвајзер директ од изворите во Будвар, да седиме на клупа и повторно да го гледаме божјото дело откако креаторот на седмиот ден пошто бил порелаксиран решил да ги исконструира сите тие двоножни бомби кои се користат во постојаната борба против естетските талибанци?

Видиш, проблемот не е до мене, ни до тебе. Јас ги сакам Париз и Барселона во Македонија и им давам да допрат до мене. Им дигам хауба и им давам да ми сменат масло, да проверат ладњача, да стегнат гуртни, да изгланцаат дискови. Све је моје нивно. Ама, ми фали возвратеноста на љубовта. Секој добар поет би ви кажал дека има потреба од невозвратени емоции за да е креативен и експресивно насочен кон хартијата и мастилото. Да го пушти како Дунав да му протече од срце по целиот лист на кој се исцртани привидните граници на териториите кои го делат Европскиот сон. Ама, во што сме вљубени? Каква женска сакаме да држиме за рака? Љубовта е ирационална, не сака правила, не почитува догми, вери, раси, политички и сексуални определби. Моќна е. Впива. Те привлекува со најнеобјаснивата гравитациона сила и не ти дава да дишеш. Ја сакаш, а не знаеш зошто. Имаш фиксација кон идеја, без да размислиш за реалната издржаност на истите.

За жал, морам да ти кажам дека нема обострана љубов меѓу Македонија и ЕУ. Ние си ја љубиме, таа само нè симпатизира. А симпатија ко симпатија, доволна е за љубената да нè бапне некоја вечер и утредента да те разбуди со кафе, алармирајќи нечујно дека е време секој да си го фати својот пат. Од време на време ќе си пишеме пораки, кога другите ги нема и кога ќе нè удри биолошкиот порив на ситуирање и желбата да имаш некој кој ќе ти свари супа со лимон и мелен црн бибер кога си омалаксан, во пред-грипосана состојба. Ама ЕУ ти е богата шмизличка, Парис Хилтон од организација, која викендов резервираше сепаре на сплав во Белград и реши дека ќе ја плесне Србија, откако малку ѝ здосадија бугарските пејачки и младите преубави Романки. Еден ден ќе дојдеме и ние на ред, ама маката е што за разлика од комшилукот, ние сме бе некако најемотивни. Ако нè погоди некоја песна, пола плата може да ја оставиме во кафана. И за врска си бараме љубов. А кога има љубов меѓу нас и нив, нема граници. Таква е љубовта, ко Шенген. Во Брисел се продава за 40 евра од половина час. Договорени бракови ни паѓаат тешко. Душата ни сака љубов.

Целата суштина на „проблемот“ на насушната потреба од возвратеноста на љубовта е во прокламираната неопходност од надворешна сензација, страно тело, друг дух кој е потребен да препознае дека вредиш, дека те бива и си добар, духовит, паметен, добро пееш и знаеш да готвиш, за да ти се осеќаш мирно, за да си го најдеш спокојот. А истокот вели дека сето има смисла кога истата потврда за сопствената вредност ќе ја најдеш во себе. Кога ќе си допреш до душата и кога ќе ја галиш и негуваш, бидејќи е најсветото нешто што го имаш. Кога ќе си во склад со сопственото битие, ќе си неброено пати помоќен. Лас Вегас нема да ти ги полни очите како резервоар во Либија, ако знаеш каде да чекориш пеш и да се надишеш чист воздух, не загадувајќи ја средината околу тебе. Полу-флоскулно ама вистинито: ако не се сакаш себеси, не можеш да очекуваш друг да те сака. Држава со ниска самодоверба стално ќе служи само за поткусурување. За играње на шипка, додека некој накокан и нафатиран човек во средовечна криза не ја ангажира за мала масажа со хепиенд (види: „Нато во Авганистан“ од непознат автор). И во таква држава Ајфел, Гауди, Климт и Ајнштајн ќе се осеќаат комотно и творечки слободно како Тим Робинс во „Бегство од Шошенк".

Ама хеј, и ние сме душички и сакаме некогаш нешто да боцнеме. Европјаните душата стварно не можат да ни ја земат. Ама „2000 евра на сиртаки" – можат, бидејќи ние бе сакаме да им платиме, со ќеиф. Зошто сакаме? Едното објаснување е пан-европското конформистичко - „това е". Им дал Севишниот еснаф трговци, што да се прави.

Другото е дека на западот нема ништо ново, а истокот сè уште ни е многу далеку.

Ама...те боли цев. Турско било, па прошло. Нели.

 

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

28 јуни 2013 - 16:37