
Ќе мора да се подготвиме за свет кој не ни е познат. Клучните вредности на човештвото како што се слободата, човечката поврзаност, одговорноста, реалноста и моќта се соочуваат со голем предизвик да бидат нарушени од вештачката интелигенција, вели Мо Гавдат, лидер на развојното одделение познато како Гугл икс.
Тој вели дека првите знаци од дистопијата незабележано се појавиле лани. Ситуацијата нагло ќе се влоши во следните две години и „ропството“ ќе трае долго, меѓу 12 и 15 години.
И самиот одговорен за развој на напредни технологии, Гавдат порано не бил заговорник на апокалиптични теории. Но, вели дека го предомислила брзината со која се развива ВИ денес.
Краткорочна дистопија е неизбежна. Сосема е во наши раце да го промениме тоа, но мислам дека човештвото во овој момент нема свест да се фокусира на ова, рече Гавдат.
Тој објаснува дека технологијата сама по себе не е двигателот на дистопијата, а особено не на начинот на кој повеќето луѓе ја замислуваат, како на пример загрозување на егзистенцијата на човештвото ако машините ненадејно решат да преземат целосна контрола.
Апсолутно нема ништо лошо во вештачката интелигенција. Има многу лошо во вредносниот сет на човештвото во ерата на подемот на машините, вели Гавдат.
Вештачката интелигенција всушност има прилично утописка мисија. Со понатамошно автоматизирање на секојдневните задачи, ВИ има потенцијал да им ги олесни обврските на милиони работници ширум светот во секоја област, отворајќи им повеќе време од денот за слободни активности, без притоа да ја жртвува целокупната продуктивност.
Сепак, работите не се одвиваат баш така за работниците. Во свет управуван од една вредност над сите други - капитализмот - тој утописки сон е искривен од неуморната потрага по профит.
Нарушувањето на пазарот на трудот од страна на ВИ веќе почна, бидејќи технологијата почнува целосно да го преобликува пристапот кон работата. Наместо да им помагаат на луѓето во обемот на работа, компаниите што ја максимизираат продуктивноста со ВИ отпуштаат луѓе или бараат уште повеќе од работниците. Разликата помеѓу намената и реалноста на негативните последици веќе се одрази и со други технолошки достигнувања.
Колку често нè поврзуваа социјалните медиуми и колку често нè правеа поосамени? Колку често мобилните телефони нè тераа да работиме помалку? Тоа беше ветувањето, раните реклами на Нокиа, каде што луѓето правеа забави, дали е тоа вашето искуство со мобилните телефони? прашува Гавдат.
Многу поголема опасност од генерирањето лажни видеа со порнографски содржини е користењето на ВИ за да се максимизира смртноста од војувањето со автономно оружје, кое самото препознава и избира цели за ликвидирање. Групи за човекови права предупредуваат дека не е далеку времето кога ВИ ќе добие пристап и контрола до нуклеарното оружје.
Вештачката интелигенција, исто така, на автократските власти им дава на располагање нови алатки за надзор и контрола врз граѓаните. Најчесто спомнуван пример е Кина, каде што камери во градовите ги снимаат луѓето и ги препознаваат според биометриските податоци. Во САД масовно се следат активностите на социјалните медиуми.
Во заден план е потенцијалот на ВИ за промени на добро. Се користи за рано откривање болести и за создавање нови лекови. Во индустријата служи за поефикасни конструкции и развој на поиздржливи материјали.
Гавдат верува дека овој потенцијал ќе придонесе за утописка употреба на вештачката интелигенција во иднина, но дури кога човештвото ќе ги надмине сопствените предизвици.
Граѓаните треба да извршат притисок врз властите за да им покажат дека постои граница за молчење. Не е работа на владите да го ограничуваат развојот на ВИ туку треба да ја регулираат нејзината употреба. Не можете да регулирате дизајн на чекан за да може да забива шајки, а да не убие никого, но можете да го криминализирате убиството на човек со чекан, објаснува Гавдат.