Оти па му е гајле

Биби го спржи угледот на Израел кај Американците

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху направи хаос во американската перцепција на Израел а војната со Иран дополнително го влошува односот со САД. Падот на имиџот на Израел е највидлив кај помладите Американци, но го погодува и Конгресот. Пратеници кои започнаа јако произраелски настроени стануваат сè погласни критичари на авантурата во која Биби го вовлече Трамп.

Секој демократ од Сенатот кој е лично заинтересиран за претседателска трка во 2028 година, изминатата недела гласаше против продажбата на оружје на Израел. 40 демократи од Сенатот гласаа за резолуција за блокирање на продажбата на оружје на Израел, во споредба со само 15 на слично гласање минатиот април.

„Нетанјаху ја уништува двопартиската природа на поддршката за Израел“, изјави сенаторот Рубен Галего, демократ од Аризона.

Во Претставничкиот дом, демократи се свртуваат против воената поддршка за изралеската одбрана, вклучително и финансирањето на израелскиот систем за ракетна одбрана „Железна купола“.

Пред четири години, спротивставувањето беше маргинално. Денес, повеќе демократи кои гласаа за Железната купола во 2021 година, за Аксиос рекле дека е завршено со тоа. 

Според истражување на Пју, постарите републиканци и белите евангелисти се последните групи кои имаат мнозинство позитивни ставови за Израел.

Во  очите на секоја друга демографска група, Израел паѓа. 

  • Намалување за 31 процентен поен има кај постарите демократи (на возраст од 50+).
  • Намалување за 22 процентни поени и кај помладите републиканци/симпатизери на Републиканската партија и кај помладите демократи/симпатизери на Демократската партија.
  • Намалување за 14 процентни поени има кај протестантите, 23 кај католиците и 20 кај религиозно неопределните .
  • Дури и поддршката на белите евангелисти, која беше 80% во 2022 година, се има намалено за 15 поени.
18 април 2026 - 20:13