Религијата, политиката, културата и економијата работат на ист оперативен систем: произведуваат недостаток, а потоа продаваат припадност.
Пакувањето се менува со секоја генерација. Само гужвата е вечна.
Четири од најпродаваните лаги:
1. Послушност = Светост
Омилен производ на институционалната религија отсекогаш бил управуваната сигурност. Прифатете, придружете се и престанете да поставувате прашања што го потат попот. Кога црквите, храмовите и џамиите проповедаат дека послушноста е еднаква на светоста, всушност порачуваат: не ја тегнете темата. Трикот што ја одржува измамата: кооптирајте го бунтовникот, канонизирајте ја послушноста, задушете го пореметувањето.
Земете го Исус - ги преврте масите и им кажа на трговците што мисли за нивната лакомост. Тој човек не можеше да се менаџира. А што направи институцијата? Го претстави бунтот како жртва, ги извлече деловите што звучеа како покорност и изгради 2.000 годишна бирократија врз урнатините на она што тој реално претставуваше.
Светоста никогаш не била послушност. Секогаш била бунт со сочувство. Но, бунтот не ја полни чинијата и трпезата.
2. Политичарите работат за вас
Секој говор започнува на ист начин: „Јас сум тука да му служам на народот“. Да ни се живи ви здрави. Проблемот не е партијата туку архитектурата. Кога едно место во Сенатот чини 30 милиони долари за да се освои, не добивате претставници. Добивате извршители на класата донатори. Папочната врска меѓу лобистите и пратениците не е грешка или скандал; тоа е суштината. Генијалноста на системот е во тоа што ви остава доволно простор за да почувствувате дека сте важни. На секои две до четири години се чувствувате како шеф. Во остатокот од времето, „луѓето“ се само реторичка завеса за да се продадат одлуки донесени уште пред отворањето на гласачките места. Вашиот глас е важен колку што е важна анкетата за задоволство на клиентите - ќе ја прочитаат, ќе ја архивираат а потоа ќе го направат она што го сакаат акционерите.
А најсофистицираното нешто што машината некогаш го направила е да ве убеди дека проблемот е другата страна.
3. Среќа = Достигнување
Културата почнува да го шепоти ова уште во градинка: не бидете задоволни со доволно, среќата е отаде доволното. Борете се за оценката, заработете пари, направете пресврт.
Кога конечно ќе стигнете таму - кога конечно ќе ја преминете целната линија на она што ви било кажано да го бркате - линијата се поместува. Секогаш ќе се поместува. Тоа поместување е производот.
Универзитетите ја усовршуваат оваа литургија со децении. На 18-годишниците им продаваат скапо образование со најава дека дипломата е пред врата. А потоа за работа не е доволна диплома туку и искуство. Постигнувањето не е дестинација туку модел на претплата.
Фетишот на макотрпниот труд е само секуларно евангелие: работете понапорно, оптимизирајте повеќе, страдајте правилно и благословот ќе дојде.
Тоа не прашува што сакате или за што сте. Само ве држи во движење. Еве што не се продава: раат, обични врски, оној незабележителен вторник кој баш беше ок. Тие работи се бесплатни, цели индустрии пропаѓаат ако сериозно се зафатите со нив.
4. Напорната работа секогаш се исплати
Ова е приспивната песна што капитализмот ја раскажува за да го заштити митот за меритократијата. Работете напорно, држете ја главата наведната и успехот ќе следи. Освен што платите функционално се рамни со децении, додека продуктивноста постојано растеше. Просечниот извршен директор денес заработува приближно 300 пати повеќе од она што го заработува просечниот работник. Генерациското богатство се зголемува но структирата е сè понеповолна.
Луѓето работат на две работни места, па сепак мора да избираат помеѓу инсулин и кирија.
Кога математиката не испаѓа, системот има подготвен одговор: сигурно не сте го сакале доволно. Така се затвора кругот. Ако успеете, системот ја презема заслугата. Ако не успеете, вие ја преземате вината.
Ова не е дебата против трудот. Ова е аргумент против користењето на работата како морална категорија - против идејата дека исцрпеноста е доблест, одморот е мрзеливост а вашата вредност како човечко суштество се чита во вашиот резултат.
Заедничката нишка
Сите четири лаги орбитираат околу истото Сонце: нешто ви недостасува, а некој друг го има лекот. Религијата вели дека сте скршени без институцијата. Политиката вели дека сте немоќни без нивното водство. Културата вели дека сте нецелосни без достигнувања. Економијата вели дека сте безвредни без мака. Секоја од нив ве враќа во зависност - од системи кои функционираат само кога не ги преиспитувате премногу силно или предолго.
Постои причина зошто вистинските мистици завршиле или маргинализирани или како маченици. Тие биле доволно дрски да кажат дека она што сите го продаваат веќе е бесплатно.
Вие не сте проект што треба да се заврши. Не сте скршени на начин што бара нивен посебен комплет за поправка. Измамата функционира само ако продолжите да верувате дека ви е потребно она што го продаваат.
Следниот пат кога некој ќе ви понуди светост преку почитување, слобода преку одобрени кандидати, радост преку продуктивност или достоинство преку прекумерна работа - прочитајте го ситниот фонт на понудата. Ова не се само лоши идеи, тоа се производи, рафинирани со векови, тестирани на популации. За максимална екстракција.
Да ги одбиеш не е цинизам. Тоа е најстарата форма на вера што постои - онаа на која не ѝ е потребен посредник.

* извор