По дефиниција, секое непожелно растение се вика плевел. Оваа дефиниција е полна со предрасуди и не ја кажува целата вистина. Излегува дека плевелите се направени само да ни прават проблеми и дека нема никаква корист од нив. Тоа не е вистина. Иако можеби во твојот двор или за тебе се непожелни (а прашање е дали би требало), тие се вешто замислени живи организми со благородна цел. Ни оддалеку не се лоши растенија.
Самото име „плевели“ е дискутабилно. Можеби би требало да ги викаме диви растенија или дури диви цвеќиња. Некои навистина се прекрасни и многу корисни. Зошто не ги запознаеш малку подобро плевелите во твојот двор?
Има многу начини да се почне да се учи вистински
за дивите растенија, а не само да се плеват
Плевелите постојат со цел. Ако нема такви диви растенија кои не зависат од нашата грижа (жити грижата!), кои не ги садиме, не ги полеваме, а сепак ги има во неброено изобилство, не би постоела планетата Земја таква каква што ја познаваме. Еден пожар (на пример) остава зад себе гола, незаштитена почва. Дождовите брзо би ја испрале во реките, па во морињата. Почвата е материја што се прави многу бавно, со илјадници па и милиони години, никој точно не знае. Сепак, знаеме дека ако еднаш отиде во море назад не се враќа, а со тоа трајно се губи можноста за нова шума или поле на истото место. Но, некој се погрижил да постојат дивите зељасти растенија (кои ги нарекуваат „плевели“), да ја обраснуваат и да ја штитат почвата. Таа останува заштитена сè додека не дојде некој човек да ги отстрани, или додека некое дрвце не из’рти меѓу нив па да почне обнова на шумата. Овој процес е толку фасцинантен што некој што има ценење за него може да го опишува со саати или да ужива набљудувајќи го од година во година. Да, плевелите се многу корисни за почвата и за екосистемот.
Освен тоа, доста од вообичаените диви растенија или се за јадење, или за лек, или се преубави за гледање. Вреди да се научи повеќе за нив.
Див спанаќ – едно од најчестите непожелни растенија.
Во многу погледи и побогат од култивираниот спанаќ
Мишјакиња – многу чест „плевел“. Извонредна салата.
Тучница (тушт) – пребогата со витамин Ц
Пак за почвата. Гола земја е анатема (проклетство). Применето на дворовите, промашена работа е „прашење“ (прашајте некој постар ако не знаете што е тоа) и плевење без мулчирање (покривање). Нелогично губење време и труд. А секоја година толку многу луѓе мачно го повторуваат и по неколку пати... Во ред, мулчот не е толку добра заштита за почвата како растителната покривка (од плевели, на пример). Затоа постојат плевелите (уф, толку ми е тежок овој дискриминирачки израз...) и ќе се појави по некој и после совесно плевење и мулчирање. Ќе треба да се подзаплевува овде-онде пак, но ни оддалеку не толку често ни мачно. Препорака: Нова површина за садење или сеење би требало да се исплеви добро и темелно не еднаш туку двапати, во временски распон од месец дена, а потоа да се покрие (или да се затреви) што поскоро.
Добро алатче за плевели со длабок вретенест корен
Имајќи го на ум сето погоре кажано, да се вратиме пак на дефиницијата. Плевели се сите непожелни растенија во дворот. А, да не треба случајно да си ги смениме желбите? Некои имаат силна желба за идеален тревник без ниедно плевелче. Да ви кажам нешто искрено. Без тони и тони хемија, и без нелогично многу работа, нема да имате таков тревник. Многу полесно, а и подобро, е да научиме нешто за природата и за дивите растенија и да соработуваме со нив, а не да се бориме против нив. Постојат поединци кои ги замениле своите тревници со диви ливади, и уживаат во промената. Друг компромис ви е да косите на највисок степен на косилката, често, и да не го собирате откосот... и да толерирате малку диви растенија. Скоро сум сигурен дека кога окото ќе ви се навикне на промената, ќе уживате во неа и ќе си кажете: ‘Ах, како не ми текна порано на ова!..’
Ливадите се рај за очите
Тревник со плевели може да биде многу убава глетка
Не се бори со природата; научи да соработуваш со неа