Сè личеше на обичен работен ден за Французите.
Си го тераа вообичаеното мултиетничко и мултирелигиозно темпо на живот, горди на тој живот, налик петелот од нивниот државен грб. Благодарение на таа мултирелигиозност, и ние православните Македонци низ Франција и Париз го прославуваме Божик собрани во црквата.
Во преполната црква, среќата што можев да им ја соопштам радосната вест дека Христос се роди на моите стари парохјани, пријатели и соборци со кои се знаеме веќе цели 10 години, и на многу нови луѓе кои се приклучиле во црковниот живот беше неизмерна.
Им зборував дека Господ Бог е долготрпелив и многумилостив. Им зборував дека такви треба да бидеме и ние. Дека Господ Бог не ја сака смртта на грешникот, и дека сака секој да се покае и да биде жив, дека и ние треба да простуваме, и дека не треба да посакуваме било чија смрт. Дека еве Христос на овој ден, смирено се роди во пештерата, за нам да ни покаже дека не ни е потребна надменост туку едноставност.
Дека ова е денот кога се исполнува Стариот Завет и се воспоставува Новиот. Новиот во кој завршува старозаветното ''око за око - а заб за заб" и дека Новиот завет е завет на љубовта во кој не бараме ни око, ни заб, туку кога нè удираат по едниот образ, го вртиме другиот за да му укажеме на неразмноста на потегот на оној кој не удрил.
И завршува литургијата.
Се поздравуваме меѓусебе во името на таа љубов која денес се раѓа во ликот на Христа, и одеднаш...
Сите се Шарли.
Сите зборуваат за смртта наместо за раѓањето, за некое убиство недалеку од нас. Одеднаш наместо радост и љубов, завлада страв, осудување и омраза. Нè праплавија телевизиите со вести во кои ни кажаа дека сте сме Шарли Ебдо, бидејќи треба да ја браниме слободата на говорот, па макар била таа искажана и преку навредувачка карикатура.
Е да, секогаш ќе ја браниме слободата на говорот, не секогаш и ќе ја оправдуваме, бидејќи боли кога е сатирична, особено кога повредува национални и верски чувства.
А Шарли нè задеваше и нас христијаните и муслиманите. Верувам дека и Јудеите подеднакво (иако не сум видел) бидејќи мнозинството на уредништвото припаѓаа на оваа вера и нација. А баш не е вкусно кога ги исмејуваш другите, а не си самокритичен.
Уште поневкусно е кога после масакрот ќе прочиташ, кога ќе чуеш: сами си го бараа, ја претераа, арно им се стори, Господ ги казни, Цацко им е крив...
Така треба да гледаме од христијански агол?
Нели споменав дека за христијаните не е долично веќе да се раководиме од ''око за око и заб за заб"?
Не знам, не сум сигурен дека во некоја религија можеби уште се раководат од тоа правило на очи и заби, но знам и сум сигурен дека ниедна религија вклучувајќи го и атеизмот, не нè учи за око да се кине глава. Не нè учи ни потоа за главата - глава да се бара, па да се има изговор за исламофобијата, и да се прават потоа оправдани заговори за борба и прогон.
Имаше пред неколку векови такви обиди во име на Крстот да се прават војни кои освен сиромаштија и грабежи, ништо друго добро не донесоа. Имаше и Втора Светска војна од слични побуди, го имавме не така одамна и 11 септември. Сега често слушаме за Џихад. Нема ни Џихадот да донесе ништо добро.
Не мора Бог да нè учи.
Зарем историјата не нè научи дека во такви случаи само наивните и сиромашните гинат, а паметните ќе дотураат бензин на огинот и дебело ќе профитираат во нивните политички и економски кариери. Зарем не сакаме да сфатиме дека ним со својата стекната моќ и капитал, секое место на светот ќе им биде убаво за живеење, а ќе го убедуваат емигрантот дека треба да бара поубаво место од својата татковина, а кога ќе дојде таму да бара таа нова татковина да се подреди на него и неговите закони од кои избегал, наместо тој да се прилагоди на постоечките закони.
И мудрите ќе се фатат рака под рака со Оланд, Меркел, Самарас... и ќе дефилираат неустрашиво низ париските улици на монтирани фотографии демек со народот, а наивните фанатици без разлика на која религија припаѓаат, ќе се тепаат низ сиромашните нечисти предградија.
И кога ќе сумирам дека од борбата за и против слободата на говорот, намерно или ненамерно се изродиja исламофобија, заговори, други убиства и закани во најава, ќе се запрашам...
Дали и јас сум Шарли?
Дали уште треба да бидам? Дали Шарли остана само симбол на борба за слобода на говор или...
Не знам, и не е мое да судам кој е крив а кој е прав, кој прв започна, и кој е тој што прв или последен ќе заврши, Шарли или Кулибали, но верувам дека сега тие самите горе на Небесата излезени пред Праведниот судија, знаат кој е крив а кој е прав, и јасно им е дали слободата на говорот или слободата со куршум да се прекине таа слобода на говор, нам ни ја загрози слободата на љубов кон ближниот, дури и кон непријателот, слободата на движење и слободата да се биде слободен човек.